Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од Евангелието според Марко

 <<    >> 
5. лекција Сабота, 31. октомври 2020

Христовиот авторитет

„И се чу глас од небесата: ‘Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја’ (Марко 1:11).

„И покрај тоа што гревовите на грешниот свет биле пренесени на Христа, и покрај тоа што Тој се понизил и ја презел на Себе природата на паднатиот човек, гласот од небото потврдил дека Тој е Син на Вечниот. Јован бил длабоко возбуден, кога го видел Исуса како понизен молител, Кој со солзи во очите барал потврда од Таткото. Кога Божјата слава го опкружила Христа и кога се слушнал Глас од небото, Јован го препознал знакот што му го ветил Бог. Тогаш тој знаел дека го крстил Спасителот на светот”. ¬– Копнежот на вековите, 112.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Копнежот на вековите, 593-600. 

Недела 25. октомври

1. БОГ ГО ПРИЗНАВА СВОЈОТ СИН

а. Како Отецот го признал својот Син при Неговото крштевање? Марко 1:11.

„Христовата молитва на брегот на Јордан ги вклучува сите кои ќе веруваат во Него. Примивте ветување дека сте прифатени во Возљубениот. Држете го со цврста вера. Бог рекол: ‘Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја’. Ова значи дека преку мрачната сенка што сатаната ја фрлил на вашата патека Христос го расчистил патот до престолот на бесконечниот Бог. Тој се држел за семоќната сила, и вие сте прифатени во Возљубениот”. ¬– Lift Him Up, p. 109.

„Христовата молитва за изгубеното човештво го пробила патот низ сите сенки што сатаната ги фрлил меѓу човекот и Бога, и оставила зад себе отворен канал на комуникација до самиот престол на славата...

Како одговор на Христовата молитва се слушнал Божјиот глас и ова му кажува на грешникот дека неговите молитви ќе допрат до престолот на Отецот. Светиот Дух ќе им се даде на оние што ја бараат Неговата сила и милост, и Тој ќе ја поддржи нашата слаба сила кога ќе се најдеме во присутност на самиот Бог”. ¬– Our High Calling, p. 156.


Понеделник 26. октомври

2. ХРИСТОС ГО ОТКРИВА СВОЕТО БОЖЕСТВО

а. Што се случило кога Исус зел тројца свои ученици на високата гора, и каква била нивната реакција? Марко 9:1-6.

„Додека понизно клечел на каменливата почва, одеднаш небото се отворило, златните порти на Божјиот град се отвориле и свет сјај ја осветлил гората обвиткувајќи го телото на Спасителот. Низ човечката природа блеснало божеството и се споило со славата што Доаѓала одозгора. Подигнувајќи се од Својата лежечка положба, Христос стоел во божествено величество. Исчезнале душевните страдања. Неговото лице сега светело ‘како сонце’ и Неговата облека била ‘бела како снег’.

Кога се разбудиле, учениците го здогледале големото изобилство слава која ја осветлила гората. Со страв и чудење го набљудувале светлиот лик на својот Учител. Кога очите им се навикнале на величествената светлина, виделе дека Исус не е сам”. ¬– Копнежот на вековите, 421.

б. Како Бог се открил во таа прилика? Марко 9:7.

„Кога го здогледале облакот на славата, посјаен од оној што одел пред Израелевите племиња во пустината, кога слушнале како Божјиот глас зборува со голема величественост, така што планината се тресела, учениците паднале ничкум на земјата”. ¬– Копнежот на вековите, 425.

в. Кога учениците повторно останале сами со Исуса, какво предупредување им дал Тој? Зошто? Марко 9:8,9.

„За откровението што го добиле учениците требало да размислуваат во своите срца, но не да зборуваат за него на другите. Да се раскажува за тоа на мноштвото само би предизвикало потсмев или чудење. Дури ни деветтемина апостоли не би го сфатиле тоа, додека Христос не воскресне од мртвите. Колку бавни биле да разберат дури и трите ученици кон кои било покажано наклонетост, се гледа во фактот дека и покрај сето она што Исус го рекол за она што го очекувало, тие се прашувале меѓусебно што би требало да значи воскресението од мртвите. Сепак не барале објаснување од Исуса”. ¬– Копнежот на вековите, 426,427.


Вторник 27. октомври

3. НЕМА ПОТВРДА НА БОЖЕСТВЕНИОТ АВТОРИТЕТ

а. Кое прашање му го поставиле на Исус свештениците и книжниците за да го заробат? Марко 11:27,28.

„Поглаварите имале пред себе докази за Неговото месијанство. Сега одлучиле да не бараат знаци на Неговиот авторитет, туку да извлечат некое признание или изјава врз основа на која би можеле да Го осудат...

Се надевале дека Тој ќе каже дека има власт од Бога. Имале намера да го негираат тоа Негово тврдење”. – Копнежот на вековите, 593.

б. Кажете го одговорот на Исус, а потоа и одговорот на свештениците и книжниците? Марко 11:29-33 (прв дел).

„Свештениците сфатиле дека се наоѓаат во дилема од која со никаква итрина не можат да се извлечат. Ако кажат дека Јовановото крштавање е од Небото, нивната недоследност ќе стане очигледна. Тогаш Христос ќе им го постави прашањето: „Зошто тогаш не поверувавте во него?“ Јован сведочел за Христа: ‘Еве го Божјото јагне, Кое ги зема на Себе гревовите на светот’. (Јован 1:29) Доколку свештениците верувале во Јовановото сведоштво, како би можеле да негираат дека Христос е Месија? Кога би го искажале своето вистинско верување, дека Јовановото крштавање е од луѓето, би навлекле на себе бура на огорченост, бидејќи народот верувал дека Јован е пророк.

Мноштвото со голем интерес го очекувало расплетот. Луѓето знаеле за тврдењето на свештениците дека тие ја прифаќаат Јовановата служба, па очекувале дека без приговор ќе изјават дека Тој бил испратен од Бога. Откако тајно се посоветувале, свештениците одлучиле јавно да не заземат положба. Лицемерно исповедајќи незнаење, тие рекле: ‘Не знаеме!’” – Копнежот на вековите, 593,594.

в. Дали Исус им кажал со чиј авторитет Тој работел? Марко 11:33 (последен дел). Зошто да или зошто не?

„Книжниците, свештениците и поглаварите замолкнале. Збунети и разочарани, стоеле намуртени, не осмелувајќи се да му поставуваат понатамошни прашања на Христа. Со својата плашливост и неодлучност, во голема мера ја изиграле почитта кај народот што стоел околу нив, уживајќи што го гледа поразот на тие горделиви и самоправедни луѓе”. – Копнежот на вековите, 594.


Среда 28. октомври

4. ОСНОВА НА АВТОРИТЕТОТ

а. Бидејќи фарисеите не биле задоволни од Исус, што им заповедале на некои слуги да направат, и каков бил резултатот? Јован 7:44.

б. Зошто слугите не ги извршиле нивните наредби? Јован 7:45,46.

„Слугите што биле испратени да го фатат Исуса, изјавиле дека никогаш човек не зборувал како овој човек. Но, тоа било затоа што никој никогаш не живеел како овој човек; бидејќи да не живеел така, не би можел така и да зборува. Неговите зборови имале сила на убедување, затоа што потекнувале од чисто и свето срце, полно со љубов и сочувство, добродетелство и вистина. Постои елоквентност надвор од онаа на зборовите, во тивкиот, доследен живот на чистиот, вистински христијанин”. – Gospel Workers (1892), p. 244.

в. Какво било учењето на Исус во споредба со учењето на другите учители од Неговото време? Марко 1:22. Зошто? Матеј 23:1-3.

„Тој живеел онака како што подучувал. „Затоа ви дадов пример” - им рекол Тој на Своите ученици – ‘да правите и вие така, како што ви направив Јас’. ‘Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец’ (Јован 13:15; 15:10). На тој начин Христовите зборови имале совршена илустрација и поддршка во Неговиот живот. И повеќе од тоа; Тој бил она што го поучувал. Неговите зборови биле израз нѐ само на Неговото лично животно искуство, туку и на Неговиот карактер. Тој нѐ само што ја проповедал вистината, туку Самиот бил вистина. Тоа му давало сила на Неговото учење”. – Воспитување, 78,79.

„(Христос) не се занимавал со апстрактни теории, туку со она што е од суштинско значење за развојот на карактерот; со она што ќе го зголеми капацитетот на човекот да го запознае Бога и да ја зголеми неговата моќ да прави добро. Тој зборувал за оние вистини кои се однесуваат на управување на животот и кои го обединуваат човекот со вечноста.

Наместо да ги упатува луѓето на проучување на човечките теории за Бога, за Неговата Реч или Неговите дела, Тој ги учел да Го гледаат онаков каков се манифестирал во своите дела, во својата Реч и според Неговите провиденија. Тој го доведувал нивниот ум во допир со умот на Бесконечниот... Никогаш порано некој не зборувал кој би имал таква моќ да ги поттикне мислите, да го поттикне копнежот, да ја разбуди секоја способност на телото, умот и душата“. – Lift Him Up, p. 177.


Четврток 29. октомври

5. ИСУС, АГОЛЕН КАМЕН

а. Кои зборови на Давид ги цитирал Христос? Како Исус го покажал својот авторитет како аголен камен? Псалм 118:22,23; Марко 12:10,11.

„Христос бил аголен камен на еврејскиот систем и на целиот план на спасение. Свештениците и поглаварите на Израел сега го отфрлале тој аголен камен. Спасителот им обрнал внимание на пророштвата, кои покажуваат во каква опасност се наоѓаат. Со сите средства со кои располагал, Тој се обидувал јасно да им ја прикаже природата на делото, кое се подготвувале да го извршат“. ¬– Копнежот на вековите, 597.

б. Како е потврдено дека Исус е аголен камен? Исаија 28:16, Второзаконие 32:4; 1 Самоилова 2:2.

„Во Својата бесконечна мудрост, Бог одбрал камен темелник и сам го поставил. Тој го нарекол ‘сигурен темел’. Цел свет може на него да ги стави своите товари и таги тој камен може сето тоа да го поднесе. Целосно е безбедно да се ѕида на него. Христос е ‘испробан камен’. Тој никогаш не ги разочарува оние што се надеваат во Него. Тој ги издржал сите проби. Тој го издржал притисокот на Адамовата вина и на целокупното негово потомство и бил повеќе од победник над силите на злото. Тој го носел товарот кој го префрлиле на Него сите грешници што се каат. Грешното срце во Христа наоѓа олеснување. Тој е сигурен темел. Сите, на кои Христос им е надевање, уживаат совршена сигурност“. ¬– Копнежот на вековите, 598,599.


Петок 30. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што значи за тебе Божјиот одговор на Христовата молитва на Јордан?

2. Што тројцата ученици виделе и слушнале на гората со Христа?

3. Како Исус одговорил кога бил запрашан за власта со која поучува? Зошто?

4. Што му дало на Исус таков авторитет кога зборувал? Што е со нас во однос на тоа прашање?

5. Какво понатамошно предупредување дал Исус кога зборувал за аголен камен? Зошто го сторил тоа?

 <<    >>