Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од Евангелието според Марко

 <<    >> 
10. лекција Сабота, 5. декември 2020

Исус зборува за своето царство

„Царството Божјо нема да дојде преку нешто што може да се забележи, ниту, пак, ќе може да се каже: ,Еве, овде е‘ или: ,Еве, онде е‘. Зашто царството Божјо е во вас внатре” (Лука 17:20,21).

„Божјото царство почнува во срцето. Не очекувајте дека овде или онде ќе се појавуваат знаци на земна сила кои ќе го одбележат неговото доаѓање”. – Копнежот на вековите, 506.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Копнежот на век., 419-425, 509-510. 

Недела 29. ноември

1. РАНИ НАВЕСТУВАЊА ЗА СТРАДАЊАТА НА СПАСИТЕЛОТ

а. Кое прашање учениците Јованови му го поставиле на Исус? Како книжниците и фарисеите се обиделе да го омаловажат во очите на луѓето? Марко 2:18.

„(Фарисеите) ги побарале учениците на Јован Крстителот, настојувајќи да ги поттикнат против Спасителот. Фарисеите не ја прифатиле мисијата на Крстителот. Тие подбивно укажувале на неговиот живот полн со самооткажување, на неговите едноставни навики, на неговата груба облека и го прогласиле за фанатик...

Сега, кога Исус се дружел со луѓето и кога јадел и пиел на нивната трпеза, тие го обвиниле дека е ненаситник и пијаница. Овие обвинувања биле токму од оние, кои самите биле такви. Како што сатаната погрешно го прикажува Бога и му припишува свои сопствени особини, така тие безбожни луѓе лажно ги претставувале Господовите гласници”. – Копнежот на вековите, 275,276.

б. Како Исус ја искористил оваа можност да пророкува за Неговите страдања? Марко 2:19,20.

„Сликата што Христос ја прикажал со овие зборови, била блескава, но над неа лежела темна сенка, која само Тој ја видел”. – Копнежот на вековите, 277.


Понеделник 30. ноември

2. ОТКРИВАЊЕ НА ИДНИНАТА НА УЧЕНИЦИТЕ

а. Како Исус јасно им ја открил иднината на своите ученици? Марко 8:31; 9:31.

б. Каков бил одговорот на Петар? Како реагирале останатите ученици? Марко 8:32; 9:32.

в. Како Исус се обидел да го поправи вообичаеното недоразбирање во врска со Неговото царство? Јован 18:36. Како многу луѓе го мешаат Неговото царство на милоста со идното царство на славата?

„И денес во верскиот свет има многумина кои, како што веруваат, работат за воспоставување на Христовото царство како земно и временско владеење. Тие сакаат да го направат нашиот Бог владетел на царствата на овој свет, владетел во земните судови и кампови, законодавни сали, палати и пазари. Тие очекуваат Тој да владее со помош на легални закони, спроведени од човечката власт. И бидејќи Исус сега не е тука лично, тие самите ќе преземат на себе да дејствуваат наместо Него и ги спроведуваат законите на Неговото царство. Воспоставувањето на такво царство го претставува она што го посакувале Евреите во Христовото време. Во тоа време тие би го примиле Христа, кога Тој би имал волја да воспостави земно царство, и да го спроведе она што тие го сметале како Божји закон и нив да ги направи извршители на својата волја и претставници на својата власт. Но Тој рекол: ‘Моето царство не е од овој свет’. (Јован 18:36) Тој не сакал да го прими земниот престол”. – Копнежот на вековите, 509.

„Денес, како и во Христово време, делото на Божјото царство не лежи во рацете на оние што гласно бараат признавање и поддршка од земните владетели и човечките закони, туку во оние што во Негово име му ги објавуваат на народот оние духовни вистини, кои животот на слушателите ќе го доведат до искуство слично со Павловото: ‘Со Христа сум распнат и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене’ (Галатјаните 2:20).” – Копнежот на вековите, 510.

„Многумина од нас се груби камење од каменоломот. Но, додека се држиме до Божјата вистина, нејзиното влијание влијае врз нас. Таа нè воздигнува и отстранува од нас секоја несовршеност и грев, од било која природа. Така сме подготвени да го видиме Царот во Неговата убавина и конечно да се обединиме со чистите небесни ангели во царството на славата”. – Counsels on Health, p. 44.


Вторник 1. декември

3. ИДНОТО ЦАРСТВО НА СЛАВАТА ВО МИНИЈАТУРА

а. Што им рекол Исус на учениците за видувањето на Неговото идно царство? Марко 9:1.

б. На кого му е даден увид во Неговото царство на славата? Зошто? Марко 9:2-4,7.

„Спасителот ја видел жалоста на Неговите ученици и копнеел да ја олесни нивната тага, уверувајќи ги дека нивната вера не била напразна. Дури и меѓу дванаесетмината, сите не можеле да го примат откровението што Тој сакал да им го даде. Само тројца, кои требало да бидат сведоци на Неговите страдањата во Гетсиманија, биле избрани да бидат со Него на гората. Сега се молел нив да им биде дадена манифестација на славата, која Тој ја делел со Таткото уште пред создавањето на светот, за Неговото царство да се открие на човечките очи и Неговите ученици да бидат доволно силни за да го гледаат тоа. Тој се молел тие да бидат сведоци на манифестација на Неговото божество, за во часот на Неговата најголема агонија да најдат утеха во сознанието дека Тој навистина е Божји Син и дека Неговата срамна смрт претставува дел од планот на спасението…

Спасителот сега бил облечен во небесна светлина, како што ќе се појави, кога ќе дојде ‘по втор пат за спасение’. Тој ќе дојде ‘во славата на Својот Татко и со светите ангели’. (Евреите 9:28; Марко 8:38) Сега се исполнило ветувањето на Спасителот дадено на учениците. На гората во минијатура било прикажано идното царство на славата Христос како цар, Мојсеј како претставник на воскреснатите свети и Илија како претставник на оние кои ќе се преобразат.

Иако не ја сфатиле таа сцена, учениците биле среќни што на трпеливиот, кроток и понизен Учител, Кој патувал како беспомошен странец му била оддадена чест од оние кон кои Небото било наклонето. Верувале дека Илија дошол да го објави владеењето на Месијата и дека на Земјата ќе биде воспоставено Христовото царство. Сега засекогаш ќе исчезнат нивните стравувања и разочарувања. Сакале да останат тука, каде што се открила Божјата слава. Петар извикал: ‘Господе, добро ни е да бидеме тука; ајде да направиме три сеници: една за тебе, една за Мојсеј и една за Илија’. Учениците биле убедени дека Мојсеј и Илија биле испратени да го заштитат нивниот Учител и да ја воспостават Неговата власт како цар.

Меѓутоа, пред круната морал да дојде крстот”. – Копнежот на вековите, 420-422.

в. Што им заповедал Исус на учениците во однос на преобразувањето? Како нивниот одговор покажал дека тие не ја разбрале природата на Неговото царство? Марко 9:8-10.


Среда 2. декември

4. ИЛУСТРАЦИИ НА ЦАРСТВОТО НА МИЛОСТА

а. Опишете на кој начин растот на семето е поврзан со Божјото царство? Марко 4:26-29.

„Христос се послужил и со други слики, трудејќи се... нивните мисли да ги одврати од надежта во некое земно царство и да ги пренасочи кон делото што го врши Божјата милост во душата на човекот”. – Христовите очигледни поуки, 62.

„Никнувањето на семето претставува почеток на духовниот живот, а развојот на растението е слика на развојот на карактерот. Без растење нема живот. Растението мора да расне или да умре. Како што неговото растење е тивко и незабележливо, но постојано, такво е и растењето на карактерот...

Растението расте примајќи го она што Бог му го одредил за одржување на животот. Така и духовниот раст се постигнува преку соработка со божествените орудија. Како што растението пушта корен во земјата, така и ние мораме да се вкорениме во Христа. Како што растението прима светлина од сонцето, роса и дожд, така и ние мораме да Го примаме Светиот Дух”. – Воспитување, 105,106.

б. На кој начин царството Божјо е како синапово зрно? Марко 4:30-32.

„Така и Христовото царство од почеток изгледало скромно и безначајно. Споредено со световните царства, тоа било помалечко од сите. За световните управители Христовото тврдење дека е цар било смешно. Па сепак, со силата што ја добиле од Бога неговите следбеници на ова царство му давале божествен живот, и тоа бргу растело и неговото влијание било силно.

Така и делото на божествената милост во срцето од почеток изгледа незначително. Ќе се изговори збор, душата ќе ја осветли светлосен зрак, ќе се почувствува влијание кое започнува нов живот, и кој може да го оцени конечниот резултат!” – Христовите очигледни поуки, 77,78.

в. Какви ќе бидат резултатите од семето на Словото што расте во нас? Јован 15:5,8; 2 Коринтјаните 5:17.

„Бог сака преку нас да ја покаже Својата светост, добрина и сочувство белезите на Неговиот карактер. Сепак, Спасителот не им наредува на учениците да се напрегаат за да родат плод. Тој им кажува да останат во Него”. – Копнежот на вековите, 677.


Четврток 3. декември

5. ЦАРСТВОТО БОЖЈО ВОСПОСТАВЕНО

а. Како Бог почнал да го воспоставува своето царство на милоста? Римјаните 5:6-10.

„Царството на милоста било воспоставено веднаш по падот на човекот, кога бил создаден планот за откуп за грешниот човечки род. Тогаш тоа постоело само во Божјата намера и во Божјото ветување, а луѓето со вера можеле да станат негови граѓани. Тоа навистина е воспоставено дури по Христовата смрт, зашто, и откако ја почнал Својата земна мисија, Спасителот можел, уморен од тврдоглавоста и од неблагодарноста на луѓето, да се откаже од Својата жртва на Голгота. Во Гетсиманија чашата на страдање се тресела во Неговата рака. Дури и тогаш можел да ја избрише крвавата пот од Своето чело и да го пушти грешниот род да загине во својот грев. Кога би го сторил тоа, за паднатиот човек не би имало откуп. Но, кога Спасителот умирал и со Својот последен здив извикнал: ‘Се сврши!’, тогаш планот на спасението бил исполнет. Ветувањето за спасение што му било дадено на грешниот пар во Едем било ратификувано. Тогаш било воспоставено царството на милоста што порано постоело само во Божјото ветување”. – Големата борба, 347,348.

б. Кој треба да биде вклучен во повикот за царството на милоста? Со каква итност треба да бидат повикани? Лука 14:21-23.


Петок 4. декември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каде започнува Божјото царство? Зошто многу луѓе бараат временско царство?

2. Кои спротивни принципи постојат во Божјото царство наспроти световното царство?

3. На кој начин идното царство им е откриено на тројцата ученици? Со која цел?

4. Опишете како се споредува царството на милоста со растот на семето.

5. Кога беше основано царството на милоста? Кога тоа е воспоставено?

 <<    >>