Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од Давидовиот живот

 <<    >> 
11. лекција Сабота, 13. март 2021

Возвишениот понижен

„Патот на беззакониците, води во пропаст” (Изреки 13:15, последен дел).

„Сите што укажуваат на Давидовиот пример за да ја намалат вината на сопствените гревови би требало од овој библиски запис да научат колку е мачен патот по кој поминува престапникот”. – Патријарси и пророци, 723.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 717-726. 

Недела 7. март

1. УДОБНО НА ШИРОКИОТ ПАТ

а. Објаснете како Давид чекор по чекор залутал од вистинскиот пат. 2. Самоилова 11:1-4. Како и ние сме предупредени против истиот овој грев? Евреите 13:4.

„Токму духот на самоувереност и самоизвишување го подготвил патот за Давидовиот пад. Ласкањето и опасните привлечности што ги пружа раскошниот живот не останале без влијание врз него. Лошо дејствувало и општењето со соседните народи. Според обичаите што постоеле меѓу владетелите на Исток, злосторствата и престапите казнувани кај обичните државјани не се осудувани ако би ги сторил царот; владетелот не бил должен да негува самосовладување како неговите граѓани. Сето тоа придонело Давид да го загуби чувството за огромната тежина на гревот. И наместо целосно да се потпре врз силата на Јехова, почнал да се потпира врз својата мудрост и моќ...

Давид бил опкружен со плодовите на победите и почестите што му припаѓаат на еден мудар и способен владетел. И во својата благосостојба, кога попуштил во будноста над самиот себе, искушувачот ја искористил приликата да ги обземе неговите мисли. Тоа што Бог бил со него во толку тесна врска и што му укажал толку голема милост, за Давида требало да биде најсилен поттик својот карактер да го сочува неизвалкан. Но, кога во својата удобност и самоувереност престанал да се потпира врз Бога Давид му се предал на сатаната и ја извалкал својата душа со грев. Тој, кого небото го одредило да биде народен водач, кого Бог го одбрал да го спроведува неговиот закон, сам ги погазил неговите прописи”. – Патријарси и пророци, 717,718.


Понеделник 8. март

2. ПАД

а. Како Исус објаснува што го чини човекот ранлив на гревот? Јован 15:5 (последен дел); Римјаните 8:5,6.

„Сѐ што ги изделува мислите од Бога и води кон самоувереност и извишување, сигурно го подготвува патот за нашиот пораз...

Штом сатаната ќе успее да ја оддели душата од Бога, единствениот извор на сила, веднаш ќе се обиде да предизвика понижувачки желби на човековата сетилна природа. Непријателот не дејствува одненадеж; тој не почнува нагло и воочливо, туку потајно ја поткопува тврдината на основните начела. Тој почнува со навидум малечки работи како што се: занемарувањето на верноста кон Бога и, наместо доверба во него, склоност да се следат световните навики и обичаи”. – Патријарси и пророци, 717,718.

б. Што ја усложнило ситуацијата на Давид? 2. Самоилова 11:5. Објаснете зошто Бог не можел да го благослови обидот на Давид да го прикрие својот грев? 2. Самоилова 11:10-13.

„Сѐ што презел Давид за да го скрие својот грев, се покажало неуспешно. Стапил под власт на сатаната; го демнела опасност и го очекувал срам погорчлив од смртта”. – Патријарси и пророци, 719.

в. Како се чувствувал Давид кога бил наведен на гревот да му додаде грев – и како Бог гледал на ова? 2. Самоилова 11:14-17, 26,27; Псалм 32:3,4.

„Му се чинело дека постои само еден излез, и тој во својот очај побрзал кон браколомството да придодаде и убиство. Оној што придонел за Сауловата пропаст, настојувал да го уништи и Давида. Иако искушенијата биле различни, тие еднакво воделе кон престап на Божјиот закон“. – Патријарси и пророци, 719.

„(Давид) го правдал својот грешен пат сè додека тој му изгледал прифатлив во неговите очи. Еден погрешен чекор го подготвувал патот за друг...

Кога Давид се оддалечил од Бога и својот доблесен карактер го извалкал со своите злосторства, тој веќе не бил човек според Божјото срце”. – Spiritual Gifts, vol. 4A, pp. 86, 87.


Вторник 9. март

3. ОСТАР УКОР

а. Каква порака испратил Бог преку пророкот Натан? 2. Самоилова 12:1-9.

„Бог во својата милост не дозволил Давид со измамната награда за гревот да биде целосно одвлечен во пропаст.

Бог морал да се вмеша, зашто тоа го барале интересите на целата израелска нација. По извесно време се дознало за Давидовиот грев со Витсавеја, и тоа создало сомневање дека тој ја предизвикал смртта на Урија. Господ бил обесчестен. Бог Давида го помагал и го ценел, а тој сега со својот грев погрешно го прикажал Божјиот карактер и му нанел срам на неговото име. Овој престап го снижил мерилото на побожноста во Израел и во срцата на мнозина ја намалил одвратноста кон гревот додека грешниците со тоа биле уште повеќе охрабрени да грешат”. – Патријарси и пророци, 720.

б. Раскажете го одговорот на Давид и милоста која Бог веднаш му ја укажал. 2. Самоилова 12:13. Сепак, кои биле некои од горчливите последици од Давидовиот грев? 2. Самоилова 12:10-12, 14.

„Давид се разбудил како од сон. Длабоко го чувствувал својот грев. Не се обидувал да ја оправда својата постапка или на некој начин да го разубави и ублажи гревот како што тоа го правел Саул, туку со каење и искрена тага ја наведнал главата пред Божјиот пророк и ја признал својата вина. Натан му рекол на Давида дека заради неговото каење и понизно признавање Бог ќе му го прости гревот, ќе избегне дел од казните и ќе му го поштеди животот. Сепак, морал да биде казнет, бидејќи им дал повод на Божјите непријатели да хулат на Неговото име. Оваа можност Божјите непријатели ја користат од времето на Давид па сè до ден денес. Скептиците остро го критикуваат христијанството и ја исмејуваат Библијата, затоа што Давид им дал повод...

Бог го покажал своето незадоволство поради Давидовото многуженство со тоа што го казнил и дозволил злото да се подигне на него од неговиот дом. Фактот дека Господ дозволил страшна несреќа да го погоди Давида, кој поради својата честитост некогаш бил наречен човек според Божјото срце, претставува доказ за идните генерации дека Бог нема да оправда никој кој ги крши Неговите заповеди, туку сигурно ќе ги казни виновните, колку и да биле праведни и на Бога мили некогаш, додека во чистотата на срцето го следеле Господа. Кога праведниците ќе се свртат од својата праведност и ќе почнат да чинат зло, нивната некогашна праведност нема да ги спаси од гневот на праведниот и свет Бог”. – Spiritual Gifts, vol. 4A, pp. 86, 87.


Среда 10. март

4. ПОТРЕБНО Е ВИСТИНСКО ПОКАЈАНИЕ

а. Опишете ја длабочината на искрено покајание на Давид. Псалм 51:1-4, 7, 10-14. Преку светата песна, каков отворен апел тој упатува кон сите нас?

„Давид се покајал за својот грев во прав и пепел. Тој се молел за прошка од Бога и не го криел своето покајание од големците, па дури и од слугите во неговото царство. Тој составил покајнички псалм, раскажувајќи го неговиот грев и покајанието, знаејќи дека тој псалм ќе го пеат и идните генерации. Сакал и другите да бидат поучени од тажната историја на неговиот живот.

Песните што ги компонирал Давид ги пеел целиот Израел... Тој знаел дека признавањето на неговата вина ќе доведе до тоа неговиот грев да го забележат и идните генерации. Тој тука го изнесува својот случај, укажувајќи на Оној во кого имал доверба и надеж за помилување ”. – Spiritual Gifts, vol. 4A, pp. 88.

б. Што треба сите ние да разбереме за гревот? Езекиел 33:12,13,18; 1. Јованово 3:4.

„Гревот е грев, без оглед дали е сторен од оној што седи на престолот, или од човек кој е од поскромните сфери на животот. Доаѓа денот кога сите што сториле грев ќе го признаат, иако тогаш ќе биде предоцна да добијат помилување. Бог долго чека грешникот да се покае и во тоа Тој покажува чудесно трпение. Но најпосле престапниците на Неговиот закон ќе ги повика на одговорност...

Искреното Божјо дете не го намалува ниту едно Негово барања...

Опасно е да ги затвориме очите да ја стврднеме својата совест, за да не ги увидиме или осознаеме нашите гревови. Треба да ги цениме упатствата кои ни се дадени во Божјото Слово во поглед на одвратниот карактер на гревот, за да можеме да се покаеме”. – Spiritual Gifts, vol. 4A, pp. 88.


Четврток 11. март

5. ХРАНА ЗА МИСЛИТЕ

а. Како знаеме дека Бог го прифаќа покајанието? Псалм 51:16,17; 32:1,2, 5-7.

„Давид во својот очај не отстапил од борбата. Божјото ветување наменето за грешниците што се каат му служело како доказ дека и нему ќе му биде простено”. – Патријарси и пророци, 725.

б. Како и ние можеме да бидеме охрабрени од покајанието на Давид? Исаија 55:7; 1. Јованово 1:9.

„Мнозина тоа го нарекуваат Божја неправда и се бунат што Давид, чијашто кривица е толку голема, бил поштеден додека Саул бил отфрлен поради нешто што во нивните очи било многу помалечок грев. Но Давид се понизил и го признал својот грев додека Саул ги презирал опомените и срцето му се стврднало, одбивајќи да се покае.

Овој дел од Давидовиот живот има големо значење за секоја душа што се кае. Тој е највпечатлив приказ на борбите и искушенијата на човечкиот род, на вистинското каење пред Бога и на верата во нашиот Господ Исус Христос. Тој настан во сите подоцнежни векови ги храбреле душите што паднале во грев и што се бореле под товарот на својата кривица. Илјадници Божји деца, кои биле наведени на грев, пред да паднат во очај, си спомнувале како Бог го прифатил Давидовото искрено каење и неговата исповед, Иако тој поради својот престап морал да страда; тоа им давало храброст да се покаат и одново да настојуваат да го следат патот на послушност на Божјите заповеди.

Секој што ќе ја послуша опомената и со понизна душа ќе го признае својот грев и ќе се покае, како Давид, може да биде сигурен дека за него постои надеж. Секој кој со вера ќе ги прифати Божјите ветувања, ќе добие проштавање”. – Патријарси и пророци, 726.


Петок 12. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каква околина може да направи да имам поголема веројатност да паднам во грев?

2. Кога Давид бил човек според Божјото срце, а кога не бил?

3. Што можам да научам од Давид ако некој ми се спротивстави како што нему му се спротивставил Натан?

4. Зошто длабокото, искрено покајание е толку важно за секој еден од нас?

5. Како може трагичната историја на падот на Давид да ни донесе надеж?

 <<    >>