Недела
7. февруари
1. СО АХИС ВО ГАТ
а. Зошто начинот на кој Давид избрал да се ослободи од притисокот на Саул бил спротивен на Божјата волја? 1 Самоилова 27:1-4.
„Не прашувајќи го Бога за совет Давид заклучил дека Саул сигурно ќе ја изврши својата убиствена намера. Меѓутоа дури и кога Саул го гонел и се обидувал да го уништи, Господ настојувал да му го обезбеди царството. Бог ги извршува своите планови, Иако тие за човечкото око може да изгледаат обвиени со тајна. Луѓето не можат да ги сфатат Божјите патишта и, гледајќи го она што се гледа, сите маки и искушенија што ги дозволува Бог ги толкуваат како нешто што е насочено против нив и што ќе им послужи само на пропаст. Така и Давид го гледал она што се гледа, а не Божјите ветувања. Се сомневал дека кога било ќе се добере до престолот. Долгите искушенија ја заморувале неговата вера и го исцрпувале неговото трпение.
Господ не го пратил Давида да бара заштита кај најогорчените непријатели на Израел Филистејците. Токму тој народ на крај ќе му биде најголем непријател, а сепак, кога имал неволја, побегнал кај нив од нив да побара помош... Бог одредил тој да го издигне неговото знаме во земјата на Јуда, но недостигот од вера го навел без наредба од Господа да го напушти местото каде што требало да ја изврши таа должност”. – Патријарси и пророци, 672.
Понеделник
8. февруари
2. ПОГРЕШНО ВРЕМЕ/ПОГРЕШЕН ГОВОР
а. Како Ахис го примил Давида, и на кој начин и ние можеме да паднеме во опасност да ја направиме истата грешка како Давид? 1 Самоилова 27:5-7.
„Со своето неверство Давид го обесчестил Бога. Филистејците повеќе се плашеле од Давида отколку од Саула и од сета негова војска. Со тоа што побарал заштита кај Филистејците Давид ја оддал слабоста на својот сопствен народ. Со тоа ги охрабрил овие неуморни непријатели да го угнетуваат Израел. Давид бил помазан да го брани Божјиот народ; Бог не сака неговите слуги да ги охрабруваат безбожниците откривајќи им ги слабостите на својот народ или оставајќи впечаток дека не им е грижа за неговата благосостојба. Освен тоа, тој кај своите браќа создал впечаток дека отишол кај незнабошците за да им служи на нивните богови. Со својата постапка дал повод неговите намери погрешно да се толкуваат, а кај мнозина однапред предизвикал нерасположение кон себе. Го сторил токму она што го сакал сатаната, зашто, пребегувајќи кај Филистејците, тој предизвикал кај Божјите непријатели и непријателите на Божјиот народ одмаздничка радост. Давид не престанал да му служи на Бога ниту попуштил во ревноста за неговото дело; но довербата во Бога и ја жртвувал на личната безбедност и со тоа го извалкал исправниот и верен карактер што се бара од Божјите слуги.
Филистејскиот цар срдечно го примил Давида. Топлината на тој прием делумно можела да му се припише на фактот што царот му се восхитувал додека од друга страна, на царевата суета му ласкало тоа што еден Евреин дошол кај него да побара заштита”. – Патријарси и пророци, 672,673.
б. Кое зло произлегло од измамувачките зборови на Давид? 1 Самоилова 27:8-12.
„За време на својот престој во тој град (Сиклаг) Давид војувал против Гесуреите, Гергесеите и Амалиците и никого не го оставал жив да отиде во Гат за да јави што се случило. Секогаш кога се враќал од бој, му јавувал на Ахиса дека се борел против својот народ, против Јудејците... Давид знаел дека Божја волја била тие незнабожечки племиња да се истребат и дека тој бил одреден да го стори тоа но, лажејќи ги Филистејците, не постапувал според Божјиот совет”. – Патријарси и пророци, 673.
Вторник
9. февруари
3. ПОТРЕБА ЗА БОЖЈО ИЗБАВУВАЊЕ
а. Како Давид упаднал во уште подлабоки неволји? 1 Самоилова 28:1,2. Која негова молитва открива дека на крајот извлекол поука од таквите грешки? Псалм 141:3.
„Давид немал намера да дига рака против својот сопствен народ. Меѓутоа, не знаел што да прави сѐ додека околностите не му укажале на должноста. Затоа му одговорил на царот преправајќи се: ‘Сега ќе видиш што ќе стори твојот слуга’. Ахис тие зборови ги сфатил како ветување дека Давид во претстојната битка ќе му помогне, па му се заколнал дека ќе му укаже чест и на филистејскиот двор ќе му подари висока положба”. – Патријарси и пророци, 674.
б. И покрај грешката на Давид, како Господ милостиво го избавил од неприликите со Ахис? 1 Самоилова 29:1-5.
„За него многу подобро би било да не го напуштил своето прибежиште, од Бога создадената сигурна тврдина на израелските планини, отколку што отишол кај заколнатиот непријател на Јехова и непријател на својот народ. Но Господ во својата голема милост овој погрешен чекор на својот слуга не го казнил со тоа што ќе го препушти самиот на себе во тој тежок миг на неизвесност и очај; зашто, Иако Давид ја загубил довербата во Божјата сила и скршнал од патеката на строга послушност, сепак верноста кон Бога останала и натаму главна цел на неговото срце. И додека сатаната и неговите демони настојувале да ги помогнат непријателите Божји и непријателите на израелскиот народ да прават планови против царот кој го отфрлил Бога, Господовите ангели се труделе да го извлечат Давида од опасноста во која паднал. Небесните гласници ги поттикнале филистејските кнезови да протестираат против Давидовото учество и учеството на неговите луѓе во претстојниот судир”. – Патријарси и пророци, 690.
в. Опишете ја реакцијата на Ахис кога го испратил Давида дома. 1 Самоилова 29:1-6. Какви чувства требало да предизвика ова кај Давид?
„Царевиот одговор сигурно во срцето на Давида предизвикал срам и грижа на совеста при помислата колку недостојни биле за еден слуга на Јехова измамите кон кои тој прибегнал”. – Патријарси и пророци, 691.
Среда
10. февруари
4. ЕДИНСТВЕНАТА НАДЕЖ
а. Колку е важно нашиот говор да биде чист, особено во овие последни денови и како ова е единствено можно? Откровение 14:1,5; Јаков 4:8.
„Нека твојот живот биде ослободен од измамнички постапки”. – Совети за детето, 150.
б. Опишете со што се соочил Давид во Сиклаг. 1 Самоилова 30:1-6 (прв дел).
„Овде Давид по вторпат бил опоменат за недостиг на вера, што и го навело да дојде кај Филистејците. Сега имал можност да види колкава сигурност може да се најде кај непријателите Божји и непријателите на неговиот народ”. – Патријарси и пророци, 692.
в. Што одлучил Давид во овој час на криза? 1 Самоилова 30:6 (последен дел); Псалм 56:1-3, 10-12.
„Како можел (Давид) да очекува дека Бог на Израел ќе го заштити, кога се здружил со најжестоките непријатели на својот народ?... Дали можел со право да се надева дека ќе се спаси барајќи азил со луѓе што Бог ги одредил за истребување?” – The Signs of the Times, November 9, 1888.
„Давид се чувствувал лишен од секаква човечка помош. Сѐ што му било мило на овој свет, му било одземено. Саул го истерал од неговиот роден крај, Филистејците го истерале од својот логор, Амалиците го ограбиле градот во кој живеел, неговите жени и деца биле одведени во ропство, неговите најблиски пријатели и соборци се побуниле против него и дури му се заканиле со смрт. Во тој миг на крајна неволја Давид наместо да размислува за мачните околности сериозно се помолил на Бога за помош ‘и се охрабри во својот Господ Бог’. Си спомнал за сѐ од својот живот во минатото кој бил полн со настани. И дали Бог некогаш дури и за миг го напуштил? Душата му се освежила кога си спомнал за безбројните докази на Божјата милост. Давидовите луѓе со своето незадоволство и нетрпение само ја зголемувале својата болка, но Божјиот слуга, кој имал уште поголема причина да тагува, храбро се држел. Зборови на неговото срце биле: ‘Кога се плашам, јас се надевам во тебе’ (Псалм 56:3). Иако ни самиот тој не можел да го види патот што ќе го изведе од тешкотиите, Бог го видел излезот и можел да го поучи што да прави“. – Патријарси и пророци, 692,693.
Четврток
11. февруари
5. НАШИОТ ДАРЕЖЛИВ ДАРИТЕЛ
а. Како Господ ја услишил молитвата на Давид? 1 Самоилова 30:7-9, 16-19.
„Меѓутоа, тие решиле да ги поштедат заробените, бидејќи сакале да ја зголемат славата на својата победа одведувајќи голем број заробеници, кои подоцна имале намера да ги продадат како робови. Така, оставајќи ги заробените живи, несвесно ја исполнувале Божјата намера тие подоцна да се вратат кај своите мажи и татковци”. – Патријарси и пророци, 694.
б. Каква духовна поука е содржана во одлуката на Давид во врска со собраните дарови? 1 Самоилова 30:20-26; Јован 4:36-38.
„Победниците со голема радост се упатиле дома. Кога пристигнале кај своите другари што заостанале, себичните меѓу нив барале оние што не учествувале во борбата да не учествуваат ниту во поделбата на пленот. Но Давид не се согласил со тој предлог. (1 самоилова 30:23,24). Така проблемот бил решен и тоа подоцна во Израел станало правило: сите учесници во воениот поход рамноправно да учествуваат и во поделбата на пленот како оние кои биле директно во борбата, така и нивните помагачи од заднината”. – Патријарси и пророци, 694.
„Денес во големото Божјо поле на жетва, Бог има потреба од сејачи и жетвари. Нека оние кои тргнуваат на работа – едни да сеат, а други да жнеат – имаат на ум дека славата за успехот во таа работа никогаш не треба да ја припишуваат себеси...
‘И жетварот веќе добива плата и собира плод за вечен живот, та да се радуваат заедно и сејачот и жетварот’ (Јован 4:36). Внимателно прочитајте ги овие зборови. Проучете го нивното значење; зашто тие го оцртуваат Божјиот план”. – Gospel Workers, p. 409.
Петок
12. февруари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како можеме да избегнеме да ја прифатиме логиката на Давид при одењето во Гат?
2. Објаснете ги опасностите својствени на светскиот стил на дипломатијата.
3. Размислете за начините на кои Бог ги избавува искрените души во неволја.
4. Опиши ја позадината на Псалмот 56.
5. Кои се придобивките од духовното сеење и жнеење?