Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од Давидовиот живот

 <<    >> 
3. лекција Сабота, 16. јануари 2021

Криза

„А и сите кои сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети“ (2. Тимотеј 3:12).

„Кога душата ќе ни ја обземе темнина и кога ќе ни затреба видело и Божјо водство, мораме да отвориме очи; зад тоа постои светлина“. – Патријарси и пророци, 657.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 649-654, 659. 

Недела 10. јануари

1. СООЧУВАЊЕ СО ПРОГОНСТВО

а. Што ја предизвикало љубомората во срцето на Саул против Давид? 1. Самоилова 18:5-9. Наведете го начелото кое објаснува зошто постапките на Саул ги следеле неговите чувства. 1. Самоилова 18:11; 1. Јованово 3:15.

„Во своето честољубие Саул сакал да биде прв меѓу оние што ги почитуваат луѓето, а кога ја слушнал споменатата песна, почувствувал сосема сигурно дека Давид ќе го придобие срцето на народот и дека ќе владее наместо него. Саул му го отворил срцето на духот на љубомората со кој неговата душа била затруена“. – Патријарси и пророци, 650.

б. Зошто Бог дозволува христијаните да поминуваат низ слични ситуации како онаа која сега ја доживеал Давид – и што научил Давид преку својот однос со Саул? 2. Тимотеј 3:12; 1. Петрово 4:12-17.

„Давидовиот престој на дворот му овозможил да се здобие со знаење за државните работи и на тој начин да се приготви за својата идна положба. Освен тоа, му било овозможено да стекне и доверба кај народот. Маките и тешкотиите на кои наидувал поради непријателството на Саула, на Давида му укажувале на неговата зависност од Бога и на целосното потпирање врз него“. – Патријарси и пророци, 649.


Понеделник 11. јануари

2. СЕРИОЗНА ОПАСНОСТ

а. Кога Саул видел дека Бог го заштитил Давида, какви други планови смислил во желбата да го уништи? 1. Самоилова 18:12,13,17,20,21,25. Што го сочувало животот на верниот Божји слуга? 1. Самоилова 18:14,30.

б. Како повторно се открила Сауловата најлошата природа – и што ја спречило неговата потера по Давид во Рама? 1. Самоилова 19:9,10,23,24; 20:1 (прв дел).

„(Саул) решил во никој случај да не ја одложува и да не ја пропушта приликата Давида да го уништи; имал намера да го убие со своја рака, штом ќе му се приближи, без оглед на тоа колку тешки ќе бидат последиците.

Но на патот го сретнал Божји ангел и го совладал. Божјиот Дух го држел под своја власт и тој го продолжил патот изговарајќи зборови на молитва и пророштво и пеел свети мелодии. Го претскажувал доаѓањето на Месија како Спасител на светот. Кога стигнал пред куќата на пророкот во Рама, ја соблекол наметката што укажувала на неговата општествена положба и, под влијание на божествениот Дух, останал лежејќи пред Самоил и неговите ученици цел ден и цела ноќ. Од сите страни доаѓале луѓе да ја видат необичната сцена...

Давид немал доверба во царевото каење. Затоа ја искористил можноста повторно да побегне, мислејќи дека царевото расположение пак ќе се измени“. – Патријарси и пророци, 654.

в. Опишете ја смртоносната природа на зависта и љубомората. Изреки 6:34,35; 27:4.

„Зависта е една од најодвратните особини на сатанскиот карактер. Тоа е стремеж за постојано самоиздигање, со тоа што фрла дамка на другите. Завидливиот човек го омаловажува ближниот во настојувањето да се издигне себеси”. – The Signs of the Times, August 17, 1888.

„Зависта не е само изопаченост на карактерот, туку и растројство, кое ги нарушува сите способности...

„Ако се обидеме да го убедиме завидливиот човек во неговиот грев, тој ќе стане уште поогорчен кон својот предмет на завист и често станува неизлечив“. – 5 Сведоштво, 56.


Вторник 12. јануари

3. УЖАСНИ ПОСЛЕДИЦИ ОД ПАНИКАТА

а. Опишете ги Давидовите грешки при неговото бегство во Нов. 1. Самоилова 21:1-6.

„(Давид) бил во постојан страв дека ќе биде пронајден... и во својата крајна неволја прибегнал кон измама... Давид му рекол на свештеникот дека царот го испратил во тајност да изврши некоја задача која морал да ја изврши сам. Побарал од свештеникот пет леба. Божјиот човек имал кај себе само посветени лебови; сепак, Давид успеал да ја смири неговата совест, да ги добие лебовите за да ја задоволи гладта”. – The Signs of the Times, August 31, 1888.

б. Како неуспехот на Давид да биде искрен и отворен со Ахимелех предизвикал трагичен низ на настани? 1. Самоилова 21:7; 22:6-11, 16-19.

„Кога Давид би ја кажал вистината, Ахимелех би знаел што треба да стори за да му го спаси животот?” – Патријарси и пророци, 656.

„Доег бил клеветник, а Саул бил оптоварен со дух на завист, омраза и убиство до таа мера така што желно го прифатил исказот на Доег како да бил точен. Земена само делумно и претерано, изјавата на овој човек му погодувала на непријателот на Бога и на човекот. Тоа му било прикажано на Саул во таква светлина така што царот ја изгубил сета контрола над себе и се однесувал како луд. Ако тој, мирно сочекал да ја сослуша целата приказна, ако расудувал со разум, колку поинаку би изгледал страшниот запис за постапките во тој ден!

Колку сатаната се радува кога ќе успее бесот на лутината во душата да го доведе до усвитеност! Еден моментален поглед, гест, или само тонот на гласот може да се користи како стрела на сатаната, да го рани и отруе срцето кое не е заштитено од неа. Но, ако сме целосно запоседнати со Христовиот Дух и преобразени со Неговата милост, тогаш нема да бидеме расположени да зборуваме зло ниту да пренесуваме лажни извештаи. Фалсификаторот и обвинувачот на браќата претставува одбрано орудие во рацете на големиот измамник” – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 2, p. 1020.

„Тој настан (убивање на свештениците) сите Израелци ги исполнил со ужас. Тоа недело го сторил царот што го избрале тие... Ковчегот на заветот бил меѓу нив, но свештениците кои ги советувале биле убиени со меч. Што можело да се очекува потоа?” – Патријарси и пророци, 659.


Среда 13. јануари

4. РАСТРОЈСТВО ВО СТРАВОТ

а. Што заборавил Давид кога бил во состојба на паника? Псалм 23:4.

„Кога се наоѓал во голема потреба, (Давид) гледал на Бога со постојано око на верата, и се соочил со гордиот, фалбаџиски Филистеец. Тој верувал во Бога, и во судирот тргнал во Негово име. Тој бил полн со доверба во Божјата сила која ќе ги порази војските на непријателите Господови. Но, додека го прогонувале и ловеле, збунетоста и неволјата речиси го сокриле неговиот небесен Татко од неговите очи. Изгледало како да чувствува дека е напуштен и дека сам ги води своите битки. Бил збунет и не знаел по кој пат да тргне...

Мораме да научиме да му веруваме на нашиот небесен Татко и да не дозволиме душата да ни ја извалка гревот на неверството. Обидувајќи се да се спасиме, ние грижата на нашата душа не му ја препуштаме на Бога, како на верен Творец. Не очекуваме Тој да работи за нас, туку избезумено удираме со нашата ограничена сила, како би пробиле некој ѕид на тешкотија која само Бог може да ја отстрани од нас... Кога човекот во целост ќе се потпре на Бога, тој ќе биде искрен кон себе; тогаш може да најде надеж и радост во Бога на своето спасение, дури ако и секој пријател на земјата му стане непријател“. – The Signs of the Times, August 31, 1888.

б. Како треба да гледаме на предупредувањата од другите грешки на Давид, кои ги направил во своето очајно бегство - дури и ако сме во опасност? 1. Самоилова 21:10-13.

„Бог бара неговиот народ да ја сака вистината и за време на најголемата опасност....

Давид побегнал кај Ахиса, царот гатски, зашто мислел дека ќе биде посигурен меѓу непријателите на својот народ отколку во која било Саулова област. Но на Ахиса му било кажано дека Давид е оној човек кој некогаш го убил филистејскиот јунак. Така Давид, барајќи прибежиште меѓу непријателите на Израел, се нашол во голема опасност. За да се спаси Давид се преправил во луд човек и така успеал да побегне.

Прва Давидова грешка била што во Нов не покажал целосна доверба во Бога, а втора што го прелагал Ахиса... Кога се нашол во искушение, неговата вера се поколебала и тој пројавил човечка слабост. Кај секој човек видел шпион и поткажувач”. – Патријарси и пророци, 656,657.


Четврток 14. јануари

5. ВИСТИНСКА ВЕРА... ДОВЕРБА

а. Како Давид понизно ја признал својата делумна вина во трагичниот чин на убиените свештеници? 1. Самоилова 22:20-23.

б. Како нашиот Господ Исус Христос го укорил оној страв кој пречесто нè парализира да не веруваме во Бога онака како што би требало? Марко 4:40.

„Секаде каде што Божјите деца ќе доживеат неуспех, тоа се должи поради нивниот недостаток на вера. Кога сенки ќе ја опкружат душата, кога ни е потребна светлина и водство, мораме да го подигнеме својот поглед нагоре; зад темнината постои светлина“. – The Signs of the Times, August 31, 1888.

в. Наведете едно ветување кое одекнува низ вековите на секое верно Божјо дете во време на очајна потреба. Исаија 54:10.

„О, колку е драгоцено и пријатно влијанието на Божјиот Дух кога доаѓа кај разочараните и потиштени души! Тој кај очајните буди храброст, слабите ги засилува и на искушуваните Божји слуги им дава храброст и помош! О, каков Бог имаме ние! Тој нежно постапува со заблудените и им го открива своето големо трпение и љубов кога се во неволја или кога душата им ја притиска некој голем јад“. – Патријарси и пророци, 657.


Петок 15. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто Бог толку многу мрази кога ние ќе се оддадеме на зависта и љубомората?

2. Зошто Давид не можел да му верува на Саул, дури иако понекогаш делувал мирољубиво?

3. Како можам да бидам во опасност да ги направам истите грешки како Давид во своите искушенија?

4. Како Господ сака да се справуваме со работите кога нашиот живот е во опасност?

5. Во кои ситуации навистина можам да имам повеќе доверба во Бога?

 <<    >>