Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото евангелие до: Коринтјаните

 <<    >> 
8. лекција Сабота, 21. мај 2022.

Духовни дарови

„А за духовните дарови, не сакам, браќа, да не знаете“ (1 Коринтјаните 12:1).

„Совршеноста на црквата не зависи од тоа дали секој член на црквата е подеднакво обликуван. Бог ги повикува секој да го заземе своето соодветно место, ‘да остане во делото’, извршувајќи ја работата што му е доделена според способностите што му се дадени“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Com¬ments], vol. 6, p. 1090..

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   The Faith I Live By, p. 292

Недела 15. мај

1. БОЖЕСТВЕН ИЗВОР НА ДАРОВИ

а. Како апостолот го доведува во врска Светиот Дух со духовните дарови? 1 Коринтјаните 12:4-9.

„Денес, Бог ќе им дарува на мажите и жените сила одозгора, како што им дарувал и на оние што го слушнале словото на спасението на денот на Педесетница. Во овој час Неговиот Дух и Неговата благодат им припаѓаат на сите на кои им се потребни и кои ќе ги примат Неговите зборови“. – The Faith I Live By, p. 292.

б. Која е главната цел на даровите во Божјата црква? 1 Коринтјаните 12:3,7; Ефесјаните 4:11-13.

„Павле изјавува дека даровите и манифестациите на Духот ѝ се ставени на располагање на црквата... ‘додека сите не го достигнеме единството на верата и познанието на Синот Божји, до состојба на совршен човек, до мера на возраста на Христовата полнота’ (Ефесјаните 4:13)“. – The Faith I Live By, p. 292.

„Даровите на Духот му се ветени на секој верник во сообразност со неговите потреби во Господовото дело. Тоа ветување и денес е исто толку цврсто и веродостојно, како што било во времето на апостолите“. – Копнежот на вековите, 823.


Понеделник 16. мај

2. РЕЧ НА МУДРОСТА

а. Како можеме да ги примиме даровите на Светиот Дух? Лука 11:13; Дела 5:32.

„Ако се поврзат со Христа, ако ги примат даровите на Светиот Дух, најсиромашните и најнеуките меѓу Неговите ученици ќе имаат моќ која ќе влијае на срцата. Бог ги прави канали преку кои се шири највозвишеното влијание во универзумот“. – The Faith I Live By, p. 292.

б. Што е вистинската мудрост според Божјата реч? 1 Коринтјаните 1:30.

„Најљубопитните можат безбедно да научат во Христовата школа она што ќе се покаже за нивно сегашно и вечно добро. Несигурните и незадоволните тука ќе најдат одмор. Насочувајќи ги своите мисли и чувства на Христа, тие ќе стекнат вистинска мудрост, која ќе им биде повредна од најскапоцените земни богатства“. – An Appeal to Mothers, p. 32.

в. Кое е најважното знаење за нашето спасение и каде можеме да го добиеме? Јован 17:3; Изреки 2:3-5.

„Практичното познавање на Бога и на Исуса Христа, кого Тој го испратил, го преобразува човекот, обновувајќи го во него божествениот лик. Тоа му овозможува на човекот да владее со себеси и секој нагон и секоја страст на пониската природа да ги стави под контрола на повисоките сили на умот. Тоа знаење оној што го поседува го прави Божји син и небесен наследник, го доведува во заедница со умот на Бесконечниот и му ги отвора богатите ризниците на неизмерните богатства на вселената.

Тоа е знаењето што се стекнува со истражување на Божјата реч. И ова богатство може да го пронајде секоја душа која е подготвена да се откаже од сè за да го стекне“. – Христовите поуки, 114.

„’А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос’ (Јован 17:3). Овие зборови значат многу. Само со познавање на Христа можеме да го спознаеме Бога. Божјиот повик е упатен до сите да ги слушаат овие зборови. Тоа се Божји зборови и сите треба да внимаваат на нив, зашто според нив ќе бидат судени. Спасоносното знаење за Христа значи да се биде оживеан со духовно знаење, и да се практикуваат Неговите зборови. Без ова, сè друго е безвредно“. – The Signs of the Times, January 27, 1898.


Вторник 17. мај

3. ДАРОТ НА ВЕРАТА

а. Што е вера - и како можеме да ја поседуваме? Евреите 11:1; Ефесјаните 2:8; Римјаните 10:17.

„Верата во Христа како Откупител на светот може да се развива во срце кое се наоѓа под контрола на просветлен ум кој може да го препознае и цени небесното богатство. Оваа вера е неразделна од покајанието и преобразбата на карактерот. Да се има вера значи да се најде и прифати богатството на евангелието со сите обврски што ги наметнува“. – Христовите поуки, 112.

„Праведноста значи праведно постапување, зашто секому ќе му биде судено според неговите дела. Нашиот карактер се открива преку она што го правиме. Делата покажуваат дали нашата вера е вистинска.

Не е доволно само да веруваме дека Исус не е измамник и дека религијата на Библијата не е вешто смислена басна. Ние можеме да веруваме дека Исусовото име е единственото име под небото со кое човекот може да се спаси, но тоа не мора да значи дека сме го прифатиле со вера како личен Спасител. Не е доволно да се верува во теоријата на вистината. Не е доволно да ја искажеме со зборови нашата вера во Христа и да го запишеме нашето име во црковните книги. ‘И оној, што ги чува заповедите Негови, пребива во Него, и Тој - во него. А дека Тој пребива во нас, знаеме по Духот што ни Го дал’. ‘По тоа знаеме дека сме Го познале, кога ги чуваме Неговите заповеди’ (1. Јованово 3:24; 2:3). Ова е доказ за вистинското преобразување. Независно од тоа што исповедаме, ништо не вреди ако не го откриеме Христа во нашите дела на праведноста“. – Христовите поуки, 312,313.

б. Која е разликата помеѓу вистинската вера и претпоставката? Галатјаните 5:6 (последен дел).

„Вистинската вера го прашува Господа: ‘Што сакаш да направам?’ и кога Тој ќе го покаже патот, верата е подготвена да ја изврши Неговата волја, без оглед на тешкотиите и жртвите“. – Counsels to Parents, Teachers, and Students, p. 183.

„Претпоставката е сатански фалсификат на верата. Верата полага право на Божјите ветувања и донесува род во послушноста. Претпоставката, исто така полага право на ветувањата, но ги користи како што правел сатаната за да се правдаат престапите. Верата би ги навела нашите прародители да имаат доверба во Божјата љубов и да се покоруваат на Неговите заповеди. Претпоставката ги навела да го престапат Неговиот закон, верувајќи дека Неговата голема љубов ќе ги спаси од последиците на нивниот грев. Да се полага право на наклонетоста на Небото, а да не се исполнуваат условите под кои се дарува милоста тоа не е вера“. – Копнежот на вековите, 126.


Среда 18. мај

4. ДАРОТ НА ЛЕКУВАЊЕ

а. Кои биле главните активности на Исус за време на Неговата земна мисија? Матеј 4:23. Која била улогата на исцелувањето во Неговата служба? Матеј 4:24.

„Во текот на Својата мисија, Исус посветил повеќе време во исцелување на болните, отколку во проповедање. Неговите чуда сведочат за вистинитоста на Неговите зборови, дека Тој не дошол да погуби, туку да спаси. Каде и да одел, пред Него оделе вестите за Неговата милост. Онаму, каде што поминал, сите што биле предмет на Неговото сочувство, се радувале на здравјето и ги испробувале своите новодобиени сили. Околу нив се собирале толпи, за од нивните усни да ги слушнат делата што Господ ги извршил. Неговиот глас, за многумина бил првиот звук што некогаш го слушнале; Неговото Име, првиот збор што го изговориле; Неговото лице, првото нешто што го виделе во животот. Како тогаш да не го сакаат Исуса и да не ја разгласуваат Неговата слава? Поминувајќи низ градовите и селата, Тој бил како животворна река, која насекаде шири живот и радост“. – Здравје и среќа, 19,20.

б. Кое дело било вклучено во Христовиот евангелски налог? Марко 16:17,18.

„Начинот на кој Спасителот ги лекувал болните содржи поука за Неговите ученици. Во еден случај, на човекот кој бил слеп, му ги помазал очите со кал и му рекол: ‘Оди и изми се во бањата Силоам... Тој отиде, се изми и се врати гледајќи’ (Јован 9:7) Исцелувањето можело да се изврши само со силата на Големиот Исцелител, но Христос сепак користел едноставни средства од природата. Иако не давал поддршка на лекувањето со лекови, ја одобрил употребата на едноставни и природни лекови.

На мнозина болни кои примиле исцелување, Христос им рекол: ‘Не греши повеќе за да не те снајде нешто полошо’. (Јован 5:14) Со тоа го потврдил учењето дека болеста е последица од кршењето на Божјите закони, во природен или духовен поглед. Кога луѓето би живееле во склад со планот на Создателот, во светот не би постоела големата беда...

Христос им дал на Израелците детални упатства во поглед на нивните животни навики и им дал цврсто ветување: ‘Господ ќе ја отстрани од тебе секоја болест’ (Второзаконие 7:15). Кога тие ги исполниле условите, им се потврдило ветувањето: ‘И немаше ниту еден болен во нивните племиња’ (Псалм 105:37)“. – Копнежот на вековите, 824.


Четврток 19. мај

5. ДАРОТ НА ПРОРОШТВОТО

а. Кое е местото на дарот на пророштвото меѓу другите дарови? 1 Коринтјаните 12:28. Амос 3:7.

„Од самиот почеток, Божјата црква го поседувала дарот на пророштвото како жив глас кој советувал, опоменувал и поучувал. Ние сега стигнавме до последните денови од делувањето на третата ангелска порака, кога сатаната ќе работи со се поголема сила бидејќи знае дека неговото време е кратко. Во исто време, преку даровите на Светиот Дух, ќе ни бидат дадени ‘различни сили’ при излевањето на Духот. Ова е време на доцниот дожд“. – Manuscript Releases, vol. 9, p. 278.

б. Колку е важен дарот на пророштвото за црквата денес? 2 Летописи 20:20.

„Ни претстојат тешки времиња. Сите кои ја познаваат вистината треба да се пробудат и да се потчинат на Божјата дисциплина со телото, душата и духот. Непријателот ни е зад петиците. Мораме да бидеме будни и да се чуваме од него. Мораме да го земеме сето оружје Божјо. Мораме да се управуваме според упатствата кои ни ги дал Духот на пророштвото. Мораме да ја љубиме вистината за ова време и да ѝ се покоруваме. Тоа ќе нè спаси да не подлегнеме на силата на измамата. Бог ни говори преку своето Слово (Светото Писмо). Тој ни говори преку сведоштвата за црквата и преку оние книги во кои јасно ни се изложени нашите сегашни должности и ставот што денес треба да се заземе. Треба да се послушаат и да се примат предупредувањата кои ни се дадени, ред по ред, правило по правило. Каков изговор ќе дадеме ако ги отфрлиме“. – 8 Сведоштво, 298.


Петок 20. мај

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како можам да извлечам поголема корист од Божјото ветување за Светиот Дух?

2. Каде можам да најдам поголема мудрост од Бога?

3. Како непријателот на душите би можел да ме зароби во замката на надменоста?

4. На кои начини можам повеќе да се развијам за да можам подобро да им помагам на другите во поглед на нивното здравје?

5. Како можам повеќе да го ценам дарот на пророштвото што му е даден на Божјиот народ?

 <<    >>