Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од Давидовиот живот

 <<    >> 
9. лекција Сабота, 27. февруари 2021

Растејќи во Божјата мудрост

„Почеток на мудроста е верноста кон Господ, а почитувањето на Светиот е разум” (Изреки 9:10).

„Сфатил дека само со Божја сила може да дојде на престолот; дека само во Божјата мудрост може да владее разумно”. – Воспитување, 152.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 706-713. 

Недела 21. февруари

1. СТРАВОПОЧИТ КОН ОНА ШТО Е СВЕТО

а. Откако Уза бил казнет со смрт бидејќи го допрел ковчегот, што направил Давид – како што би требало и секој од нас - за светоста на Божјиот закон? 2. Самоилова 6:8-10. Како и зошто бил награден Овид-Едом? 2. Самоилова 6:11; Изреки 9:10.

„Давид бил силно погоден и мошне вознемирен и во своето срце дури ја доведувал во прашање Божјата правда. Тој имал намера да му укаже слава на ковчегот на заветот, како симбол на Божјото присуство. Тогаш зошто се случило таа страшна казна радоста да ја претвори во болка и тага?” – Патријарси и пророци, 705.

„Чувствувајќи дека срцето кон Бога не му било наполно исправно, кога ја видел смртта на Уза Давид се уплашил од ковчегот; се загрижил и него да не го снајде казна поради неговиот грев. Но Овид-Едом, Иако се радувал тресејќи се, топло го поздравил светиот симбол, залогот на Божјата милост кон послушните. Сега вниманието на цел Израел било насочено кон Гетеецот и неговото семејство; сите очекувале да видат како ќе помине тој. (2 Самоилова 6:11)

Божествената опомена дејствувала врз срцето на Давида. Како никогаш порано, тој ја сфатил светоста на Божјиот закон и потребата од строга послушност...

(Давид) сега внимавал во секоја подробност да се почитуваат Господовите упатства”. – Патријарси и пророци, 706.


Понеделник 22. февруари

2. ВТОР ОБИД

а. Што треба да научиме од тоа како Давид покажал поголема послушност, грижа и почит при транспортот на ковчегот? 2. Самоилова 6:12,13; Исаија 52:11.

„(Давид) по три месеци решил да го повтори обидот во врска со пренесувањето на ковчегот на заветот и сега внимавал во секоја подробност да се почитуваат Господовите упатства. Повторно се повикани сите водечки луѓе и огромно мноштво се собрало пред домот на Гетеецот. Луѓето што ги одредил Бог со страхопочит го кренале ковчегот на рамо, народот се наредил во редови со растреперено срце и големата поворка тргнала. Кога поминале шест чекори, со звук на труба е наредено да се застане. Давид заповедал да се принесе на жртва ‘вол и овен’”. – Патријарси и пророци, 706.

„Мажите и жените можат да бидат добро упатени во библиските знаења, како и добро запознаени со Писмото, како што биле Израелците со ковчегот на заветот, но и покрај тоа, ако нивните срца не се исправни пред Бога, нивните напори нема да бидат проследени со успех. Бог нема да биде со нив. Тие немаат висока претстава за задолжителноста на небесниот закон, ниту го сфаќаат светиот карактер на вистината што ја проповедаат. Заповедта гласи: ‘Очистете се, вие што носите садови Господови’ (Исаија 52:11)”. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 2, p. 998.

б. Опишете го начинот на кој Давид ја водел свечената поворка, и како бил облечен во оваа пригода. 2. Самоилова 6:14.

„Царот ја слекол својата царска одежда и се наметнал со обичен ленен плеќник каков што носеле свештениците. Тој со тоа не сакал да покаже како презема свештеничка должност: таква наметка повремено носеле и други луѓе. Но сакал во таа света служба пред Бога да биде еднаков со своите приврзаници. Тој ден требало да се обожава Јехова; Тој требало да биде единствен на кого ќе му се оддава чест.

Потоа поворката повторно тргнала, а кон небото се издигнувале звуци од харфи, труби, кимвали и псалтири, слевајќи се со мелодијата на безброј гласови. ‘А Давид играше со сета сила пред Господа’, воден од ритмот на песната и музиката”. – Патријарси и пророци, 706,707.


Вторник 23. февруари

3. СВЕТА РАДОСТ

а. Што треба да сфатиме за Давидовото „играње“? 2. Самоилова 6:14 (прв дел); 1. Солунјаните 5:5.

„Со Давидовото играње, кое било израз на радост и страхопочит пред Бога, многу љубители на задоволствата денеска го правдаат современиот, модерен танц, но тој доказ нема основа. Играњето денеска е поврзано со лудости и со ноќни пијанчења. На таквото задоволство му се жртвуваат и здравјето и моралната чистота. За оние што посетуваат сали за балови Бог не е предмет на размислување и страхопочит; молитвите и пеењето во тие кругови би се сметале за неумесни. Задоволствата што можат да ја намалат нашата љубов кон она што е свето и возвишено и радоста што ја чувствуваме служејќи му на Бога такви задоволства христијаните не треба да сакаат. Музиката и играта при радосното фалење на Бога при пренесувањето на ковчегот немаат никаква сличност со денешните разуздани игри. Во таа пригода со музиката и играта е покажуван стремеж да се слави Бог и да се велича неговото свето име. А модерните игри не се ништо друго освен лукавство на сатаната пресметано на тоа луѓето да го заборават Бога и да го обесчестат неговото име”. – Патријарси и пророци, 707.

б. Опишете го хорот, поворката и церемонијата што го придружувала влегувањето на светиот ковчег низ портите на Ерусалим, и доказите за Давидовата великодушна гостопримливост. Псалм 24:7-10; 2. Самоилова 6:17-19.

„Потоа портата се отворила ширум, поворката влегла внатре, а ковчегот на заветот со страхопочит е ставен во шаторот што бил приготвен за него. Пред светињата биле подигнати олтари. Димот од жртвите паленици и од жртвите благодарници се мешал со мирисот од темјанот и се издигнувал кон небото заедно со израелските песни и молитви. Кога богослужението било завршено, царот побарал благослов за својот народ. А потоа, покажувајќи царска дарежливост, наредил да се поделат подароци во храна и вино за народот да се освежи.

На прославата на најсветиот настан во Давидовото владеење дотогаш, присуствувале претставници од сите племиња. Врз царот почивал дух на божествено вдахновение, и кога последните сончеви зраци при залезот го осветлиле шаторот со својата света светлина, тој со сето срце му се обратил на Бога, благодарејќи му што благословениот знак на неговото присуство сега е толку близу до израелскиот престол“. – Патријарси и пророци, 708.


Среда 24. февруари

4. ГОРДОСТ НАСПРОТИ ПОБОЖНОСТ

а. Гледајќи го Давид како сета слава му ја дава на Бога, наместо да ја присвои за себе, како цар, која наследна особина ја покажала ќерката на Саул Михала, и како Бог ја укорил нејзината огорченост? 2. Самоилова 6:16, 20-23.

„Михала во своето достоинство и гордост била шокирана кога видела дека царот Давид ја остава на страна својата царска облека и го остава својот царски жезол и се облекува во едноставна ленена облека што ја носеле свештениците. Мислела дека тој многу се срамоти пред израелскиот народ. Но Бог му укажал чест на Давид пред целиот Израел дозволувајќи неговиот Дух да пребива во него“. – Spiritual Gifts, vol. 4A, pp. 112, 113.

б. Со што е споредена светата церемонија на Давид, донесувајќи го ковчегот во срцето на нацијата? Откровение 14:12,13; Даниел 12:2.

„Давид се понизил, но Бог го возвишил. Тој вдахновено пеел, свирејќи на харфа, произведувајќи волшебна музика. Тој во мал степен ја почувствувал онаа света радост која сите свети ќе ја доживеат кога Божјиот глас ќе го означи крајот на нивното заробеништво и кога Бог ќе склучи завет на мир со сите што ги држат Неговите заповеди“. - Spiritual Gifts 4а, 113.

„(Даниел 12:2). Сите што умреле со вера во третата ангелска вест излегуваат прославени од своите гробови да го слушнат заветот на Божјиот мир заедно со оние што го држат Неговиот закон”. – Големата борба, 637.

в. Откако ковчегот бил поставен, Давидовиот престол бил утврден, а царот можел да се одмора од своите непријатели. Која била неговата најголема желба? 2. Самоилова 7:1-3.

г. Како Господ одговорил на Давидовата желба, и зошто? 2. Самоилова 7:4,5,12,13; 1. Летописи 22:7-10.


Четврток 25. февруари

5. ОСТВАРУВАЊЕТО НА СОНОТ ПРЕПУШТЕН НА ДРУГ

а. Како Давид одговорил на Божјата одлука? 2. Самоилова 7:18-22.

„Давид знаел дека изведувањето на делото што го посакувал во своето срце би му донело чест на неговото име и слава на неговото владеење; но бил подготвен својата волја да ја стави под Божја волја. Таквата помиреност со Божјата одлука, па уште и благодарност, ретко се среќаваат дури и меѓу христијаните. Колку често луѓето со намалена животна сила сакаат да направат некое големо дело што го замислиле во своето срце, Иако за таа работа се неспособни! Божјото провидение можеби им зборува, како што му го објаснил тоа пророкот на Давида дека делото што тие толку топло сакаат да го извршат не им е наменето ним. Ним им припаѓа само подготовката на патот за друг што ќе дојде да го изведе. Но, наместо да го прифатат Божјиот план, мнозина отстапуваат, чувствувајќи се занемарени или отфрлени и, бидејќи не можат да го остварат она што го посакувале, не прават ништо. Мнозина, кои немаат многу сили, товарат на себе одговорности што не можат да ги носат и напразно се трудат да исполнат некоја задача за која не се способни додека она што би можеле да го сторат, останува занемарено“. – Патријарси и пророци, 712,713.

б. Што треба да разбереме кога Бог одбива да ги исполни нашите желби? Исаија 55:8,9.

„Нашите планови не се секогаш Божји планови. Тој можеби ќе согледа дека е најдобро за нас и за Неговото дело да ги отфрли нашите најдобри намери, како што направил во случајот на Давид...

Во својата грижа, љубов и заинтересираност за нас, Оној, кој нè разбира подобро од нас самите, често одбива да ни дозволи себично да бараме задоволување на сопствените амбиции“. – Здравје и среќа, 473.


Петок 26. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како може Бог во својата Реч да се стреми да ме изведе на повисоко место?

2. Дали Бог можеби ќе ми даде втора шанса некои работи да ги направам подобро отколку порано?

3. Која главна карактеристика ја забележуваме во врска со пренесувањето на ковчегот?

4. Како донесувањето на ковчегот е слично на специјалното воскресение во книгата на пророкот Даниел?

5. Како можам да го занемарам Божјиот повик додека во својата работа се надевам на нешто друго?

 <<    >>