Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од Евангелието според Марко

 <<    >> 
4. лекција Сабота, 24. октомври 2020

Исцелување на умот

„Благословувај Го, душо моја, Господа и не заборавај ги сите Негови добрини, на Оној, Кој ги очистува сите твои беззаконија, Кој ги исцелува сите твои болести” (Псалм 103:2,3).

„Истата сила што ја одржува природата делува и во човекот. Истите големи закони кои ги водат и ѕвездата и атомот го надгледуваат и човековиот живот. Законите кои управуваат со работата на срцето подесувајќи го протокот на струјата на животот според законите на телото, се закони на моќниот Ум кој има власт над душата”. ¬– Воспитување, 99.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Копнежот на вековите, 267–271. 

Недела 18. октомври

1. ИСУС ЈА ГЛЕДА ЛИЧНОСТА ВО НЕВОЛЈА

а. Кога Исус дошол во Капернаум и се проширила веста за Неговото доаѓање, што се случило? Марко 2:1,2. Кој исто така барал исцелување, и како се приближил до Исуса? Марко 2:3.

„Слично на лепрозниот, и овој болен ја изгубил надежта дека ќе оздрави. Неговата болест била последица на грешниот живот и неговите страдања биле уште погорчливи заради грижата на совеста. Тој веќе одамна пред тоа им се обратил на фарисеите и лекарите, надевајќи се дека ќе му ги олесни душевните страдања и телесната болка. Меѓутоа, тие студено изјавиле дека не може да се излекува и го препуштиле на Божјиот гнев. Фарисеите сметале дека несреќата е знак на Божјото негодување и се држеле одвоени од болните и страдалниците. Меѓутоа, токму оние, кои се прикажувале како свети, биле поголеми грешници од страдалниците што ги осудувале.

Фатениот човек бил целосно немоќен па, надевајќи се дека веќе нема никаква помош од никаде, паднал во очај. Тогаш слушнал за Исусовите чудесни дела. Му кажале дека и други, исто толку грешни и немоќни, биле целосно излекувани, дека дури и лепрозните биле очистени. И пријателите што му го кажувале тоа, го храбреле да поверува дека и тој би можел да биде излекуван, ако го однесат кај Исуса. Меѓутоа, при помислата на причината за неговата болест, надежта го напуштала. Стравувал дека чистиот Лекар нема да го толерира него во Неговото присуство”. – Копнежот на вековите, 267.


Понеделник 19. октомври

2. ПРИЈАТЕЛИТЕ МУ ПОМАГААТ НА БОЛНИОТ

а. Кога толпата го опкружила Исуса, што направиле пријателите на болниот? Марко 2:4. Какви поуки можеме да научиме од нивната упорност?

„Луѓето што го носеле парализираниот се обидувале да се пробијат низ толпата, но попусто. Болниот гледал наоколу со неискажлива болка. Како да се откаже од надежта, кога помошта по која копнеел толку долго била толку близу? На негово барање, пријателите го однеле на покривот од куќата. Пробивајќи го покривот го спуштиле пред Исусовите нозе. Проповедта била прекината. Спасителот го погледнал неговото измачено лице и видел очи, кои молежливо го набљудувале. Го сфатил случајот; Тој го привлекол кон Себе тој збунет и сомничав дух. Спасителот ја разбудил совеста на парализираниот човек, уште додека лежел во својот дом. Кога се покајал за своите гревови и поверувал дека Христос може да исцелува, животворната милост на Спасителот го благословила неговото срце полно со копнеж. Исус видел како првиот зрак на надеж се претвора во верување дека Тој е единствениот помошник на грешниците и како тоа верување станува посилно со секој обид да се дојде во Неговото присуство”. – Копнежот на вековите, 268.

„Срцето нека ви биде проникнато со копнеж да излезете пред Бога, пред живиот Бог! Христовиот живот покажал што може да постигне човек кога ќе се здобие со дел од божествената природа. Сè што примил Христос од Бога, можеме да примиме и ние. Според тоа, барајте и ќе добиете. Исполнети со истрајна, Јаковова вера, со нескршлива цврстина на Илија, барајте да добиете се што ветил Бог”. – Христовите очигледни поуки, 149.

б. Која Христова парабола ја прикажува оваа доблест? Лука 11:5-10.

„Понекогаш одговорите на нашите молитви доаѓаат веднаш; понекогаш мораме трпеливо да чекаме и сериозно да продолжиме да се молиме за нештата што ни се потребни. Овие ситуации се прикажани со случајот на упорниот молител за леб. ‘Ако некој од вас има пријател и отиде при него на полноќ’, итн. Оваа поука значи многу повеќе отколку што можеме да замислиме. Ние треба да продолжиме со молење, дури и ако не добиваме веднаш одговор на нашите молитви. ‘И Јас ви велам: Молете и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори. Зашто секој што моли - добива, а кој бара - наоѓа, и на оној што чука - ќе му се отвори’ (Лука 11:9,10). ¬– Counsels on Health, p. 380.


Вторник 20. октомври

3. ИСУСОВИТЕ ЗБОРОВИ ГО ИСЦЕЛУВААТ УМОТ

а. Што рекол Исус, кога го видел овој болен човек? Марко 2:5.

„Тогаш Спасителот изговорил зборови, кои како музика допреле до ушите на страдалникот: ‘Охрабри се синко, ти се простуваат твоите гревови’.

Товарот на очај бил симнат од душата на овој болен; на неговиот дух почива мир на простување и го осветлува неговото лице. Болката исчезнала и целото негово битие било преобразено. Немоќниот паралитичар бил исцелен! Грешникот добил простување!

Со едноставна вера тој ги прифатил Исусовите зборови како дар на нов живот. Понатаму не барал ништо повеќе, туку лежел во блажена тишина, премногу среќен за да може тоа да го искаже со зборови. Небесна светлина го осветлувала неговото лице, додека луѓето со восхит и стравопочит ја гледале оваа сцена”. ¬– Копнежот на вековите, 268.

б. Како книжниците реагирале на овие зборови? Марко 2:6,7.

„Рабините со нетрпение чекале да видат како Христос ќе постапи со овој случај. Се сетиле како тој човек им се обраќал за помош и како одбиле да му влеат надеж и да покажат сочувство кон него. Тоа сѐ уште не им било доволно, така што изјавиле дека на себе носи Божјо проклетство заради своите гревови. Сето тоа повторно се појавило во нивниот ум, додека го гледале болниот пред себе. Забележале со колкав интерес сите ја набљудувале оваа сцена и многу се исплашиле да не го загубат своето влијание кај народот...

Исус изјавил дека на парализираниот човек му се простени гревовите. Фарисеите се фатиле за тој збор како за богохулство, убедени дека тоа можат да го прикажат како грев што заслужува смрт. Тогаш рекоа во своите срца: ‘Тој хули на Бога. Кој може да ги простува гревовите освен Бог?’ (Марко 2:7)”. ¬– Копнежот на вековите, 268,269.

в. Како реагирал Исус на нивните сомнежи? Марко 2:8-11.

„Насочувајќи го Својот поглед кон нив, од кој затрепериле и се повлекле, Исус рекол: ‘Зошто мислите зло во своите срца? Што е полесно, да му се каже на фатениот: Ти се простуваат гревовите, или да му се каже: Стани и оди? Но да знаете дека Синот Човечки има власт на Земјата да простува гревови’. Свртувајќи се кон парализираниот, рекол: ‘Стани, земи ја својата постела и оди си дома’”. ¬– Копнежот на вековите, 269.


Среда 21. октомври

4. БОЖЈАТА ИСЦЕЛУВАЧКА, СПАСОНОСНА СИЛА

а. Како реагирал фатениот на Исусовата заповед да оди? Марко 2:12 (прв дел).

„Тогаш човекот што бил донесен кај Исуса на носила, станал на нозе со еластичност и сила на младоста. Низ неговите вени потекла животворна крв. Секој орган од неговото тело наеднаш станал повторно активен. Бледилото на смртта што се приближувала било заменето со руменило”. ¬– Копнежот на вековите, 269.

б. Каква била реакцијата на народот? Марко 2:12 (втор дел).

„Исцелувањето на парализираниот човек делувало врз народот, како небото да се отворило и да ја открило славата на еден подобар свет. Додека исцелениот човек поминувал низ мноштвото, благословувајќи го Бога на секој чекор и носејќи ги своите носила како да се лесни како пердув, луѓето му правеле пат за да помине и со лица на кои се гледало восхитеност си дошепнувале еден на друг: ‘Денес видовме чудни нешта’.

Фарисеите биле неми од вчудовиденост и совладани од својот пораз... Биле збунети и посрамени, увидувајќи, но не признавајќи дека се наоѓаат во присуство на едно возвишено Суштество. Колку посилен бил доказот дека Исус има власт на Земјата да простува гревови, толку повеќе тие се утврдувале во своето неверие”. ¬– Копнежот на вековите, 270,271.

в. Кој метод го користел Бог во создавањето? Псалм 145:5; 33:6,9. Создавање 1:3. Со што Тој се служи во делото на откупувањето? Како ова се однесува на фатениот човек?

„За да се поврати здравјето на тоа тело што се распаѓало, морала да стапи во дејство создавачката сила. Со истиот збор со кој му е даруван животот на човекот создаден од прав, даден е и животот на парализираниот што умирал. Истата сила, која на телото му подарила живот, го обновила срцето. Оној, Кој при создавањето ‘рече и настана’, Кој ‘заповеда и сѐ се утврди’ (Псалм 33:9), и влеал со Своите зборови живот на душата мртва во престапите и гревовите. Исцелувањето на телото било знак на сила што го обновила срцето. Христос му наложил на парализираниот човек да стане и да оди, ‘за да знаете’, рекол Тој, ‘дека Синот Човечки има власт на Земјата да простува гревови’”. ¬– Копнежот на вековите, 269,270.


Четврток 22. октомври

5. ИСЦЕЛУВАЊЕ ПРЕКУ ПРОСТУВАЊЕ

а. Какво влијание гревот има врз нас, и што ни е потребно? Псалм 38:4; 41:4, Дела 10:38.

б. Што го прати физичкото оздравување? Псалм 103:2,3. Што можеме да научиме од приказната за фатениот човек?

„Парализираниот во Христа нашол исцелување на телото и душата. По духовното оздравување следела и обнова на телесното здравје. Оваа поука не треба да се запостави. И денес илјадници болни, слично на парализираниот човек, копнеат по пораката: ‘Ти се простуваат твоите гревови’. Товарот на гревот, со неговиот немир и неостварени желби, претставува основа за нивната болест. Тие не можат да најдат олеснување, додека не дојдат кај Исцелителот на душата. Мирот што само Тој може да го подари, би дал сила на умот и здравје на телото.

Исус дошол да ‘ги уништи делата на ѓаволот’. ‘Во Него имаше живот’ и Тој вели: ‘Јас дојдов за тие да имаат живот и тоа живот во изобилство’. Тој е ‘Дух, Кој оживува’. (1. Јованово 3:8; Јован 1:4; 10:10; 1. Коринтјаните 15:45) Тој сѐ уште ја има истата животворна моќ, како, кога на Земјата ги лекувал болните и им давал простување на грешниците. Тој ‘ги простува сите твои беззаконија’, и ‘ги исцелува сите твои болести’ (Псалм 103:3)”. ¬– Копнежот на вековите, 270.


Петок 23. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како фарисеите гледале на болните и сиромашните? Каква била вистинската состојба на работите?

2. Кога фатениот човек се покајал за своите гревови? Што го придружувало неговото покајание?

3. Како Исус го отстранил менталниот товар на овој човек, и каков бил резултатот?

4. Како начинот на кој Бог го лекува телото е сличен на начинот на кој го обновува умот?

5. За какво лекување копнеат многу луѓе во светот денес?

 <<    >>