Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото евангелие до: Коринтјаните

 <<    >> 
4. лекција Сабота, 23. април 2022.

Тужби меѓу браќата

„Не знаете ли дека ангели ќе судиме, а не, пак, она секојдневното“ (1 Коринтјаните 6:3).

„Светите треба да му судат на светот. Дали тогаш тие треба да се потпрат на светот и неговите адвокати за да ги решат свооите тешкотии? Бог не сака тие да ги носат своите проблеми кај поданиците на непријателот за одлучување. Да имаме доверба еден во друг“. ¬– Selected Messages, bk. 3, p. 303.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Selected Messages, bk. 3, pp. 299–305. 

Недела 17. април

1. СУД НАД ЗЛИТЕ

а. Кога ќе им се суди на изгубените? Откровение 20:2,4; 2 Петрово 2:4. Кој ќе им суди? 1 Коринтјаните 6:2,3.

„За време на овие илјада години, меѓу првото и второто воскресение, ќе им се суди на грешниците. Апостол Павле укажува на овој суд како на настан што се случува по второто Христово доаѓање. ‘Не судете ништо предвреме, додека не дојде Господ, Кој ќе го изнесе на видело сокриеното во мракот и ќе ги објави намерите на срцата’ (1. Коринтјаните 4:5). Даниел кажува дека, кога ќе дојде Старецот, ќе им го даде судот ‘на светиите од Севишниот’ (Даниел 7:22). Во ова време праведниците ќе владеат како цареви и свештеници на Бога. Јован во Откровението кажува: ‘И видов престоли и седнати на нив, на кои им беше дадено да судат... Ќе бидат свештеници на Бога и ќе царуваат со него илјада години’ (Откровение 20:4,6). Во ова време, како што предвидел Павле, ‘светите ќе го судат светот’ (1. Коринтјаните 6:2). Заедно со Христа тие ќе им судат на грешниците споредувајќи ги нивните дела со Книгата на законот, со Библијата, и ќе го решат случајот на секој поединец според делата што ги направил во животот. Тогаш казната што мора да ја искусат грешниците ќе биде одмерена според нивните дела и запишана покрај нивното име во книгата на смртта“. ¬– Големата борба, 660.


Понеделник 18. април

2. СПОРОВИ МЕЃУ ХРИСТИЈАНИТЕ

а. Каде треба да се решаваат проблемите во црквата? 1 Коринтјаните 6:4,5.

„Светите треба да му судат на светот. Дали тогаш тие треба да се потпрат на светот и неговите адвокати за да ги решат нивните тешкотии? Бог не сака тие да ги носат своите проблеми кај поданиците на непријателот за одлучување. Да имаме доверба еден во друг“. ¬– Selected Messages, bk. 3, p. 303.

б. Што се случило во црквата во Коринт, и што го предизвикало укорот на Павле? 1 Коринтјаните 6:1,2,6. Како Бог гледа на оваа практика?

„Постои взаемна наклонетост меѓу светот и необратените членови на црквата. Некои од нив, кога Бог ги укорува дека сакаат да одат по својот пат, му веруваат на светот и ги ставаат црковните прашања пред светот. Тогаш доаѓа до судири и расправии, а Христос е повторно распнат на крст и посрамен. Оние членови на црквата кои се обраќаат кон светските судови покажуваат дека го избрале светот за свој судија, а нивните имиња се запишани на небото покрај имињата на неверниците. Колку светот со нетрпение ги користи изјавите на оние што ја изневеруваат светата доверба!…

Потпирањето на раката на световните закони претставува срам за христијаните; сепак, ова зло е вкоренето и негувано меѓу избраниот народ Господов. Световните начела потајно навлегуваат во црквата, сè додека во пракса многу од нашите работници не станат како Лаодикијците – со половични срца, затоа што толку многу зависат од адвокатите и правните документи и договори. Таквата состојба на нештата му е одвратна на Бога“. ¬– Selected Messages, bk. 3, p. 302,303.

в. Каде можеме да го најдеме решението за проблемите меѓу членовите на црквата? 1 Коринтјаните 6:7-11; 1 Јованово 1:7,9; Изреки 28:13.

„Условите за добивање на Божјата милост се едноставни, праведни и разумни. Господ не бара од нас да се изложуваме на маки за да добиеме простување на гревот. Не мораме да одиме на долги и исцрпни поклоненија, или пак да вршиме мачни покори за да му ја препорачаме нашата душа на небесниот Бог или пак да ги окаеме своите престапи, туку оној кој признава и го остава својот грев добива милост“. ¬– Патот кон Христа, 37.


Вторник 19. април

3. ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ПРОТИВ СЕНЗУАЛНОСТA

а. Која била главната цел на нашето создавање? Исаија 43:7.

„Дури и денес, сѐ што е создадено ја објавува славата на Неговата совршеност. Не постои ништо освен себичното човечко срце кое живее само за себе. Нема птица што лета низ воздухот, ниту животно што се движи по земјата, да не му служи на некој друг живот. Нема лист во шумата или тревка, а да нема своја намена. Секое дрво, грмушка и лист излеваат животна состојка без која ниту човекот, ниту животното не би можеле да живеат, а за возврат и човекот и животното му служат на животот на дрвото, на грмушката и на листот. Цвеќињата даваат убава миризба и ја откриваат својата убавина како благослов на овој свет. Сонцето ја лее својата светлина за да развесели илјадници светови. Океанот, иако извор на сите наши извори и кладенци ги прима реките од сите земји, но тој зема за да даде. Маглите што излегуваат од неговите пазуви, паѓаат како дождови за да ја натопат земјата, со цел таа да расцвета и да донесе плод“. ¬– Копнежот на вековите, 20,21.

б. Како Павле гледал на телото на верниците? Римјаните 6:13,15,19,20.

„Уште од вечни времиња Божја намера била секое создание, од светлиот и свет серафим до човекот, да биде храм во кој ќе престојува Творецот. Човечкиот род, заради гревот престанал да биде Божји храм. Замрачено и извалкано од грев, човечкото срце веќе не можело да ја открива божествената слава. Меѓутоа, со отелотворување на Божјиот Син се исполнила намерата на Небото. Бог престојува во луѓето и човечкото срце повторно станува Негов храм преку спасоносната милост“. ¬– Копнежот на вековите, 161.

в. Бидејќи ние сме Божја сопственост, што треба секој од нас да разбере за сопственото тело? 1 Коринтјаните 3:16,17; 10:31.

„Инспириран од Божјиот Дух, апостолот Павле пишува дека ‘што и да правиме’, дури и природниот акт на јадење и пиење, треба тоа да го чиниме не за да го прославиме изопачениот апетит, туку со чувството на одговорност тоа да ‘го правиме за Божја слава’. Секој дел на човековото тело треба да се чува; ние треба да внимаваме, да сето она што се внесува во желудникот не ги протера од умот возвишените и свети мисли“. ¬– Совети за животот и исхраната, 56.


Среда 20. април

4. МОРАЛНА ЧИСТОТА

а. Бидејќи нашето тело е храм на Светиот Дух, каква е нашата морална одговорност во врска со тоа? 1 Коринтјаните 6:15-18.

„Секој христијанин мора да научи да ги воздржува своите страсти и да се раководи според начелата. А ако не прави така, не е достоен да се нарече христијанин“. – 2 Сведоштво, 347.

„Строгото покорување на начелата на моралот е единствената заштита на душата. Ако некогаш дошло време исхраната да биде што поедноставна, тогаш тоа време е денес... Колку е поедноставна исхраната, толку полесно можат да се совладаат страстите. Вкусот не смее да се задоволува на штета на телесното, умното и морално здравје...

Бог ви дал тело (како своја црква) за кое треба да се грижите и да го сочувате во најдобра состојба за да Му служите и да Го славите. Вашите тела не се ваша сопственост! ‘Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ни е даден од Бога и дека не припаѓате само на себе? Зашто скапо сте платени. Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји’“. – ¬2 Сведоштво, 352,353.

б. Што е морална чистота и како можеме успешно да ја практикуваме? 2 Коринтјаните 7:1; 1 Солунјаните 4:3-5.

„Ние мораме да му придадеме голема важност на исправното контролирање на своите мисли, затоа што таквата контрола ги подготвува умот и душата да работат складно за Творецот. Неопходно е заради мирот и среќата во овој живот своите мисли да ги насочиме кон Христос. Човекот е она што мисли за себе. Нашиот напредок во моралната чистота зависи од правилното мислење и исправното постапување...

Лошите мисли ја разоруваат душата. Божјата преобразувачка сила го менува срцето, ги разубавува и ги прочистува мислите. Доколку не се на прави одличен напор да се задржат мислите насочени кон Христос, благодатта не може да се открие во животот. Умот мора да се вклучи во духовната благодат. Секоја мисла мора да се доведе во послушност на Христа. Секоја навика мора да се доведе под Божја контрола.

Нам ни е потребно постојано чувство на облагородена сила, чисти мисли и свесност за штетното влијание од лошите мисли. Да ги насочиме своите мисли кон она што е свето. Нека тие бидат чисти и искрени, зошто единствената сигурност за душата е исправното размислување. Ние мораме да го користиме секое средство кое Бог ни го оставил достапно за владеење и култивација на своите мисли“. – Ум, карактер и личност, том. 1, 235.


Четврток 21. април

5. ПОБЕДА НАД САМОУГОДУВАЊЕТО

а. Како Павле ја прикажал христијанската трка? 1 Коринтјаните 9:25.

„Со надеж дека во душите на коринтските верници ќе создаде желба за самосовладување, за строга умереност и за непоколеблива верност во Христовата служба, Павле во посланието што им го упатил на сликовит начин им ја изнел споредбата на христијанското војување и прославените трки кои во одредени интервали се одржувале во близината на Коринт. Од сите спортови со кои се занимавале Грците и Римјаните, натпреварите во трчање биле најстари и најмногу ценети. На тие трки присуствувале цареви, благородници и државници. Во нив учествувале угледни и богати млади луѓе кои не се плашеле од напорите и дисциплината потребни да добијат награда.

Натпреварот се изведувал според строги прописи од кои немало никакви отстапки. Сите што сакале да се натпреваруваат за награда, претходно морале да се подложат на строга подготовка и обука. Било строго забрането секое штетно попуштање на апетитот, како и секое друго оддавање на задоволства и уживања и на сè што би можело да ја намали умната или физичката сила. За да успее еден млад човек во тоа одмерување на силата и брзината, мускулите морале да му бидат силни и еластични, а нервите под строга контрола. Секое движење морало да биде сигурно, секој чекор брз и без колебање, а физичката сила на највисоко ниво“. ¬– Делата на апостолите, 309,310.

б. Што вели Павле за тоа колкумина од нив ја добиваат наградата? 1 Коринтјаните 9:24.

„Ниеден од оние што ќе ги прифатат поставените услови нема да биде разочаран на крајот од трката. Ниту еден кој сесрдно и истрајно се бори нема да доживее неуспех. Овде трката не ја добива само најбрзиот, ниту битката само најсилниот. Најслабиот меѓу светите може да носи венец на бесмртна слава исто како и најсилниот. Победа можат да извојуваат сите кои со силата на божествената милост својот живот ќе го сообразат со Христовата волја“. ¬– Делата на апостолите, 313.


Петок 22. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Опишете го делото на откупените во текот на илјада години.

2. Што можам да направам за да го подобрам начинот на кој се решаваат црковните проблеми?

3. Како можам подобро да го прославам Бог во моето тело?

4. Што треба да знаат христијаните денес за седмата заповед?

5. Како можам да бидам победник во битката за чистота?

 <<    >>