Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото евангелие до: Коринтјаните

 <<    >> 
6. лекција Сабота, 7. мај 2022.

Поуки од историјата на Израел

„Сето тоа ним им се случуваше да служат како пример, а беше запишано нам за опомена, до кои стигна крајот на вековите“ (1 Коринтјаните 10:11).

„Денес сатаната ги користи истите средства за да ги предизвика истите зла, а неговите напори се проследени со истите резултати кои во деновите на Израел положија толку многу луѓе во гробови“. – The Review and Herald, February 4, 1909.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   1 Коринтјаните 10:1-11
  Делата на апостолите, 315–317. 

Недела 1. мај

1. ПОХОТЛИВИ ПО ЗЛИ РАБОТИ

а. По кои зли работи (1. Коринтјаните 10:6) стремеле Израелците?

„Кога Бог ги извел децата на Израел од Египет, Негова цел била да ги насели во Хананската земја како чист, здрав и среќен народ... Тој во голема мерка ја отстранил месната храна од нив. Им дозволил месо поради нивните барања, токму пред да стигнат до Синај, но и тоа само за еден ден. Бог можел да обезбеди месо исто толку лесно како и маната, но ограничувањето било ставено врз луѓето за нивно добро. Негова цел била да им овозможи на луѓето храна која е посоодветна за нивните потреби отколку трескавичната исхрана на која мнозина од нив биле навикнати во Египет. Изопачениот апетит требал да биде доведен во поздрава состојба, за да можат да уживаат во храната која првично им била наменета на луѓето -плодовите на земјата, кои Бог им ги дал на Адам и Ева во Едем“. – Совети за животот и исхраната, 377.

б. Што брзо се случило како резултат на нивната неумереност? Броеви 11:4,20,31-34.

„Нивните бунтовни желби биле задоволени, но затоа морале да ги сносат последиците. Се насладувале без мерка и граници и поради таквата неумереност морала да уследи неодложна казна. ‘Господ го порази народот со мошне голем пораз’. Мнозина се разболеле и изумреле од страшна треска додека најголемите виновници биле поразени со помор штом ја вкусиле храната за која жеднееле“. – Патријарси и пророци, 382.


Понеделник 2. мај

2. ИДОЛОПОКЛОНСТВО

а. Во какво понижувачко отпадништво учествувал Израел на Синај? Излез 32:1-6.

„Под изговор дека празнуваат ‘празник на Господ’, тие се оддале на ненаситност и на развратни наслади...

Поминале само неколку дена откако Евреите склучиле свечен сојуз со Бога и се обврзале да го слушаат неговиот глас. Тогаш тресејќи се стоеле пред гората и ги слушале Божјите зборови: ‘Немој да имаш други богови освен Мене!’ Сѐ уште пред очите на собирот се реела Божјата слава над Синајската гора, но тие ја напуштиле неа и побарале други богови. ‘Направија теле на Хорев и му се поклонија на идолот. Ја заменија својата слава со лик на теле, што јаде трева’ (Псалм 106:19,20). Поголема неблагодарност и повеќе дрска навреда не можеле да му нанесат на Оној кој им се открил како нежен татко и како семожен Цар“. – Патријарси и пророци, 317.

б. Како можеме денес да бидеме во опасност да бидеме вклучени во идолопоклонство, дури и без извајани идоли? Излез 20:3-6; 1 Јованово 5:21.

„Вечниот, жив и недосеглив Јехова, кој нема ниту почеток ниту крај, кој не е некое создадено суштество, е единствен извор на животот и творец на се што е создадено, Оној кој се одржува и само нему треба да му се клањаме и да го обожаваме. На луѓето им е забрането на кого било или на што било друго да му даваат прво место во својата наклоност или служба. Ако цениме или сакаме што било друго што на некој начин води кон намалување на нашата љубов кон Бога или оди на штета на службата што му ја должиме нему, тогаш веќе од тоа си создаваме себеси друг бог“. – Патријарси и пророци, 305.

„Луѓето толку долго време се поклонувале на човечки идеи и човечки одредби што речиси целиот свет почнал да ги следи идолите“. – Пророци и цареви, 186.

„Секојпат кога ќе одбиете да ја слушате пораката на милоста, го зајакнувате своето неверување. Секојпат кога ќе пропуштите вратата на своето срце да му ја отворите на Христа, станувате се помалку склони да го слушате гласот на Оној кој ви се обраќа и на тој начин ја намалувате својата можност да одговорите на последниот повик на милоста. Не дозволете и за вас да се напише исто што и на стариот Израел: ‘Ефрем се поврзал со идолите; остави го!’ (Осија 4:17). Не дозволете Христос да плаче над вас како што плачел над Ерусалим, велејќи: ‘Колкупати сакав да ги соберам чедата твои како што квачка ги собира пилињата свои под крилја, но не сакавте. И ете, домот ваш ќе ви биде напуштен’ (Лука 13:34,35)“. – Христовите поуки, 237.


Вторник 3. мај

3. НЕМОРАЛНОСТ

а. Каква морална катастрофа го снашла Израел кај Ваал-Фегор? Броеви 25:1-9.

„Според советот на Валама, моавскиот цар приредил голема свеченост во чест на своите богови и потајно средил Валам да ги наговори Израелците и тие да земат учество во тоа. Бидејќи овие го сметале за Божји пророк, нему не му било тешко да ја постигне својата цел. Голем дел од народот пошол по него да присуствува на свеченостите. Се осмелиле да стапат на забранета почва и се сплеткале во мрежите на сатаната. Восхитени од музиката и играта и намамени од убавината на незнабожечките калуѓерки, ја занемариле својата верност кон Бога. Се придружиле кон веселбата и славјето, виното им го поматило разумот и ги урнало сите огради на самосовладувањето. Сетилноста потполно загосподарила и бидејќи својата совест ја извалкале со разврат, дозволиле да бидат наговорени да се поклонат пред идолите. Принесувале жртви на незнабожечките олтари и учествувале во понижувачките обреди“. – Патријарси и пророци, 454.

б. Како што се приближуваме до небесниот Ханаан, како сатаната постапува на сличен начин за да го уништи Божјиот народ? 1 Коринтјаните 10:11-13.

„Сатаната точно го познава материјалот во човечкото срце со кој ќе има работа. Тој ги познава најчувствителните точки во човечкиот карактер, зашто илјадници години ги проучува со пеколна ревност. Затоа во сите поколенија се трудел најсилните луѓе, кнезовите во Израел, да ги совлада токму со тоа искушение кое со толку голем успех го применил во Ваал-Фегор. Во сите столетија на сите страни се забележувале такви карактерни црти како остатоци на брод парчосан на карпата на грешните страсти. Денеска, кога се приближуваме кон крајот на времето и кога Божјиот народ стои на границата на небесниот Ханан, сатаната, како и во минатото, двојно ќе ги зголеми своите напори за да ги спречи да влезат во ветената земја. Тој поставува свои стапици пред секоја душа. Оттаму, сите мора да бидат претпазливи, а не само неуките и необразованите. Тој ќе смисли искушенија дури и за оние што се наоѓаат на највисоки положби и на најсвети должности; ако му појде од рака да ја извалка нивната душа, тогаш ќе може да уништи и многу други. И денеска тој се служи со исти средства како и пред три илјади години. Со помош на пријателство со светот, со помош на шармот на убавината, со желбата за задоволства, со веселбите, со различни свечености и со чаша вино, тој наведува на престап на седмата заповед“. – Патријарси и пророци, 457,458.


Среда 4. мај

4. ЛОША НАВИКА

а. Кој грев често се појавувал за време на патувањето на Израелците и како се казнувал? 1 Коринтјаните 10:10; Излез 16:8; Броеви 14:27,36; 11:1.

„На своето патување од Црвеното Море до Синај, тие често се плачеле и се бунеле, но, имајќи сожалување кон нивното незнаење и слепило, Бог тогаш не ги казнувал за тие гревови. Меѓутоа, од тоа време Тој им се открил на Хорев. Тие примиле голема светлина зашто го виделе Божјото величество, неговата моќ и милост; затоа нивното незадоволство и неверство сега претставувале голем грев. Освен тоа, тие се заветувале дека го прифаќаат Јехова за свој цар и дека ќе го почитуваат неговиот авторитет. Нивното мрморење сега претставувало бунт, па затоа морала да уследи брза и видлива казна со цел Израел да се спаси од анархија и од пропаст. И ‘Господ чу, па Му се разгоре гневот, и меѓу нив пламна оган Господов и започна да го уништува крајниот дел од логорот’. Најодговорните за бунтот биле уништени со молња од облакот“. – Патријарси и пророци, 379.

б. Зошто повеќето Израелци кои го напуштиле Египет не можеле да влезат во ветената земја – и зошто Божјиот народ денес патува толку долго во овој злобен свет? Евреите 3:16-19; 4:1,2.

„Четириесет години, неверувањето, мрморењето и бунтот го исклучувале древниот Израел од Хананската земја. Истите гревови го одложија влегувањето на современиот Израел во небесниот Ханаан. Во ниту еден случај, Божјите ветувања не изневериле. Неверувањето, световноста, непосветеноста и расправиите меѓу оние кои се изјаснувале за Божји народ е она што нè задржа толку многу години во овој свет на грев и страдање“. – Evangelism, p. 696.

в. Кој е коренот на мрморењето и како можеме да го надминеме? Римјаните 11:20.

„Евангелието се ширело по цел свет како пријатен мирис на темјан. За оние што ќе го прифатат Христа, пораката ќе биде животен мирис за живот, но за оние кои упорно ќе останат во неверство, таа претставува смртен мирис за смрт“. – Делата на апостолите, 326.


Четврток 5. мај

5. ПОБЕДНИЧКИ НАРОД

а. Опишете го клучот на победата и покрај предизвиците со кои се соочуваме. Откровение 12:17; 1 Коринтјаните 15:57.

„Евангелие кое треба да се проповеда на ‘секое племе и колено, јазик и народ’ ја прикажува вистината во сета нејзина јасност, покажувајќи дека послушноста е услов за стекнување вечен живот. Христос ја дава својата праведност на оние кои се согласуваат да му дозволат да ги земе нивните гревови. Ние сме должни на Христа за благодатта што нè прави целосни во Него“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 7, p. 972.

„И покрај недостатоците на Божјиот народ, Христос не ги отфрла оние за кои се грижи. Тој има моќ да ја замени нивната облека. Тој ја слекува од нив нивната валкана облека и сите што се каат и веруваат ги облекува во облеката на Својата праведност. Во небесните извештаи покрај нивното име се допишува: ‘Помилувани!’ Тој ги признава како Свои пред целата вселена. Нивниот противник, сатаната, се покажува како обвинител и измамник. Бог навистина ќе им даде правда на Своите избраници“. – Христовите поуки, 169,170.

б. Кои се главните особини по кои се препознава Божјиот народ? Откровение 14:12; 15:2.

„Кога зборуваме за таа борба, целиот христијански свет ќе биде поделен на две големи групи - оние кои ги држат Божјите заповеди и верата на Исус, и оние кои го обожаваат ѕверот и неговиот лик (икона) и го примаат неговиот белег (жиг). Иако црквата и државата ќе ги здружат силите за да ги принудат сите ‘мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови’, да го прифатат ‘белегот (жигот) на ѕверот’ (Откровение 13:16), сепак Божјиот народ нема да го прифати“. – Counsels for the Church, pp. 39,40.


Петок 6. мај

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Објаснете еден голем проблем кој Израелците го имале во пустината.

2. Наведете некои од начините на кои идолопоклонство се практикува денес.

3. Како сатаната може да нè зароби како Израелците во Ваал-Фегор?

4. Што треба да направам за да ја надминам мојата склоност да мрморам?

5. Како можам да бидам победник во последната битка?

 <<    >>