Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото евангелие до: Коринтјаните

 <<    >> 
13. лекција Сабота, 25. јуни 2022.

Христови пратеници

„Па така, ние сме Христови пратеници, како Бог да зборува преку нас. Ве молиме во името на Христос: помирете се со Бога“. (2 Коринтјаните 5:20).

„ И по своето вознесение Христос го продолжил своето дело преку одбрани пратеници преку кои Тој им зборува на луѓето и се грижи за нивните потреби. Големиот Поглавар на црквата го надгледува своето дело со помош на човечки орудија, одбрани од Бога, да дејствуваат како негови претставници“. – Делата на апостолите, 360.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Делата на апостолите, 359-371. 

Недела 19. јуни

1. БОЖЈИОТ СУД

а. На кого ќе му биде судено на Божјиот суд? 2 Коринтјаните 5:10; Римјаните 14:12; Даниел 7:9,10.

„Така на пророкот во видение му е покажан големиот и свечен ден во кој Судијата на целиот свет ќе го прегледа карактерот и животот на секој човек и кога ќе му биде дадено ‘на секого според делата негови’ (Откровение 22:12). Старецот е Бог Отецот. Псалмистот вели: ‘Дури уште пред да се појават горите, и пред создавањето на Земјата и на вселената, отсекогаш и засекогаш Ти си Бог’ (Псалм 90:2). Оној кој претставува извор на сѐ што постои и основа на сите закони, претседава со овој суд“. – Големата борба, 479.

„(Павле) нагласил дека сигурно ќе дојде судниот ден кога сите ќе бидат наградени според своите дела направени во телото, и кога јасно ќе се открие дека богатството, власта, општествената положба и звањето се немоќни на човекот да му обезбедат божествена наклоност или да го ослободат од последиците на сторените гревови. Покажал дека овој живот за човекот претставува само време на подготовка за идниот живот. Ако не ги искористи предимствата и приликите што му стојат на располагање сега, човекот може да претрпи вечна загуба, зашто нема да му се даде ново време на милост и проверка“. – Делата на апостолите, 424.


Понеделник 20. јуни

2. ОСЛОБОДЕНИ НА СУДОТ

а. На кого прво ќе му биде судено? 1 Петрово 4:17,18.

б. Како ние можеме да бидеме ослободени на судот? Јован 3:16,17; 5:24; Римјаните 8:1.

„Покрај имињата на оние кои вистински се покајале за своите гревови и кои со вера ја признале Исусовата крв како своја жртва на исчистување, во небесните книги ќе биде забележано ‘простување’. Бидејќи станале учесници во Христовата правда и се утврдило дека нивниот карактер е во хармонија со Божјиот закон, нивните гревови ќе бидат избришани, а тие прогласени достојни за вечен живот. Господ кажува преку пророкот Исаија: ‘А Јас, Јас Сам ги бришам твоите престапи заради Самиот Себе и гревовите твои нема да ги спомнам’ (Исаија 43:25). Исус рекол: ‘Кој победува ќе биде облечен во бела облека, и нема да му го избришам името негово од книгата на животот, туку ќе го признам името негово пред мојот Отец и пред Неговите ангели’. ‘И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признам и јас него пред Мојот Отец небесен. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен’“ (Откровение 3:5; Матеј 10:32,33)“. – Големата борба, 483.

в. Кои се главните услови за некој да биде ослободен? Изреки 28:13; 1. Јованово 1:9; Дела 3:19.

„Вистина е дека мора да има покајание пред да има помилување, но грешникот мора да дојде кај Христа пред да најде покајание. Христовата доблест е таа што ја зајакнува и просветлува душата за да биде богоугодно и прифатливо покајанието. Петар јасно го кажал ова кога рекол за Христа: ‘Бог со десницата Своја Го возвиси Него, Зачетникот и Спасителот, за да му даде покајание и простување на гревовите на Израел’. Покајанието е исто толку Христов дар како и простувањето на гревовите. Покајанието не може да се доживее без Христа; бидејќи токму покајанието, што доаѓа од Него, е темелот на кој можеме да бараме прошка. Преку дејството на Светиот Дух луѓето се доведуваат до покајание. Од Христа доаѓа благодатта на покајанието, како и дарот на простувањето, а покајанието и простувањето на гревовите се обезбедуваат само преку искупителната крв Христова. Оние на кои Бог им простува, Тој прво ги прави да се покајат“. – The Youth’s Instructor, December 6, 1894.


Вторник 21. јуни

3. НОВО РАЃАЊЕ

а. Каква порака му упатил Исус на еден верски водач? Јован 3:3-5. Кога и на кој начин грешникот повторно се раѓа? Јован 1:12,13.

„Кога вистината ќе стане непоколебливо животно начело, луѓето стануваат ‘новородени не од распадливо семе, туку од нераспадливата жива и вечна Божја реч’. Таа преродба настапува ако Христос се прими како Божја реч. Кога божествените вистини ќе се втиснат во срцето со помош на Светиот Дух, тие создаваат нови сфаќања, а силите, до тогаш успиени, се будат и соработуваат со Бога“. – Делата на апостолите, 520.

б. Кога треба да го доживееме искуството на ново раѓање и умирање за гревот? 1 Коринтјаните 15:31.

„Ако небото се стекнува со страдање, тогаш тоа ќе биде доста евтино. На тој пат мораме постојано да се одречуваме од себеси и секој ден да умираме за себеси, гледајќи само на Исуса и имајќи ја пред очи постојано Неговата слава. Видов дека оние кои неодамна ја примиле вистината мораат да знаат што значи да се трпи заради Христа, и дека ќе бидат изложени на болни искушенија и делкања, за да се очистат низ сите тие страдања и да се подготват да можат да го примат печатот на живиот Бог, да го издржат времето на неволјите, да го видат Царот во Неговата убавина и да живеат во присуство на Бога и чистите, свети ангели“. – Рани списи, 67.

в. Што се случува кога човек повторно ќе се роди? 2 Коринтјаните 5:14-17.

„Откупот што го платил Христос е доволен за спасение на сите луѓе; но тоа ќе биде корисно само за оние кои стануваат нови созданија во Исус Христос, верни поданици на вечното Божјо царство. Неговото страдање нема да го заштити од казна непокајаниот, нелојален грешник.

Христовото дело е да го врати човекот во неговата првобитна состојба, да го излекува со божествената сила од раните и модринките нанесени од гревот. Уделот на човекот е со вера да се фати за Христовите заслуги и да соработува со божествените орудија во формирање на праведен карактер; за да може Бог да го спаси грешникот, а сепак да биде праведен и да го оправда Неговиот праведен закон“. – Fundamentals of Christian Education, p. 430.


Среда 22. јуни

4. СЛУГИ НА ПОМИРУВАЊЕТО

а. Како можеме да се помириме со Бога? Ефесјаните 2:11-13,16; Евреите 2:17,18.

„Оддалечете се од гласот на сатаната и престанете да ја вршите неговата волја и застанете на страната на Исус, поседувајќи ги особините на Оној кој се одликува со проникливост и префинети чувства, кој е способен да се поистоветува со случајот на несреќните и измачени души. Човекот на кого многу му е простено, многу и ќе љуби. Исус е сочувствителен Посредник, милостив и верен Првосвештеник. Тој, Небесното Величество - Царот на славата - гледа во ограничениот човек изложен на сатанските искушенија, знаејќи дека и самиот ја почувствувал моќта на сатанските измами“. – Christian Education, p. 160..

б. Што стануваме кога повторно ќе се родиме и ќе се помириме со Бога? 2 Коринтјаните 5:18,19.

„И проповедниците и обичните членови треба да ја проучуваат Библијата и да разберат како да постапат во однос на грешниците“. – The Review and Herald, January 3, 1893.

„Милостивите се ‘учесници во Божјата природа’ (2. Петрово 1:4), и во нив Божјата љубов, полна со сочувство, доаѓа до израз. Сите оние чии срца сочувствуваат со срцето на бескрајната Љубов, ќе се трудат да насочат кон подобар пат, а не да осудат. Христос кој престојува во душата е непресушен извор. Таму каде што Тој пребива, таму се прелева од добродетелство.

Кога заблудените, сироти жртви на искушенијата, страстите и гревот, повикуваат за помош, вистинскиот христијанин не прашува: Дали тие се достојни? туку, што можам да сторам за нивно добро? Во најбедните и нај понижените тој гледа души за чие спасение Христос умрел и поради кои Бог на своите деца им ја доверил службата на помирување“. – Мисли од гората, 22.

„Со својата рамнодушност, многу членови на црквата го жалостат Светиот Дух. Наместо Христа, тие треба да ги молат другите да се помират со Бога. Небесните орудија се подготвени да соработуваат со оние кои се ангажирани во делото Господово. Светиот Дух чека да се соедини во сочувство со секој вистински верник и да го направи Божји соработник. Нека не се занемаруваат средствата кои ќе ја унапредат работата која треба да се заврши. Во нашите редови не смее да има самовозвишување, туку многу повеќе молитви“. – The Paulson Collection, p. 118.


Четврток 23. јуни

5. ПРАТЕНИЦИ

а. Откако станавме слуги на помирувањето, каква задача добиваме од Господ? 2 Коринтјаните 5:20.

„Господ ги праќа своите претставници со порака на спасението и сите што ја чуле таа порака ги смета за одговорни за ставот што го зазеле кон зборовите на Неговите слуги“. – Делата на апостолите, 232.

„И по своето вознесение Христос го продолжил своето дело преку одбрани пратеници преку кои Тој им зборува на луѓето и се грижи за нивните потреби. Големиот Поглавар на црквата го надгледува своето дело со помош на човечки орудија, одбрани од Бога, да дејствуваат како негови претставници.

Положбата на луѓето што ги повикал Бог да ја изградуваат неговата црква со збор и со наука е мошне одговорна. Нивна должност е наместо Христа да ги повикуваат луѓето да се помират со Бога и тие својата должност можат верно да ја исполнат само ако мудрост и сила примаат озгора“. – Делата на апостолите, 360.

б. Како можат Христовите пратеници да бидат успешни во својата мисија? Дела 1:8.

„Зошто ние не почувствуваме поголем глад и жед за дарот - за Духот - кога Тој претставува средство со кое примаме сила? Зошто не зборуваме за тој дар, зошто не го бараме во нашите молитви? Зошто не држиме проповед за тоа? На оние што му служат, Господ со поголемо задоволство им го дава Светиот Дух како дар отколку родителите што им даваат добри дарови на своите деца. Секој работник сесрдно нека му упатува молитви на Бога за секојдневно крштавање со Духот. Христијанските работници треба да имаат посебни собири на кои ќе се молат за помош и за небесна мудрост за да можат мудро да поставуваат планови и да ги извршуваат. Особено треба да се молат на Бога Бог своите избрани пратеници во мисионерските полиња изобилно да ги крсти и да ги облагороди со својот Дух. Присуството на Духот ќе помогне Божјите работници при проповедањето на вистината да добиваат сила која не можат да им ја дадат никакви почести ниту славата на овој свет“. – Делата на апостолите, 50.


Петок 24. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што треба да имам на ум за мислите и постапки што ги правам?

2. Како, кога и зошто треба сериозно да барам Бог да ме прифати?

3. Што се случува со мисловниот процес кај новородениот верник?

4. Што станува моја должност, откако сум се помирил со Бога?

5. Како Христови пратеници, за што треба секој од нас горливо да се моли?

 <<    >>