Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од Евангелието според Марко

 <<    >> 
11. лекција Сабота, 12. декември 2020

Вовед во царството

„Јас треба да ги вршам делата на Оној што Ме прати додека е уште ден; зашто настапува ноќ кога не ќе може никој да работи” (Јован 9:4).

„Христовото триумфално влегување во Ерусалим било само едно бледо навестување на Неговото доаѓање на небесните облаци, со сила и слава, сред триумфот на ангелите и радоста на верниците”. – Копнежот на вековите, 580.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Коп. на век., 529-536, 569-572, 589-593. 

Недела 6. декември

1. ВРЕМЕ ЗА СЕКОЈА ЦЕЛ

а. Што Исус секогаш имал на ум додека размислувал за своето животно дело и како тоа треба да влијае на нас? Јован 9:4; 4:34.

„Животот на Спасителот на Земјата не бил исполнет со безделничење и угодување на себеси; Тој вложувал постојани, сериозни и неуморни напори за да го спаси загубеното човештво. Од јаслите па до Голгота, Тој одел по пат на самооткажување, и не барал да биде ослободен од мачните задачи, тешките патувања, исцрпувачките грижи и работата. Тој рекол: ‘Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи и да ја даде својата душа за откуп на мнозина’ (Матеј 20:28). Тоа било највозвишената цел на Неговиот живот. Сè друго било помалку важно и му било подредено на тоа. Негова храна и пијалок било да ја исполни Божјата волја и да ја заврши Неговата работа. Во својата работа не се истакнувал Себеси и не барал лична полза од тоа.

Така и оние кои се соучесници во Христовата благодат ќе бидат подготвени да принесат секаква жртва и за другите, за кои Тој умрел, за да можат да го примат небесниот дар”. – Патот кон Христа, 78.

б. Каков бил одговорот на Исус, кога од Него било побарано да направи нешта кои ќе го скратат Неговото време за работа? Јован 7:6,8.


Понеделник 7. декември

2. КРУНСКО ЧУДО

а. Што дозволил Бог да му се случи на еден од најблиските пријатели на Исус, и кога Исус отишол да го види? Јован 11:14,17.

„Кога Христос би се наоѓал во собата на болниот, Лазар не би умрел, бидејќи сатаната не би имал никаква моќ над него. Смртта не би можела да ја фрли својата стрела на Лазара во присуство на Оној што дарува живот. Затоа Христос останал настрана. Тој му дозволил на непријателот да ја употреби својата сила за да може да го потисне победениот непријател”. – Копнежот на вековите, 528.

„Кога би го излекувал Лазар од болеста, не би било направено чудото кое било најсигурен доказ за Неговиот божествен карактер”. – Копнежот на вековите, 528.

б. Што направил Исус потоа? Јован 11:38-44.

„Христос можел да му заповеда на каменот да се отстрани и тој би се покорил на Неговиот глас. Можел да им нареди на ангелите кои се наоѓале покрај Него тие да го направат тоа. На Негова наредба невидливи раце би го тргнале каменот. Меѓутоа, требало да биде отстранет од човечки раце. Со тоа Христос сакал да им покаже на луѓето дека треба да соработуваат со божеството. Божествената сила не е повикана да го направи она што може да го направи човечката сила. Бог не ја отфрла човечката помош. Тој му дава сила на човекот, соработува со него, кога човекот ги користи силите и способностите што му се дадени”. – Копнежот на вековите, 535.

в. Каква била реакцијата на свештениците и управителите? Јован 11:47-54.

„Многумина кои присуствувале на Лазаровото воскресение почнале да веруваат во Исуса. Но тоа уште повеќе ја зголемило омразата на свештениците... Тие повеќе од кога и да е, одлучиле да сторат крај на Христовото дело...

До тоа време садукеите не го поддржувале планот за убиството на Христа. Но, по Лазаровото воскреснување тие дошле до заклучок дека само Неговата смрт може да стави крај на обвиненијата што Тој без страв ги изнесувал против нив”. – Копнежот на вековите, 537,538.

„Христовото врвно чудо - воскресението на Лазара од Витанија - ги утврдило свештениците во нивната одлука да го от¬странат од светот Исуса и неговите чудесни дела поради кои нагло опаѓало нивното влијание и нивниот углед кај народот”. – Делата на апостолите, 66.


Вторник 8. декември

3. ЗОШТО ТРИУМФАЛНО ВЛЕГУВАЊЕ

а. Опишете ги подготовките за последното Исусово доаѓање во Ерусалим. Марко 11:1-10.

б. Кои старозаветни пророштва ги исполнил Христос, дозволувајќи си себеси да биде пречекан како цар? Исаија 62:10,11; Захарија 9:9.

в. Како народот реагирал на овој настан? Матеј 21:10; Лука 19:39. Како тоа се одразило врз иднината на Исус?

„Оние, кои некогаш биле слепи... се нашле на чело на таа прекрасна поворка... Оној, кого Христос го воскреснал од мртвите го водел животното на кое Тој седел. Глувонемите на кои им го повратил слухот и отворил јазикот се придружиле со радосни извици. Сакатите, со лесни чекори и благодарни срца, сега се најактивни во кршење на гранките од палма посипувајќи ги пред Него за да му оддадат чест на моќниот Исцелител. Лепрозниот, кој некогаш ги слушал страшните зборови на свештеникот: ‘Нечист’,... сега бил тука. Тука биле и вдовиците и сираците за да сведочат за Неговите чудесни дела. Тука биле и оние што се вратени од мртвите... Тука биле и оние кои некогаш биле опседнати со демоните, но зборовите од нивните уста не биле изобличени со силата на сатаната”. – Christ Triumphant, p. 253.

„Од мноштвата што се собрале да присуствуваат на Пасха, излегувале илјадници да го пречекаат Исуса и да му посакаат добредојде. Тие Го поздравувале мавтајќи со палмовите гранчиња и со излив на свети песни. Свештениците во храмот трубеле во трубите за вечерна служба, но малкумина од нив се одѕвале и поглаварите вознемирено зборувале еден на друг: ‘Светот тргна по Него’.

Никогаш порано во Својот земен живот, Исус не дозволил таква демонстрација. Тој јасно ги предвидел последиците. Тоа ќе Го одведе на крст...

Настаните поврзани со тоа триумфално јавање ќе бидат предмет на секој разговор и Исус ќе биде предочен на нивното внимание. По Неговото распнување, многумина ќе се сетат на овие настани во врска со Неговото судење и смрт. Тие ќе бидат поттикнати да ги испитуваат пророштвата и на тој начин ќе стекнат уверување дека Тој навистина бил Месијата и во сите земји ќе се зголеми бројот на оние кои пристапуваат на верата”. – Копнежот на вековите, 571.


Среда 9. декември

4. СЛЕДНИОТ ЧЕКОР КОН КРСТОТ

а. Која била една од првите работи што ја направил Исус кога дошол во Ерусалим? Марко 11:15-17.

„На почетокот на Својата служба Христос ги истерал од храмот оние што го обесветувале со својата несвета трговија, а Неговиот строг и божествен став влеал страв во срцата на нечесните трговци. На крајот на Својата мисија Тој повторно дошол во храмот и видел дека тој се обесветува како и претходно. Состојбата била полоша од порано...

Исус се огорчил; знаел дека Неговата крв, која наскоро ќе се пролее заради гревовите на светот, свештениците и старешините многу малку ќе ја ценат, како и крвта на тие животни, која постојано ја пролевале...

Христос проговорил со сила што го потресла народот како силна грмотевица: ‘Напишано е: Мојот дом ќе се нарече дом на молитва, а вие го направивте разбојничка пештера’. Неговиот глас одекнал како труба низ храмот. Незадоволството на Неговото лице изгледало како силен оган. Тој наредил со авторитет: ‘Носете го тоа одовде’ (Јован 2:16)”. – Копнежот на вековите, 589-591.

б. Каква била реакцијата на првосвештениците? Зошто се чувствувале така? Марко 11:18.

„Фарисеите биле целосно збунети и вознемирени. Власта ја имал Оној, Кого не можеле да го исплашат. Исус зазел положба на чувар на храмот. Никогаш порано не присвојувал таква царска власт. Никогаш порано Неговите зборови и Неговите дела немале таква голема сила. Тој правел чудесни дела во Ерусалим, но никогаш на толку свечен и впечатлив начин. Свештениците и поглаварите не се осмелувале да го покажат своето отворено непријателство кон Него во присуство на луѓето кои биле сведоци на Неговите чудесни дела. Иако лути и збунети од Неговиот одговор, тој ден не можеле да сторат ништо”. – Копнежот на вековите, 593.

в. Што направил Исус за да избегне понатамошни конфликти во тој момент? Марко 11:19.


Четврток 10. декември

5. ИСУС ПОВТОРНО ПРОРОКУВА ЗА СВОЈАТА СМРТ

а. Раскажете ја параболата која Исус тогаш му ја кажал на народот? Марко 12:1-11.

б. Каква била реакцијата на Израелските водачи? Марко 12:12.

„Тие (поглаварите) во прв момент не ја сфатиле примената на оваа парабола, но тогаш виделе дека самите себеси си изрекле пресуда. Во параболата домаќинот го претставувал Бога, лозјето еврејскиот народ, а оградата Божјиот закон, кој бил нивна заштита. Кулата била симбол на храмот. Господарот на лозјето направил сѐ што било потребно за лозјето да напредува. Тој рекол: ‘Што можев да сторам за моето лозје, а што веќе не сум сторил?’ (Исаија 5:4) На тој начин е прикажано како Бог неуморно се грижи за Израел. И како што лозарите морале да му вратат на господарот одреден дел од плодовите од лозјето, така Божјиот народ требало да му оддава чест и слава на Бога, живеејќи во сообразност со нивните свети привилегии. Меѓутоа, како што лозарите ги убиле слугите што господарот ги испратил по плодовите, така Евреите ги убиле пророците кои Бог ги испратил за да ги повикаат на покајание. Тие убивале еден гласник по друг. Според тоа, не можело да се сомнева во смислата на приказната, а исто така било очигледно на што се однесува другиот дел од приказната. Во саканиот син, кого господарот на лозјето го испратил кај своите непослушни слуги, кого тие го убиле, свештениците и поглаварите јасно го виделе Исуса и судбината што Му претстои. Тие веќе ковале планови да го убијат Оној, Кого Таткото им го испратил како последен повик. Во казната што ги снашла неблагодарните лозари е прикажана судбината на оние кои подготвувале план да Го убијат Христа”. – Копнежот на вековите, 596,597.


Петок 11. декември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Која била големата цел во животот на Исус?

2. Како воскресението на Лазар го забрзало доаѓањето на царството?

3. Како Исусовото триумфално влегување во Ерусалим ги убедило душите во Неговото божество?

4. Кој бил резултатот од Исусовото чистење на храмот, по втор пат?

5. Која јасна слика им беше претставена на свештениците и старешините преку параболата за лозјето? Како реагирале?

 <<    >>