Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од Евангелието според Марко

 <<    >> 
8. лекција Сабота, 21. ноември 2020

Кога Исус заповедал тишина

„Сè има свое време, и секоја работа под небото има свое време... време кога се молчи, и време кога се зборува” (Проповедник 3:1,7 (последен дел).

„Спасителот никогаш не одел во крајности, никогаш не изгубил самоконтрола, никогаш не го прекршил законот на пристојноста. Знаел кога треба да зборува, а кога да молчи”. – Gospel Workers, p. 317.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Здравје и среќа, 54–58, 67-70, 95-98. 

Недела 15. ноември

1. КОГА ГИ ИСТЕРУВА ДЕМОНИТЕ

а. Каква заповед им дал Исус на нечистите духови? Марко 1:23-27; 3:11,12. Што открива ова за Неговиот авторитет?

„Народот веќе не обрнувал внимание на Христа и на Неговите зборови. Тоа била целта на сатаната, кој заради тоа ја внел оваа жртва во синагогата. Меѓутоа, Исус го укорил демонот, велејќи: ‘Замолчи и излези од него. И кога бесот го кутна на средина, излезе од него и ништо лошо не му направи’.

Оној, Кој го победил сатаната во пустината, повторно се нашол лице во лице со Својот непријател. Демонот ги впрегнал сите свои сили за да ја задржи власта над својата жртва. Да се отстапи овде значело да се препушти победата на Исуса. Изгледало дека страдалникот мора да го загуби својот живот во борбата со непријателот, кој ги уништил неговите најубави години. Меѓутоа, Спасителот прозборел со авторитет и го ослободил заробеникот”. – Копнежот на вековите, 255,256.

б. Како Исус покажал дека не сака да биде поврзан со демоните на било кој начин? Лука 4:41.


Понеделник 16. ноември

2. НАРЕДБА НА НЕКОИ ОД ИСЦЕЛЕНИТЕ

а. Како реагирал Исус на човекот со лепра и што му кажал на човекот откако го исцелил? Марко 1:40-44. Зошто?

„Кога свештениците би дознале за исцелувањето на лепрозниот, нивната омраза кон Христа би можела да ги наведе да донесат неправедна пресуда. Исус посакувал да му обезбеди непристрасна одлука. Затоа го обврзал човекот да не кажува никому за начинот на кој е излекуван, туку без одлагање да се покаже во храмот со дар, пред да се рашират какви било гласини во врска со чудото. Пред да прифатат таков дар, свештениците требале да го прегледаат дародавецот и да го потврдат неговото целосно оздравување.

Прегледот бил извршен и истите оние свештеници што го осудиле лепрозниот на изгнанство, сега го посведочиле неговото оздравување. Исцелениот човек бил вратен во својот дом и општеството. Тој ја почувствувал скапоценоста на здравјето. Тој уживал во обновената сила на мажевноста и на своето враќање во семејството. И покрај Христовото предупредување, тој не можел повеќе да го прикрива фактот за своето исцелување, па радосно ја објавувал силата на Оној што му го вратил здравјето”. – Здравје и среќа, 69,70.

б. Откако ја исцелил ќерката на Јаир, каква заповед дал Исус после тоа? Марко 5:41-43; Јован 5:2,3,8,9. Зошто Исус, во друга прилика се двоумел дали да лекува?

„Тој (Исус) копнеел да ја покаже Својата исцелителна моќ и да го излекува секој од тие страдалници. Но тој ден било сабота. Многу луѓе оделе кон храмот на богослужение и Исус знаел дека таквиот чин на исцелување толку би ги поттикнал предрасудите на Евреите, што би ја прекинале Неговата мисија”. – Здравје и среќа, 81.

в. Откако Исус го исцелил глувиот и немиот, што побарал Тој и какви биле резултатите? Марко 7:31-36.

„Погледнувајќи кон небото, (Христос) воздивнал при помислата на ушите што нема да се отворат за вистината и на јазиците што не сакале да го признаат Спасителот. На зборовите: ‘Отвори се’ на човекот му се вратила моќта на говорот и тој, не обрнувајќи внимание на заповедта никому ништо да не зборува, насекаде раскажувал за тоа како бил излекуван”. – Копнежот на вековите, 404.


Вторник 17. ноември

3. НА ДРУГИТЕ ИМ Е ЗАПОВЕДАНО СПРОТИВНО

а. Каква била состојбата на човекот (или луѓето, како што е опишано во другите евангелија) во Гадаринската земја? Марко 5:1-5.

„Учениците и нивните придружници почнале да бегаат во ужас; но кога забележале дека Исус не е со нив, се свртеле да го побараат. А Тој, стоел онаму, каде што го оставиле. Оној, Кој ја стивна бурата, Кој веќе неколку пати се имал соочено со сатаната и секогаш го поразувал, не бегал од овие демони. Кога, чкртајќи со забите и со пена на устата, овие побеснети луѓе се приближиле до Него, Исус ја подигнал раката со која ги стивнувал разбеснетите бранови и луѓето опседнати со демони не биле во состојба да Му се приближат. Тие стоеле пред Него беснеејќи, но сосема беспомошни”. – Здравје и среќа, 95,96.

б. Опишете го човекот откако Исус го исцелил од нечистите духови? Марко 5:15.

„Злите духови биле принудени да ги напуштат своите жртви и кај опседнатите настанала чудесна промена. Разумот им се просветлил, а очите им заблескале со интелигенција. Изразот на нивните лица, толку долго демонски изобличен, одеднаш станал мек, крварењето на нивните раце престанало и тие ги подигнале своите гласови во благодарност на Бога”. – Здравје и среќа, 97.

в. Иако понекогаш Исус им рекол на оние што ги исцелил да молчат, што му рекол на човекот исцелен од нечистиот дух? Марко 5:19. Зошто?

„(Исцелените опседнати) не можеле да го поучуваат народот како учениците кои секој ден биле со Христа... (Но) можеле да раскажуваат она што го знаат, она што сами го виделе и чуле и како ја искусиле Христовата сила. Тоа може да го направи секој чие срце е допрено од Божјата благодат... Тоа е сведоштвото на кое нè повикува нашиот Господ и поради чиј недостаток светот пропаѓа“. – Копнежот на вековите, 340.

„Оној што ја почувствувал моќта на Христовата благодат, има искуство кое треба да го раскаже. Човештвото, црпејќи ја својата ефикасност од големиот извор на мудроста, станува орудие, преку кое евангелието делува со својата преобразувачка сила врз умот и срцето”. – Lift Him Up, p. 230.


Среда 18. ноември

4. КОГА НЕКОИ НЕ УСПЕАЛЕ ДА МОЛЧАТ

а. Што се случило кога оние од кои Исус барал да молчат го направиле спротивното? Марко 1:45; 3:9; 5:24; 6:31.

„Разгласувајќи го тоа насекаде, резултирало со попречување на делото на Спасителот. Тоа довело до масовно собирање на народот околу Исуса, поради што Тој бил принуден извесен период да ја прекине Својата јавна работа”. – Копнежот на вековите, 264.

б. Кога толпата станала голема, што направил Исус? Зошто? Марко 6:45,46; Матеј 14:23.

„Тој (Исус) цел ден му служел на мноштвото што доаѓало при Него, а во квечерините, или раните утра, се повлекувал во светилиштето на планините, да биде во заедница со Својот Татко.

Постојаната работа и судирите со непријателите и лажните рабински учења, честопати, толку го исцрпувале Христа, што Неговата мајка и браќата, па дури и учениците се плашеле дека животот му е во опасност. Но кога ќе се врател од часовите поминати на молитва со кои го завршувал напорниот ден, на Неговото лице можел да се забележи мир, свежина на животот и сила, која го исполнувала целото Негово битие. Секое утро, по часовите поминати насамо со Бога, Исус тргнувал да им ја однесе на луѓето Небесната светлина”. – Здравје и среќа, 55,56.

„Во животот што бил целосно посветен за доброто на другите, Спасителот сметал дека е неопходно понекогаш да се оттргне од постојаната активност и контактот со потребите на човештвото и да побара одмор и непопречена заедница со Својот Татко. Кога ќе се разидело мноштвото, кое постојано Го следело, Исус одел во планините и таму, сам со Бога, ја излевал Својата душа во молитва, за тие страдни, грешни луѓе со големи потреби”. – Здравје и среќа, 58.

в. Зошто Исус понекогаш не сакал Неговата слава да се објавува насекаде? Јован 7:6,30; 8:20.

„За време на празникот Сеници, Неговото патување до Ерусалим било брзо и тајно. Кога Неговите браќа барале јавно да се прикаже Себеси за Месија, Тој одговорил: ‘Моето време сѐ уште не е дојдено’ (Јован 7:6). Допатувал до Ерусалим незабележан и влегол во градот ненајавен и непрославен од мноштвото”. – Копнежот на вековите, 485.


Четврток 19. ноември

5. КОГА ТРЕБА ДА МОЛЧИМЕ

а. Што ни кажува Соломон за нашиот говор? Проповедник 3:1,7 (последен дел). Како Христос ни оставил пример во ова, и како и ние можеме да го сториме истото?

„Христос никогаш не погрешил во својата проценка на луѓето и на вистината. Никогаш не бил измамен од изгледот. Никогаш не поставил прашање кое не би било совршено јасно. Никогаш не дал непримерен одговор кој не би погаѓал право во центар... Христос никогаш не одел во крајности, никогаш не изгубил самоконтрола или рамнотежа на умот поради некаква возбуда. Никогаш не го прекршил законот на добриот вкус и однесување, знаел кога треба да зборува, а кога да молчи”. – That I May Know Him, p. 178.

„Ако некој би поставувал прашања кои можат само да предизвикаат забуна и да посеат семе на сомнеж, тогаш тие треба да го посоветуваат да се воздржи од поставување на прашања. Мораме да се научиме кога треба да зборуваме, а кога треба да молчиме, мораме да научиме да го сееме семето на верата, да шириме светлина, а не темнина”. – 6 Сведоштво, 69.

б. Наведете еден вид на околности кога е прикладно да се молчи. Изреки 27:2.

„Да се откаже од себе значи… дека кога ќе ви се укаже можност да се фалиш, да молчиш и да оставиш други усни да те фалат. Самоодрекување значи да се дава предност на другите, наспроти својата природна склоност за лично задоволство и угодување на себе”. – 4 Сведоштво, 521.

в. Како Исус го прикажал овој принцип во Неговиот живот како Син човечки? Јован 8:50 (прв дел); 7:18.


Петок 20. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто Исус не им дозволил на демоните да зборуваат?

2. Зошто Исус побарал од лепрозниот никому да не кажува за своето исцелување?

3. Зошто Исус му дал спротивни наредби на исцелениот од злите духови?

4. Од кои причини Исус не сакал Неговата слава насекаде да се рашири?

5. Кога треба да молчиме во поглед на прашањата кои можеби ќе ни бидат упатени? Зошто?

 <<    >>