Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото евангелие до: Коринтјаните

 <<    >> 
5. лекција Сабота, 30. април 2022.

Начела во врска со бракот

„Бракот да се почитува од сите, и брачното легло да се пази неосквернето; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог“ (Евреите 13:4).

„Ако во брачната врска се признаваат и се почитуваат божествените начела, тогаш бракот е благослов; тој ја чува чистотата и среќата на човечкиот род; ги задоволува човековите друштвени потреби и ја издигнува неговата телесна, интелектуална и морална природа“. ¬– Патријарси и пророци, 46.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Римјаните: 7:1-3; 1 Коринтјаните 7 (цело поглавје). 

Недела 24. април

1. МАЖ И ЖЕНА

а. Кога Бог го склучил првиот брак? Создавање 1:27; 2:21,22.

„Првата венчавка ја извршил лично Бог. Затоа оваа установа потекнува од Творецот на вселената. ‘Бракот на сите треба да е чесен’ (Евреите 13:4). Тоа бил еден од првите дарови што му ги дал Бог на човекот, една од двете установи (бракот и саботата) која Адам, по паѓањето во грев, ја понел со себе и преку рајскиот праг“. ¬– Патријарси и пророци, 46.

б. Во која прилика Исус го направил своето прво чудо? Јован 2:1-10.

„Исус не ја започнал својата служба со некое големо дело пред Синедрионот во Ерусалим. На еден семеен собир во едно мало галилејско село, Тој ја употребил својата моќ за да ја зголеми радоста на свадбената свеченост. На тој начин ја покажал својата љубов кон луѓето и својата желба да придонесе за нивната среќа. Во пустината на искушението Тој ја испил чашата на страдањата. Сега дошол на луѓето да им подаде чаша на благослов и со неа да ги посвети односите во човечкиот живот“. ¬– Копнежот на вековите, 144.

„На првата свеченост на која присуствувал со своите ученици, Исус им дал чаша која била симбол на Неговото дело за нивно спасение. Тој повторно го направил тоа на последната вечера, воспоставувајќи го тој свет обред што требало да биде спомен за Неговата смрт, сѐ ‘додека Тој не дојде’ (1. Коринтјаните 11:26)“. ¬– Копнежот на вековите, 149.


Понеделник 25. април

2. ОДДЕЛУВАЊЕ И ПОВРЗУВАЊЕ

а. Кое божествено начело било напишано за среќен брак? Создавање 2:24.

„Околу секое семејство постои свет круг кој треба постојано да се чува неповреден. Никој нема право да влезе во овој круг. Ниту мажот ниту жената не треба да дозволуваат другите луѓе да биде запознаени со тајните што им припаѓаат само ним. Секој од нив нека дава љубов, а не да бара. Негувајте го најблагородното во себе и брзо препознајте ги добрите особини кај другите“. ¬– The Faith I live By, p. 252.

б. Како можат двајца различни луѓе да живеат во целосна хармонија? Колосјаните 1:27,28.

„Ако се исполни Божјата волја, сопружниците ќе се почитуваат еден со друг и ќе ги негуваат љубовта и довербата. Сè што може да го помати мирот и единството во семејството треба одлучно да се отстрани, а да се подигнат љубезноста и љубовта. Оној кој ќе покаже дух на нежност, трпение и љубов, ќе почувствува дека му се враќа со истиот дух. Таму каде што владее Божјиот Дух, нема да се зборува за нескладност на брачната заедница. Ако Христос, надежта за слава, се насели во нас, во домот ќе владее единство и љубов. Христос кој живее во срцето на сопругата целосно ќе се согласува со Христос кој живее во срцето на сопругот. Тие заедно ќе се борат за домовите, кои ги подготвува Христос за оние кои Го љубат“. ¬– Адвентен дом, 120.

в. Кои се некои од дополнителните начела дадени за градење на семејните односи? Ефесјаните 5:33.

„Секој треба да претпочита да дава љубов, отколку да ја прима. Негувајте го она што е благородно во вас и не двоумете се да ги вреднувате добрите квалитети на другиот. Свеста дека сте ценети е прекрасен поттик и големо задоволство. Наклонетоста и почитта го поттикнуваат стремежот за усовршување. И љубовта се зголемува, кога поттикнува благородни цели...

Христос нека ви биде прв и последен и најдобар во сè. И вашата љубов ќе станува почиста и посилна со зајакнувањето и продлабочувањето на љубовта кон Христа“. ¬– Здравје и среќа, 361.


Вторник 26. април

3. БОГ ГО МРАЗИ РАЗВОДОТ

а. Кое е основното начело кое го објавил Господ Исус во однос на долговечноста на брачната врска? Матеј 19:4-8.

„Кога подоцна фарисеите го прашале за законитоста на разводот, Исус ги потсетил своите слушатели на институцијата на бракот која била втемелена уште при создавањето: ‘Заради вашите жестоки срца Мојсеј ви дозволи да ги оставате жените свои; но во почетокот не беше така’ (Матеј 19:8). Ги потсетил на блажените денови во Едем, кога Бог изјавил дека сè што создал ‘е многу добро’. Оттука потекнуваат бракот и саботата, две институции на слава Божја и за благослов на човештвото. Кога Создателот со брачен завет ги споил рацете на светиот пар со зборовите: ‘Затоа човекот ќе ги остави татко си и мајка си и ќе се прилепи кон жената своја; и (обата) ќе бидат едно тело’ (Создавање 2:24), го прогласил законот за бракот за сите Адамови деца до крајот на времето. Она што самиот вечен Отец го прогласил за добро, претставува закон кој на луѓето требало да им донесе најголем благослов и да им овозможи највисок развој“. ¬– Мисли од гората, 63,64.

б. Што објавил Бог преку Малахија во врска со неверството во бракот? Малахија 2:12-16.

в. Во случај на развод, каква поука Господ ни дал преку апостол Павле? Римјаните 7:1-3; 1 Коринтјаните 7:10-15.

„Ако жената е неверник и противник, мажот не може, врз основа на Божјиот закон, да ја избрка само поради оваа причина. За да биде во согласност со законот на Јехова, тој мора да остане со неа, освен ако таа самата не одлучи да си замине. Тој може да трпи противење и да биде угнетуван и иритиран на многу начини; тој ќе најде утеха, сила и поддршка од Бога, кој е способен да даде благодат во секоја вонредна состојба. Тој треба да биде човек со чист ум, со вистински одлучни, цврсти начела и Бог ќе му даде мудрост во однос на патот што треба да го следи“. ¬– Testimonies on Sexual Behavior, Adultery, and Divorce, pp. 158, 159.

„Денес, како и во деновите на Христа, состојбата во општеството претставува тажна спротивност во однос на небесниот идеал за оваа света врска. Но, дури и на оние кои вкусиле само горчина и разочарување, таму каде очекувале пријателство и радост, Христовото Евангелие им нуди утеха“. ¬– Мисли од гората, 65.


Среда 27. април

4. ВРЕМИЊА НА ОБНОВА

а. Која е Божјата намера во врска со својот народ во овие последни денови? Исаија 58:12-14.

„Пророкот со овие зборови го опишува народот кој во време на општ отпад од вистината и праведноста се труди да ги обнови начелата на кои е засновано Божјото царство. Тој народ ги обновува пукнатините направени во Божјиот закон – заштитниот ѕид што го подигнал Тој за да ги заштити своите одбрани, и покорноста на прописите на правдата, вистината и чистотата ќе биде нивна вечна заштита...

При крајот на историјата на овој свет сите божествени институции треба да бидат обновени. Треба да се поправи пукнатината во Законот што ја направил човекот кога ја променил саботата. Божјиот народ на ‘остатокот’, кој стои пред светот како реформатор, мора да покаже дека Божјиот закон е темел на секоја трајна реформа и дека саботата од четвртата заповед мора да стои како споменик на создавањето, вечен потсетник за Божјата сила. Тој ‘остаток’ мора со јасни и разбирливи зборови да укаже на обврската да се држат сите десет заповеди. Поттикнат од Христовата љубов, тој мора да соработува со Него ѕидајќи урнатини. Тие треба да ги поправат пукнатините и да ги возобноват патиштата за населбите (види: Исаија 58:12)“. ¬– Пророци и цареви, 677,678.

б. Покрај саботата од четвртата заповед, наведете уште две други установи кои треба да се обноват - и зошто.

1) Бракот (Создавање 1:26,27; Матеј 19:9).

2) Првобитната исхрана (Создавање 1:29; Исаија 22:12-14 - Денот на помирувањето).

„(Од Едем) потекнуваат бракот и саботата, две институции на слава Божја и за благослов на човештвото”. ¬– Мисли од гората, 63.

„Што се случува денес со брачната врска? Зарем не е изопачена и извалкана како во времето на Ное? Во дневните весници се забележува развод по развод. Ова е бракот за кој зборува Христос кога вели дека луѓето пред потопот ‘се женеа и се мажеа’“. ¬– Manuscript Releases, vol. 7, p. 56.

„Исус сака да види среќни бракови, среќни огништа“. ¬– In Heavenly Places, p. 202.

„Вистинскиот пост, кој треба да им се препорача на сите, е да се воздржуваат од секаква стимулативна храна и правилна употреба на здрава едноставна храна, која Бог ја дал во изобилство“. ¬– Medical Ministry, p. 283.


Четврток 28. април

5. ВРЕМИЊА НА ОБНОВА (ПРОДОЛЖЕНИЕ)

а. Што претходи и што следи во процесот на обнова? Дела 3:19-21.

„’Кога ќе биде обновено сѐ, за кое Бог навестуваше од дамнина преку устата на сите свои свети пророци’ (Дела 3:21), саботата на создавањето денот во кој Исус почивал во Јосифовиот гроб сѐ уште ќе биде ден за одмор и радост. Небото и Земјата ќе се обединат во славењето ‘од сабота до сабота’ (Исаија 66:23), а мноштвото спасени радосно ќе Му се поклонуваат на Бога и на Јагнето“. ¬– Копнежот на вековите, 769,770.

„Луѓето треба помалку да размислуваат за тоа што ќе јадат и пијат од привремената храна, а многу повеќе за небесната храна, која ќе му даде карактер и живот на целото религиозно искуство“. ¬– Medical Ministry, p. 283.

„За да дознаеме која храна е најдобра треба да го проучиме првобитниот Божји план за исхраната на луѓето. Оној кој го создал човекот и кој ги разбира неговите потреби, ја одредил храната на Адам... Житарките, овошјето, зеленчукот и јаткастите плодови ја сочинуваат исхраната што Творецот ја одбрал за нас“. ¬– Child Guidance, p. 380.

„(Јован Крстител) бил претставник на оние што живеат во овие последни денови, на кои Бог им ги доверил светите вистини, што треба да им ги претстават на луѓето и да го подготват патот за второто Христово доаѓање. Јован бил реформатор...

Јован бил одвоен од своите пријатели и од удобниот живот. Едноставноста на неговата облека - облека исткаена од влакна на камила, била постојан укор за екстравагантноста и наметливоста на еврејските свештеници и народот воопшто. Неговата исхрана, чисто растителна, составена од рогач и мед од диви пчели, била укор за апетитот и ненаситноста што преовладувала насекаде“. ¬– Counsels on Health, p. 72.


Петок 29. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кој е библискиот стандард за бракот?

2. Објаснете ги тајните на среќниот брак.

3. Каде во Библијата е јасно наведено дека бракот е доживотен?

4. Кои витални установи треба да ги обновиме од Едем пред Христовото враќање?

5. На кој начин нашето дело е слично со она на Јован Крстител?

 <<    >>