Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од Евангелието според Марко

 <<    >> 
13. лекција Сабота, 26. декември 2020

Срушени и оживеани надежи

„Не плашете се; знам дека Го барате Исус распнатиот; не е овде, воскресна, како што беше рекол” (Матеј 28:5,6).

„Не тагувајте како оние кои се без надеж и без никакви изгледи за помош. Исус живее и затоа што Тој живее и ние ќе живееме. Од благодарните срца, од усните кои се допрени со свет оган, нека одекне радосната песна: Христос воскресна! Тој живее за да посредува за нас. Држете се цврсто за таа надеж и таа ќе ја држи душата како сигурна, испробана котва.” – Копнежот на вековите, 794.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Коп. на вековите, 741-757, 779-787. 

Недела 20. декември

1. НОСЕЊЕ НА КРСТОТ

а. Како луѓето се однесувале кон Исус, Спасителот на светот? Марко 15:16-20.

б. Кој го носел крстот на Исус? Марко 15:21. Колку бил значаен овој чин? Лука 14:27; Галатјаните 6:2.

„(Христовите) мачители сфатиле дека Тој не е во состојба понатаму да го носи Својот крст. Биле загрижени да најдат некој кој би се согласил да го носи тој понижувачки товар. Евреите тоа не можеле да го направат, бидејќи со тоа би се оскверниле и не би можеле да ја празнуваат Пасха. Дури ниту од џганот кој одел по Него никој не сакал да се понизи и да го понесе крстот.

Во тоа време некој странец, Симон од Кирина, кој се враќал од полето, го сретнал мноштвото. Ги слушнал подбивањата и простачките навреди на мноштвото... Застанал вчудовиден од оваа сцена и бидејќи покажал сожалување, го фатиле и му го ставиле крстот на неговите плеќи.

Симон слушал за Исуса. Неговите синови верувале во Спасителот, но тој самиот не бил ученик. Носењето на крстот до Голгота претставувало благослов за Симон и тој секогаш потоа бил благодарен за тоа провидение. Тоа го навело доброволно да го земе Христовиот крст и секогаш радосно да стои под неговиот товар.” – Копнежот на вековите, 742.


Понеделник 21. декември

2. ИСУС ИСПОЛНУВА ПРОРОШТВО

а. Кој бил распнат заедно со Христа? На кој начин со тоа се исполнило она што било претскажано во Писмото? Марко 15:27,28; Исаија 53:12.

„Со копнеж во срцето очекувал некој израз на вера од Своите ученици, но Ги слушнал само тажните зборови: ‘А ние се надевавме дека Тој е Оној што треба да го ослободи Израел’. Колку благодарен бил Спасителот за изразот на вера и љубов од разбојникот кој умирал! Додека водачите на еврејскиот народ се откажувале од Него, па дури и учениците се сомневале во Неговата божествена природа, сиротиот разбојник, на работ на вечноста, го нарекува Исуса Господ. Многумина биле подготвени да Го наречат Господ додека правел чуда и подоцна, кога воскреснал од гробот, но никој не Го признавал додека умирал висејќи на крстот, освен покајаниот разбојник, кој бил спасен во единаесеттиот час...

Разбојниците распнати со Исуса биле поставени „од едната и од другата страна, а Исус во средината”. Тоа е направено според упатството на свештениците и поглаварите, Христовата положба меѓу двајца злосторници требала да покаже дека Тој е најголем злосторник од сите тројца. Така се исполнило пророштвото: ‘Тој беше вброен меѓу злодејци’. (Исаија 53:12) Меѓутоа, свештениците не ја сфатиле целосно смислата на својата постапка. Како што Христос, распнат со разбојниците, бил „во средината,“ така Неговиот крст бил поставен сред светот што лежи во грев.” – Копнежот на вековите, 750,751.

„” – The Story of Redemption, p. 225.

б. Што направиле со Христовата облека кога Тој бил распнат? Како го предвидел ова Давид? Марко 15:24; Псалм 22:18.

„Во Христовото страдање на крстот се исполнило пророштвото. Со векови пред распнувањето, Спасителот претскажал како ќе се постапува со Него. Тој рекол: ‘Ме опколија кучиња, Ме опкружи џган злосторнички. Ми ги прободоа рацете и нозете, можам да ги избројам сите Мои коски, а тие Ме гледаат и зјаат во Мене. Облеката Моја ја делат меѓу себе и за наметката моја фрлаат ждрепка’. (Псалм 22:16-18) Пророштвото што се однесувало на Неговата облека се остварило без совет или мешање на пријателите или непријателите на Распнатиот. Облеката им била дадена на војниците, кои Го приковале на крстот. Христос слушнал како тие се караат додека ја делеле Неговата облека. Неговата наметка била исткаена без ниту еден раб и затоа рекле: ‘Да не ја кинеме, туку да фрлиме за неа ждрепка кому ќе му припадне’”. – Копнежот на вековите, 746.


Вторник 22. декември

3. ПОСЛЕДНИТЕ ЧАСОВИ НА ИСУС

а. Како реагирала природата на тоа што нејзиниот Цар умира на крстот? Марко 15:33.

„Неживата природа изразила сочувство со својот навреден Создател кој умирал. Сонцето одбило да ја гледа страшната сцена. Неговите полни, светли зраци ја осветлувале земјата на пладне, кога одеднаш се чинело дека се угасиле. Целосен мрак го обвиткал крстот и целата околина, како погребна сенка. Темнината траела цели три часа. Во деветтиот час од денот страшна темнина се кренала од луѓето, но и понатаму го прекривала Спасителот како со мрачна покривка. Се чинело дека страшните молњи биле насочени кон Него додека висел на крстот.” – The Story of Redemption, p. 226.

б. Кои други натприродни настани се случиле кога Исус умрел? Марко 15:37,38; Матеј 27:50-53.

„Во моментот кога Христос умрел, свештениците служеле во храмот пред завесата, која светињата ја одделувала од светињата над светињите. Одеднаш почувствувале дека земјата под нивните нозе се затресла. Виделе како завесата, силна богата драперија која се обновувала секоја година, ја кине на два дела, од врвот кон дното, онаа иста бескрвна рака која ги напишала зборовите на осуда на ѕидовите на Валтазаровата палата.” – The Story of Redemption, p. 225.

„Раскинувањето на завесата на храмот покажа дека еврејските жртви и уредби повеќе нема да бидат примани. Големата Жртва е принесена и прифатена и Светиот Дух кој се симна на денот на Педесетница ги посочи умовите на учениците од земното светилиште кон небесното, каде Исус влезе со Својата крв, за да ги излее врз Своите ученици заслугите од Неговото помирување. Меѓутоа Евреите беа оставени во целосна темнина. Тие ја загубија сета светлина која што можеа да ја имаат за планот на спасението, и сѐ уште се надеваа во своите бескорисни жртви и дарови. Небесното светилиште го замени местото на земното, но сепак тие не знаеја за промената. И заради тоа тие не можеа да ползуваат од посредништвото Христово во светињата.” – Рани списи, 259,260.

„Кога Исус висејќи на крстот извикал: ‘Се сврши’, земјата се затресла, карпите се расцепиле и се отвориле некои гробови.” – Рани списи, 184.


Среда 23. декември

4. ВОСКРЕСНА!

а. Кој истапил напред и понудил достоен погреб за Исуса, и што тој направил? Марко 15:43,46; Матеј 27:59,60.

„Дури и во смртта, Христовото тело било многу драгоцено за Неговите ученици. Тие сакале достоинствено да Го погребаат, но не знаеле како да го направат тоа...

Во таа тешка ситуација на учениците им дошле на помош Јосиф од Ариматеја и Никодим. Двајцата биле членови на Синедрионот и го познавале Пилат. Двајцата биле богати и влијателни луѓе. Тие одлучиле да го погребаат Исусовото тело со соодветни почести.

Јосиф смело отишол кај Пилат и го замолил за Исусовото тело...

Јосифовата молба била услишена. Додека Јован бил загрижен околу погребот на својот Учител, Јосиф се вратил со Пилатовиот налог дека може да го погреба Христовото тело. Дошол и Никодим и донел околу четириесет и пет литри скапоцена мешавина од смирна и алое, за помазание на Христовото тело. На најпочитуваната личност во целиот Ерусалим не би можела да и се укаже поголема почест при смртта. Учениците биле многу изненадени кога виделе дека тие богати поглавари покажуваат ист интерес кон погребот на нивниот Господ како и самите тие.” – Копнежот на вековите, 772,773.

б. Одморајќи во сабота, кој дошол многу рано на гробот во недела наутро, и што нашле? Марко 16:1-6; Матеј 28:5,6.

„Додека тие (жените) биле покрај гробот, одеднаш забележале дека не се сами. Едно момче, облечено во блескави облеки седело покрај гробот. Тоа бил ангелот што го тргнал каменот. Тој зел на себе човечка надворешност, за да не ги исплаши Исусовите пријатели. Меѓутоа, светлината на небесната слава сѐ уште блескала околу Него, па жените се исплашиле. Само што сакале да побегнат, зборовите на ангелот ги запреле нивните чекори. Тој рекол: ‘Не плашете се; Знам дека Го барате Исуса распнатиот. Тој не е овде, зашто воскресна како што кажа. Дојдете и видете го местото каде што Господ лежеше’”. – Копнежот на вековите, 788,789.

в. Што требало да сторат следно? Како реагирале? Марко 16:7,8; Матеј 28:7,8.


Четврток 24. декември

5. ХРИСТОС ГИ ОСНАЖУВА СВОИТЕ СЛЕДБЕНИЦИ

а. На кого се јавил Исус, и каква била нивната реакција? Марко 16:9-14; Лука 24:13-15.

„Свртувајќи се од гробот, го здогледала Исуса кој стоел сосема близу, но таа не Го препознала. Со нежен и сочувствителен глас, ја запрашал зошто е толку тажна и кого бара. Претпоставувајќи дека тоа би можел да биде градинарот, Го замолила да и каже каде го ставил нејзиниот Господ, доколку тој го сторил тоа, за да може да го земе. Со својот божествен глас Исус и рекол: ‘Марија!’ Тонот на овој мил глас и бил толку многу познат и набргу одговорила: ‘Рави!’ Во својата голема радост за малку ќе Го допрела, но Исус и рекол: ‘Не допирај Ме, зашто уште не отидов горе при Мојот Татко. Туку оди при моите браќа и речи им: Се враќам при Мојот Татко и вашиот Татко, при Мојот Бог и вашиот Бог’. Целата среќна истрчала да им однесе на учениците добри гласови. Набргу после тоа Исус се вознел кај Својот Отец да слушне лично од Неговите усни дека Неговата жртва била прифатена и да ја прими сета власт на небото и на земјата”. – Рани списи, 187.

б. Кој налог им бил даден на Христовите следбеници, и како тие одговориле? Марко 16:15-18,20.

„Сите жители на Земјата големи и мали, богати и сиромашни треба да бидат осветлени од јасните и силни зраци на небесната светлина. Учениците требало да соработуваат со својот Откупител во делото на спасување на светот.” – Копнежот на вековите, 818.


Петок 25. декември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како носењето на крстот претставувало пресвртна точка во животот на Симон?

2. Зошто Исус бил сместен меѓу крадците на крстот? Како со тоа се исполнило ова пророштвото?

3. Како природата сочувствувала со својот Создател кој умирал?

4. Како Бог се погрижил за Исусовиот погреб? Кој истапил да помогне?

5. Која била Христовата главна грижа откако воскреснал од мртвите?

 <<    >>