Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од Давидовиот живот

 <<    >> 
6. лекција Сабота, 6. февруари 2021

Давид и Саул

„Господ ми е светлина и спасение, од кого да се плашам? Господ е штит на мојот живот, пред кого да треперам?” (Псалм 27:1).

„Оние што му се верни на Бога не треба да се плашат од човечката моќ, ниту од непријателството на сатаната”. – Копнежот на вековите, 356.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Здравје и среќа, 484–493. 

Недела 31. јануари

1. ВО ПУСТИНАТА ЗИФ

а. Опишете го односот на Давид кон неговиот прогонител? 1. Самоилова 26:2, 7-16.

„Кога Саул повеќе пати бил ставен под власта (на Давид), а неговите следбеници имале намера да го убијат, Давид тоа не им го дозволувал, иако бил во постојан страв за својот живот, а Саул го гонел како дива ѕверка”. – Spiritual Gifts, vol. 4A, p. 91.

б. Зошто Саул, дури и сега, бил толку опасен? 1. Самоилова 26:17-21.

„Луѓето наклонети кон зло, кои зборуваат лошо за Божјите слуги и им прават неправда, понекогаш ги обзема длабоко убедување дека биле неправедни. Духот Господен се бори со нив и тие стануваат кротки пред Бога и пред оние чиешто влијание сакале да го уништат, и можат дури да го изменат своето однесување кон нив. Но штом ќе им ја отворат вратата на лошите дошепнувања, старите сомнежи се будат, старото непријателство пак се јавува и тие повторно го прават она за што се каеле и што извесно време го напуштиле. Повторно зборуваат зло за оние на кои понизно им го признале гревот и ги обвинуваат на најогорчен начин. Со таквите души сатаната може да завладее со многу поголема сила од порано, зашто продолжиле да грешат и при многу поголемо видело”. – Патријарси и пророци, 662,663.


Понеделник 1. февруари

2. ЗЛОТО НА ЗАВИСТА

а. До кој степен можело да му се верува на Сауловиот одговор на Давидовата милост – и зошто? 1. Самоилова 26:23-25; 27:1.

„Тоа што Давид и по вторпат му го поштедил животот на својот господар оставило уште подлабок впечаток врз Сауловиот дух и го поттикнало уште поскршено да ја признае својата грешка. Пројавата на толкава добрина го изненадила и го скршила... Но синот на Есеја не можел да се надева на едно такво трајно расположение од страна на царот”. – Патријарси и пророци, 671,672.

„(Саул) го слушал секое лажно сведоштво, жедно прифаќајќи сè што фрлило сенка врз Давидовиот карактер, надевајќи се дека можеби ќе најдат изговор за својата сè поголема завист и омраза кон оној што бил помазан за израелскиот престол. Верувал во секоја гласина, без оглед колку била недоследна и неспоива со Давидовиот карактер и неговите вообичаени и познати постапки”. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 2, p. 1019.

б. Објаснете како зависта, која го уништила Сауловиот живот, е честа причина за беда кај многу луѓе денес. Изреки 14:30 (последен дел); 27:4.

„Саул се понижил поради својата завист и станал опасен за својот понизен приврзаник. Колку големи несреќи предизвикала таа карактерна црта во нашиот свет!... Зависта е ќерка на горделивоста и ако ја негувате во своето срце, ќе предизвика омраза, а можеби и одмазда и убиство. Сатаната го покажувал својот карактер со тоа што кај Саула разгорувал гнев против оној кој никогаш ништо лошо не му сторил”. – Патријарси и пророци, 651.

„Зависта и љубомората се како две сестри кои заедно дејствуваат. Зависта ќе го наведе човекот да посака нешто што другиот човек поседува, и ќе го поттикне да се послужи со сите средства кои се во негова моќ да му наштети и нанесе неправда на карактерот и угледот на оној на чие место сака да биде. Таквиот човек ќе шири лага, гласини и клеветнички извештаи наоколу и нема да се воздржи од било што како би направил околината со неодобрување да гледа на човекот кој е предмет на зависта. Љубомората го наведува човекот да се посомнева дека друг сака да го лиши од некои предности и положби. Саул во себе негувал и завист и љубомора”. – The Signs of the Times, No¬vember 2, 1888.


Вторник 2. февруари

3. БРЗАЊЕ ВО ПРОПАСТ

а. Покрај зависта, наведете уште една особина на Саул која треба да ја избегнувате. Јован 12:43.

„Голема мана на карактерот на Саула била неговата љубов кон наклоност. Таа карактерна црта имала пресудно влијание врз неговите постапки и мисли; сѐ било обележано со стремеж кон пофалба и самоизвишување. Неговото мерило за правдата и неправдата било она ниско мерило на народната наклоност. Секој што се труди да им се допадне на луѓето, во животот нема да биде сигурен како оној што се труди пред сѐ да стекне Божјо одобрување“. – Патријарси и пророци, 650.

б. Која судбина од трагичното искуство на Саул треба да послужи како предупредување на секоја богобојазлива душа? Изреки 26:24-27.

„Оној против кого царот се борел не бил човекот Давид, кој не му направил ништо лошо. Тој бил во спор со Царот на небото; зашто, откако ќе му биде дозволено на сатаната да го контролира умот со кој нема да управува Јехова, тој ја спроведува неговата волја, сè додека човекот не стане најуспешното орудие во остварувањето на неговите лукави планови. Непријателството на големиот зачетник на гревот против Бога и Неговите намери е толку огорчено, неговата сила на зло е толку страшна, така што кога луѓето ќе ја прекинат својата врска со Бога, сатаната влијае врз нив и нивниот ум сè повеќе го заробува да му биде покорен нему, сè додека потполно не го отфрлат Божјиот страв и почитта кон луѓето, и стануваат храбри и отворени непријатели и на Бога и на Неговиот народ”. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 2, p. 1019.

в. Како горчината, која Саул ја негувал, влијаела штетно на него и на целата нација? Псалм 52:2-5; Исаија 3:12 (втор дел).

„Каков пример им дал Саул на поданиците на своето царство со својот очаен, со ништо неиспровоциран прогон на Давид! Каков запис тоа оставило на страниците на историјата за идните генерации! Сета сила и власт на своето царство тој преку каналот на својата омраза ја насочил во лов на невин човек. Сето ова имало деморализирачко влијание врз Израел”. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 2, p. 1019.


Среда 3. февруари

4. РАЗОТКРИВАЊЕ НА КОРЕНОТ

а. Која е вистинската причина за зависта? Лука 4:5-8; Матеј 27:17, 18, 29-31.

„Христовото предавство, судење и распнување биле планирани од паднатиот непријател. Неговата омраза, извршена во смртта на Божјиот Син, им го открила вистински ѓаволски карактер на сите создадени разумни битија кои не паднале во грев.

Светите ангели биле ужаснати кога виделе дека еден од нив можел да падне толку длабоко што бил способен за таква суровост“. – The Spirit of Prophecy, vol. 3, p. 183.

б. Опишете со која стратегија се служи сатаната против нас денес? Јаков 3:14-16.

„Сатаната ги искушува поединците. Своите подмолни дошепнувања тој ги подметнува многу лукаво, поттикнувајќи сомнеж и недоверба во зборовите и постапките на оние кои се наоѓаат на одговорни положби и кои се трудат со својата работа да ги остварат Божјите намери. Сатаната посебно се труди од Бога избраните луѓе да ги опсипува со неволји, збунетост и спротивставување за да ги спречи во нивната работа и, доколку е можно, да ги направи малодушни. И најдобрите напори на Божјите слуги, избрани да извршат некоја посебна задача, можат во голема мера да бидат осуетени од завист, кавга и зли претпоставки.

Со посредство на своите агенти сатаната постојано настојува таквите луѓе да ги оттргне од положбата која според нивна должност им припаѓа. Сите оние кај кои може да пробуди недоверба и сомнеж тој постојано ги користи како свои орудија... Ако не се под непосредно влијание на Божјиот Дух, луѓето по природа се склони на завист, сомнеж и свирепа недоверба, со особини кои - доколку не се искоренат - раѓаат желба други да се поткопаат и срушат, за тие во својата себичност да се издигнат над нивните урнатини”. – 3 Сведоштво, 343.

„Ни претстојат тешки времиња. Насилството и уништувачкото делување се зголемуваат. Во црквата се води сè поголема борба за превласт и луѓето кои се поставени на одговорни положби сметаат дека нивно право е да владеат.

Луѓето кои Господ ги поставил на одговорни положби во своето дело, мораат да негуваат понизност и секогаш да се чувствуваат зависни од Него. Тие не смеат да копнеат да добијат што поголем авторитет и углед, зашто Бог не ги повикал да заповедаат, туку да работат советувајќи се со своите соработници. Секој работник мора да се покорува на Божјите барања и поуки”. – 9 Сведоштво, 270.


Четврток 4. февруари

5. НАДЕЖ СРЕДЕ БУРА

а. За разлика од Саул, како можеме да бидеме вдахновени од однесувањето на Давид во пустината, дури и во најтешките моменти? Псалм 27:1-3; 59:1-3, 17.

„Давид составил многу псалми во пустината, каде бил принуден да побегне заради безбедност... Додека Давид минувал низ тешки искушенија и тешкотии, тој покажал непоколеблива доверба во Бога и бил особено проткаен со Неговиот Дух кога ги составувал своите песни кои ги раскажуваат неговите опасности и избавувања, припишувајќи му слава и чест на Бога, неговиот милостив заштитник. Во овие псалми се гледа дух на жар, преданост и светост”. – The Spirit of Prophecy, vol. 1, pp. 386, 387.

б. Која надеж го охрабрила срцето на Давид во пештерата – и како оваа надеж може да се рефлектира во нашиот живот? Псалм 142:1-7; 31:23,24.

„Не треба да се изненадите ако на патот кон небото не е секогаш сè пријатно... Одете секој ден напред, молејќи се како Давид: ‘Стапките мои беа непоколебливи на патиштата Твои, нозете мои не застранија’. Низ сите патишта во животот демне опасност; меѓутоа, ќе бидеме сигурни само ако одиме по оној пат кој нè води кон големиот Учител, имајќи целосна доверба во Оној кој вели: ‘Појдете по мене’”. – The SDA Bible Commentary, [E. G. White Comments], vol. 3, p. 1143.


Петок 5. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како можам да негувам дух сличен на Давидовиот кон оние што можеби ме мразат?

2. По што се разликува љубомората од зависта - и зошто треба да го избегнувам и едното и другото?

3. Што го натерало Саула да прибегне кон таква решеност да го уништи својот соперник?

4. Опишете како сатаната ја користи зависта како оружје против Божјиот народ денес?

5. Како Бог честопати ме тешел, како што правел со Давид во пештерата?

 <<    >>