Недела
14. февруари
1. ЗАВИСТА ГО РУШИ ЦАРСТВОТО
а. Објаснете ги последиците од занемарување на царот Саул кон неговите лидерски должности - и длабочината на злото во кое потонал. 1 Самоилова 28:1 (прв дел), 5-7.
„Додека царот и неговите советници планирале како да го фатат Давид, животните интереси на нацијата биле потполно запоставени... Следејќи ги диктатите на сатаната, Саул набргу го остварил токму она што со своите непосветени сили се обидувал да го избегне”. – The SDA Bible Commentary, [E. G. White Comments], vol. 2, p. 1019.
„(Саул) го напуштил Бога, и долго го барал оној што склучил завет со смртта и договор со пеколот, заради знаење”. – Spiritual Gifts, vol. 4A, p. 84.
б. Од каде знаеме дека измамата на сатаната го мамела царот во неговата пропаст? 1 Самоилова 28:8,11, 13-20; Јов 7:9.
„Но под влијание на волшебничките зборови на една вештерка не се појавил светиот Божји пророк. Самоил не присуствувал при таа посета на лошите духови. Таа натприродна појава ја предизвикала само силата на сатаната. Тој исто така можел да се престори во Самоила како што се престорил во светлосен ангел кога го искушавал Христа во пустината”. – Патријарси и пророци, 679.
Понеделник
15. февруари
2. ПРЕСТОЛОТ ИСПРАЗНЕТ
а. Што конечно го убило царот Саул? 1 Самоилова 31:1-6; 1 Летописи 10:13,14.
„За сето време додека Саул со своите дела му се противел на Бога, сатаната му ласкал и го мамел. Искушувачот ја намалува грешноста на гревот и патеката на престапот ја прави лесна и привлечна со цел срцето да стане нечувствително кон Господовите опомени и закани. Сатаната со својата восхитувачка сила го наведувал Саула, наспроти
опомените и упатствата на Самоил да го правда својот став. А сега, кога Саул се нашол во крајна неволја, тој се свртил против него укажувајќи му на огромноста на неговиот грев и на неможноста да добие проштавање; со тоа сакал да го фрли во очај. Навистина не можел да смисли ништо полошо за да ја уништи неговата храброст и да го помати неговиот разум да го совлада со очај и да го наведе на самоуништување…
Со тоа што му се обратил на духот на мракот, Саул самиот себеси се уништил”. – Патријарси и пророци, 680,681.
„Саул знаел дека со овој последен чин, советувањето со вештерката од Ендора, ја раскинал и последната врска која го врзувала со Бога... Чашата на неговото беззаконие била полна”. – Spiritual Gifts, vol. 4A, p. 85.
б. Која јасна забрана Бог дава против наводната комуникација со мртвите (некроманија)? Второзаконие 18:10-12; Левитска 20:27.
в. Што треба да научиме од начинот на кој Давид одговорил на Сауловата смрт? 2 Самоилова 1:4,11,12, 17-21; Матеј 5:43-45.
„Болката на Давида поради смртта на Саула била искрена и длабока и во исто време ја откривала великодушноста на една навистина благородна природа. Тој не се радувал за смртта на својот непријател. Пречката што му стоела на патот да седне на израелскиот престол била отстранета, но тој не се радувал за тоа. Смртта го избришала споменот на Сауловата недоверба и свирепост и тој веќе не си спомнувал за ништо од неговиот живот освен за она што кај него било царско и благородно. Освен тоа, името на Саула било поврзно со споменот на Јонатана кој му бил толку верен и несебичен пријател”. – Патријарси и пророци, 695.
Вторник
16. февруари
3. МИЛОСТ КОН НЕПРИЈАТЕЛИТЕ
а. Раскажете ги Давидовите активности по неговиот период на жалост. 2 Самоилова 2:1-7.
б. Кој бил Авенир, и како тој му создавал проблеми на Давид? 2 Самоилова 2:8-11.
„Околностите во кои се нашол Авенир го откриле неговиот вистински карактер и покажале дека бил славољубив и непринципиелен. Toj со роднински врски бил тесно поврзан со Саула и под влијание на царот го презирал човекот кој бил од Бога одбран да владее со Израел. Неговата омраза уште повеќе се засилила кога Давид онака остро го прекорил што дозволил на царот да му го украдат копјето и чашата додека спиел во логорот… (1 Самоилова 25:15,16) Тој прекор тлеел во неговите гради и затоа решил својата одмаздничка намера да ја оствари на тој начин што ќе предизвика поделба меѓу Израелците и ќе се извиши самиот себеси”. – Патријарси и пророци, 698,699.
в. Како бил поставен престолот, и како Давид ги допрел срцата на Израелците со својата благородност кон непријателот? 2 Самоилова 3:1, 30-37.
„Со тоа што великодушно му укажал почит на човекот кој бил негов огорчен непријател Давид задобил доверба и поттикнал восхит кај сиот израелски народ...
Тој (Авенир) тврдоглаво му се спротивставувал на царот што го избрал Бог, посакувајќи со тоа да си осигури чест за себе... Кога неговите очекувања би се оствариле, неговата голема надареност, честољубието, неговата моќ да влијае врз луѓето, како и недостигот на побожност, би го довеле во опасност Давидовиот престол, мирот и благосостојбата на нацијата”. – Патријарси и пророци, 700.
г. Како реагирал Давид на постапките на некои што сакале да ја придобијат неговата наклонетост убивајќи го Сауловиот син Ишбошет, неговиот потенцијален ривал? 2 Самоилова 4:5,6, 9-12.
„Давид, чијшто престол го утврдил сам Бог, ослободувајќи го од неговите противници, не сакал помош од предавници за да ја зацврсти својата власт”. – Патријарси и пророци, 701.
Среда
17. февруари
4. НАУЧЕНИ ЛЕКЦИИ
а. Како Давид, благодарение на карактерот што го развил, ја добил поддршката од целиот Израел? 2 Самоилова 5:1-5, 10; Лука 14:11 (последен дел).
„На тој начин Божјото провидение му го израмнило на Давида патот кон престолот. Тој не настојувал да го задоволи своето сопствено честољубие, зашто не копнеел за честа што му била укажана”. – Патријарси и пророци, 701.
„(Давидовата) цврстина, понизноста, љубовта кон правдата и одлучноста на карактерот го квалификувале да биде подесен да ги извршува високите Божји цели...
Неговиот религиозен карактер бил искрен и ревносен. Сè додека Давид бил верен на Бога и ги поседувал овие возвишени црти на карактерот, Бог го нарекувал човек по своето срце”. – Spiritual Gifts, vol. 4A, pp. 85, 86.
б. Како Давид планирал да ја признае Божјата надмоќ? 2 Самоилова 6:1,2.
в. Што се случило со Уза и зошто? 2 Самоилова 6:3-7; Броеви 4:15; 7:6-9.
„Судбината на Уза претставувала Божја казна за прекршок на изричната заповед. Бог преку Мојсеја дал посебни упатства за пренесување на ковчегот на заветот... изнесувајќи го ковчегот од Вала Јудина, Израелците директно и непростливо се огрешиле против Господовите упатства”. – Патријарси и пророци, 705.
„Гревот на Уза се состои во тоа што се осмелил да ја пречекори границата на дозволеното. Престапувањето на Божјиот закон ја ослабело неговата свест за светоста на истиот и, не каејќи се за своите гревови, тој и покрај изричната Божја забрана се осмелил да го гибне симболот на Божјото присуство. Бог не може да прифати никаква делумна послушност, ниту да го одобри немарното или лекомислено однесување кон неговите заповеди. Казнувајќи го Уза, Бог сакал на сите Израелци да им укаже на тоа колку е важно строго да се придржуваме кон неговите барања. Така смртта на еден човек, наведувајќи го народот на покајание, ја отстранила казната од безброј илјадници”. – Патријарси и пророци, 706.
Четврток
18. февруари
5. ИЗБЕГНУВАЊЕ НА ПРЕТПОСТАВКИ
а. На какви предупредувања треба да обрнеме внимание против смелата и горда човечка склоност кон разни форми на претпоставки? Дела 17:30,31; Јаков 4:17.
„Давид и неговите приврзаници се собрале да извршат еден свет чин и кон тоа пристапиле наполно доброволно и со радосно срце; но Господ не можел да ја прими нивната служба, зашто не била изведена сообразно со неговите наредби. Филистејците, кои не знаеле ништо за Божјите закони, ковчегот го ставиле на кола кога им го враќале на Израелците и Господ ги прифатил нивните напори. Меѓутоа, Израелците ја познавале Божјата волја во тој поглед, па занемарувањето на неговите упатства значело обесчестување на Бога”. – Патријарси и пророци, 705,706.
„Не е доволно да имаме добри намери; не е доволно да го правиме она што го сметаме за исправно или затоа што проповедникот кажува дека тоа е правилно. Во прашање е спасението на нашата душа и затоа Светото Писмо секој мора да го истражува за себе”. – Големата борба, 598.
„Господ не поставил ниту едно од своите човечки орудија под диктат и контрола на оние кои и самите се грешни смртници... (Бог) ќе им суди на оние кои таквата власт сами ја преземале. Тие имаат нешто од истиот дух кој го навел Уза да ја стави својата рака под Божјиот ковчег за да го придржи, како Бог да не е во состојба да се грижи за своите свети симболи. Би требало да применуваме далеку помалку човечка сила и авторитет кон орудијата преку кои Бог работи. Браќа, оставете Бог да владее!” – Testimonies to Ministers, pp. 347, 348.
„Бог го води своето дело и тешко на човекот што ќе ја стави својата рака на Божјиот ковчег”. – Manuscript Releases, vol. 16, p. 114.
Петок
19. февруари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Опишете го падот на царот Саул.
2. Како можам да се однесувам слично на Давид кога ја слушнал веста за смртта на Саул?
3. Како можам да станам сличен на Давид во неговиот однос кон Авенир и Ишбошет?
4. Што може да доведе до тоа да упаднам во духовна опасност како Уза?
5. Наведете неколку начини на кои би можел да бидам виновен за гревот на Уза денес?