Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото евангелие до: Коринтјаните

 <<    >> 
12. лекција Сабота, 18. јуни 2022.

Новозаветна служба

„Но овој е заветот што ќе му го дадам на домот Израелов во оние дни, вели Господ: ќе ги врежам законите Свои во мислите нивни, и во срцата нивни ќе ги напишам, и ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ“ (Евреите 8:10).

„Новиот завет е заснован на ‘подобри ветувања’ - на ветување за проштавање на гревот и за божествена милост која е во состојба да го прероди срцето и да го доведе во хармонија со начелата на Божјиот закон“. – Патријарси и пророци, 372.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 370-373. 

Недела 12. јуни

1. СТАРИОТ ЗАВЕТ

а. Кога биле објавени Десетте заповеди на планината Синај, какво ветување дал израелскиот народ? Излез 19:8; 24:7.

„(Израелците) не ја увидувале грешноста на своето сопствено срце и фактот дека без Христа не е можно да се држи Божјиот закон. Затоа биле готови веднаш и без премислување да склучат сојуз (завет) со Бога. Уверени дека можат сами ‘да ја утврдат својата правда’, изјавиле: ‘Сè, што рекол Господ, ќе правиме и ќе бидеме послушни’ (Излез 24:7)“. – Патријарси и пророци, 371,372.

б. Кои биле условите на Заветот воспоставен на Синај? Езекиел 20:11; Левитска 18:5; Второзаконие 27:26.

в. Каде Бог ги напишал Десетте заповеди и зошто луѓето не можеле да го одржат своето ветување? Излез 31:18; Римјаните 10:3; 9: 30-32.

„(Свештениците и поглаварите) сметале дека нивната лична праведност е сосем доволна и не сакале да внесуваат никаков нов елемент во својата вера“. – Делата на апостолите, 15.


Понеделник 13. јуни

2. СМРТОНОСНО СЛУЖЕЊЕ

а. Зошто Павле ги нарекува Десетте заповеди „смртоносно служење“? 2 Коринтјаните 3:7.

„Славата на Мојсеевото лице била крајно болна за синовите на Израел поради нивното престапување на Божјиот свет закон. Ова е илустрација на чувствата на оние кои го прекршуваат Божјиот закон“. – Selected Messages, bk. 1, p. 232.

„(Мојсеј) видел дека само преку Христа човекот може да го држи моралниот закон. Со прекршување на овој закон, човекот го донел гревот во светот, а со гревот дошла и смртта.

Гледањето на целта на она што требало да се отстрани, гледањето на Христа откриен во законот, било она што го осветлило лицето на Мојсеј. Службата на законот, напишана и врежана во камен, била служба на смртта. Без Христа, престапникот останал под негово проклетство, без надеж за помилување. Службата сама по себе немала слава, но ветениот Спасител, откриен во симболите и сенките на церемонијалниот закон, го направил моралниот закон славен“. – Selected Messages, bk. 1, p. 237.

„(Израелците) сакале Мојсеј да биде нивен посредник. Тие не разбрале дека Христос е нивен посредник и дека без Неговото посредување, тие сигурно ќе бидат уништени“. – Selected Messages, bk. 1, p. 238.

б. Каква е вистинската состојба на целиот човечки род? Римјаните 3:23; 6:23 (прв дел).

„Божјата реч изјавува: ‘Сите згрешија и лишени се од славата Божја’ (Римјаните 3:23). ‘Нема кој да прави добро, нема ниту еден’ (Римјаните 3:12). Многумина се измамени во врска со состојбата на нивните срца. Тие не сфаќаат дека природното срце е лукаво и е наполно расипано. Тие се обвиткуваат со сопствената праведност и се задоволни со достигнувањето на сопствениот човечки стандард на карактерот; но колку е страшен нивниот неуспех кога не го достигнуваат божествениот стандард и сами по себе не можат да ги исполнат Божјите барања.

Можеме да се мериме со себе, можеме да се споредуваме меѓу себе, можеме да кажеме дека правиме добро како овој или оној, но прашањето на кое судот ќе бара одговор е дали ги исполнуваме барањата на возвишеното небо? Дали го достигнавме божествениот стандард? Дали нашите срца се во склад со небесниот Бог?“ – Selected Messages, bk. 1, p. 320,321.


Вторник 14. јуни

3. УСЛОВИТЕ И БЛАГОСЛОВИТЕ НА НОВИОТ ЗАВЕТ

а. Кои се условите на Новиот завет? Евреите 8:10-12.

„Заветот на милоста првпат е склучен со човекот во Едем, по сторениот грев, кога е дадено божествено ветување дека семето на жената ќе ѝ стапне на змијата на главата. Тој сојуз на сите луѓе им нудел проштавање и поддршка од Божјата милост со цел во иднина, со вера во Христа да можат да бидат послушни. Ветен им е вечен живот под услов да му останат верни на Божјиот закон. На тоа патријарсите ја засновале својата надеж во врска со спасението.

Истиот тој завет бил обновен со Аврама во ветувањето: ‘И ќе бидат благословени преку потомството твое сите народи на земјата’ (Создавање 22:18). Тоа ветување укажувало на Христа. Аврам така и го сфатил (види Галатјаните 3:8,16), па од Христа и очекувал проштавање на гревот. Таа вера му е засметана во праведност. Заветот склучен со Аврама исто така ја поддржувал важноста на авторитетот на Божјиот закон. Господ му се јавил на Аврама велејќи: ‘Јас сум Ел-Шадај – Бог семоќен, чекори по Мојот пат и биди непорочен’ (Создавање 17:1). Божјото сведоштво за неговиот верен слуга гласело: ‘Авраам го послуша гласот Мој и се покоруваше на заповедите Мои, на наредбите Мои и на законите Мои’ (Создавање 26:5)...

Иако тој завет бил склучен со Адама и обновен со Аврама, сепак не можел да биде потврден сѐ до Христовата смрт. Според Божјото ветување, заветот постоел откако било дадено првото навестување за откуп; бил прифатен со вера; сепак, откако е потврден од Христова страна, се вика нов завет. Божјиот закон бил основа на тој завет, кој всушност е само едно средство човекот пак да стапи во хармонија со Божјата волја на тој начин што е ставен во положба која му овозможува да биде послушен на Божјиот закон“. – Патријарси и пророци, 370,371.

„Новиот завет се заснова на ‘подобри ветувања’ - на ветувањето за простување на гревовите и за Божјата благодат која е во состојба да го обнови срцето и да го доведе во хармонија со начелата на Божјиот закон“. – The Faith I Live By, p. 78.

б. Кој е Божјиот народ, според овој завет на милоста? Евреите 8:10; Исаија 51:7.

„Благодарение на Христовата милост, ним им е овозможено да му се покоруваат на Божјиот закон. Така Бог во секое време меѓу отпадниците и бунтовниците собира и изведува еден народ кој му е верен нему - народ ‘Кој во срцето свое го има Мојот закон’ (Исаија 51:7)“. – Патријарси и пророци, 338.


Среда 15. јуни

4. СЛУЖБАТА НА НОВИОТ ЗАВЕТ

а. Како Павле ја опишува службата на заветот на милоста? 2 Коринтјаните 3:4-6; Колосјаните 1:25-29.

„Каква света доверба ни дал Бог, со тоа што нè направи Негови слуги за да помогнеме во делото на спасување души! Тој ни ги доверил големите вистини, најсвечената, пробна порака за светот. Наша должност не е само да проповедаме, туку да служиме, да се приближиме до срцата. Талентите што ни се доверени треба да ги користиме вешто и мудро за да можеме да ја прикажеме скапоцената светлина на вистината на најпријатен начин, на начин кој е најсоодветен за привлекување души...

Каква одговорност е ова! Овде е претставено дело кое вклучува многу повеќе од едноставно проповедање на зборот; тоа е да го претставиме Христа во нашиот карактер, да бидеме живи посланија, кои ќе ги познаваат и читаат сите луѓе.

Господ е Тој што нè повикал на ова дело, и ние треба да гледаме само на Неговата слава. Не смееме да се потпираме на нашите сопствени напори, како ние да можеме да ги преобратиме душите. Само Бог може да убеди и преобрати. Исус ги повикува грешниците да дојдат кај Него со сите нивни товари и Тој ќе им даде одмор и мир“. – Gospel Workers (1892), pp. 422, 423.

б. Што рекол Петар во врска со оваа служба? 1 Петрово 5:1-5.

„Големиот Пастир има свои потпастири, на кои им ја доверува грижата за своите овци и јагниња. Првата задача што Христос му ја доделил на Петар, откако го вратил во службата била: ‘Паси ги јагненцата Мои’ (Јован 21:15). Ова била задача во која Петар немал големо искуство; тука се барало голема грижа и нежност, многу трпение и упорност. Со ова тој бил повикан да им служи на децата и младите, а особено на младите во верата, да ги поучува неуките, да им го отвори Светото Писмо и да ги воспитува да бидат корисни во Христовата служба. Дотогаш Петар не бил способен за оваа работа, па дури и да ја разбере нејзината важност.

Прашањето што Христос му го поставил на Петар е значајно. Тој спомнал само еден услов за учеништво и служба. ‘Ме љубиш ли?’ Ова е главниот услов. Иако Петар можел да ги поседува сите други, без Христовата љубов тој не би можел да биде верен пастир на Господовото стадо. Знаењето, добрата волја, елоквентноста, благодарноста и ревноста – се помошници во добрите дела, но без љубовта кон Исус во срцето, работата на христијанскиот слуга ќе се покаже како неуспешна“. – Gospel Workers, pp. 182, 183.


Четврток 16. јуни

5. ПОКРИВАЛО

а. Зошто Мојсеј морал да стави покривало на лицето пред да му се обрати на народот, и зошто е тоа важно? Излез 34:29-35; 2 Коринтјаните 3:12,13.

„Самиот Мојсеј не бил свесен за сјајната слава што се одразувала на неговото лице и не знаел зошто синовите на Израел побегнале од него кога тој им се приближил. Ги повикал кај себе, но тие не се осмелиле да го погледнат славното лице. Кога Мојсеј дознал дека народот не може да го погледне неговото лице, поради неговата слава, го покрил со покривало...

Оние кои го негуваат ставот дека немало Спасител во Стариот Завет, имаат подеднакво мрачно покривало над нивното разбирање, како и Евреите кои го отфрлиле Христа... Од друга страна, христијанската црква, која исповеда целосна вера во Христа, презирајќи го еврејскиот систем, практично се откажува од Христа, кој бил основачот на целиот тој систем“. – Selected Messages, bk. 1, p. 232.

б. Како може да се отстрани ова покривало од нашите очи? 2. Коринтјаните 3:14-16.

„Славата што блескала на Мојсеевото лице била одраз на Христовата праведност во законот. Самиот закон не би имал слава, доколку не бил отелотворен во Христа. Законот нема моќ да спаси. Тој нема свој сјај, но преку Христа е претставен како полн со праведност и вистина...

На Мојсеј му било откриено значењето на симболите и сенките кои укажувале на Христа. Тој го видел крајот на она што требало да престане кога, при Христовата смрт, типот ќе се сретне со антитипот. Тој видел дека само преку Христа човекот може да го држи моралниот закон“. – Selected Messages, bk. 1, p. 237.


Петок 17. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како проблемот на Израелците со Божјиот морален закон често се повторува денес?

2. Зошто е толку неразумно да се споредуваме меѓу себе?

3. Објаснете ја моќта што се наоѓа во Новиот завет.

4. Опишете го библискиот став кон новозаветната служба.

5. Што му носи слава на Божјиот морален закон?

 <<    >>