Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од Давидовиот живот

 <<    >> 
1. лекција Сабота, 2. јануари 2021

Тивка, скромна младост

„Бог не гледа како што гледа човекот: човекот гледа на лице, а Господ гледа што е во срцето.” (1. Самоилова 16:7).

„Давид бил подложен на влијанието на Светиот Дух, и Господ во своето провидение го обучил за негова идна служба, подготвувајќи го да ги спроведе Неговите божествени намери. Христос бил главен градител на неговиот карактер“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 2, p. 1018.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 637-642. 

Недела 27. декември

1. ВО САМОТИЈАТА НА ПРИРОДАТА

а. Што научил Давид од своето рано опкружување на село? Римјаните 1:20; Псалм 8:3-9. Зошто таквата средина е погодна за духовен развој? Псалм 24:1.

„Давид како момче пасел овци по ритчињата што го опкружуваат Витлеем“. – Патријарси и пророци, 637.

„Христос зборувал... со младиот Давид, кога ги чувал своите стада“. – Копнежот на вековите, 290,291.

б. Како можат младите денес да имаат корист од раното воспитување слично на Давидовото? Псалм 19:1-3; 119:9,97,113.

„Небото (на младите) може да им биде учебник од кој можат да научат поуки од големо значење. Месечината и ѕвездите можат да бидат нивни придружници кои со најелоквентен јазик им зборуваат за Божјата љубов“. – The Youth’s Instructor, October 25, 1900.


Понеделник 28. декември

2. СРЦЕТО НА ПСАЛМИСТОТ

а. Која била Божјата намера да му дарува на Давид поетски и музички дарови? Псалм 105:1,2; 66:16,17.

„Едноставното овчарче пеело песни кои самиот ги компонирал, а пријатната музика на неговата харфа ја пратила мелодијата на неговиот свеж млад глас. Господ го избрал Давида и со неговиот живот управувал така што имал можност да го обучи неговиот глас и да го негува талентот за музика и поезија. Господ во неговиот живот на пастирска осаменост го подготвувал за дело кое имал намера да му го довери во неговиот подоцнежен живот“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 2, p. 1018.

б. Објаснете на кој начин верните во сите векови ги жнееле силните духовни благослови од Давидовото искуство како пастир. Псалм 66:1-6; 100:3.

„(Давид) секојдневно доаѓал во поинтимна заедница со Бога. Неговиот ум постојано навлегувал во нови длабочини за таму да најде нови теми кои ја инспирирале неговата песна...

Кој може да ги измери последиците на тие години на труд и талкање по осамените брекчиња? Општењето со природата и со Бога, грижата за стадото, опасностите и ослободувањата, страдањата и радостите на неговиот скромен живот сето тоа требало не само да го изгради Давидовиот карактер и да влијае врз неговиот иден живот, туку истото преку псалмите на омилениот израелски пеач требало и во подоцнежните векови да буди љубов и вера во срцата на Божјиот народ доведувајќи ги сѐ поблизу до Оној чиешто срце е полно со љубов и во кого живее сѐ што поседува животот“. – Патријарси и пророци, 642.

„Псалмистот го поврзувал Божјиот закон во природниот свет со законите дадени на Неговите создадени битија“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 3, p. 1144.

„(Псалм 66:1-5). Овој псалм и делови од шеесет и осмиот и седумдесет и вториот псалм честопати ги пеел Христос“ - The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 3, p. 1148.

„Трпеливо и мирно (Христос) ги поднесувал потсмевачките погледи, острите пецкања и исмејувањето на своите соработници во столарската работилница. Наместо луто да им возврати, Тој би започнал да пее некој од прекрасните псалми на Давид; и Неговите сопатници, пред да сфатат што направиле, се обединувале со Него во пеење на химната“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 7, p. 936.


Вторник 29. декември

3. РАЗБИРАЊЕ НА НАШЕТО ОГРАНИЧЕНО ГЛЕДИШТЕ

а. Објаснете го ограниченото разбирање на пророкот Самоил кога Бог го испратил да помаже еден од синовите на Јесеј за цар. 1. Самоилова 16:1-6.

„Посматрајќи го неговото кнежевско држење (на Елијав), Самоил си помислил: ‘Сигурно, еве пред Господа стои неговиот помазаник’, и очекувал Божја наредба да го помаже. Но Јехова не го гледа надворешниот изглед. Елијав не се плашел од Бога. Кога би бил поставен на престолот, би покажувал горделивост и би бил премногу строг господар“. – Патријарси и пророци, 638.

б. Што треба да научиме од ова искуство на Самоил – особено при изборот на разни водачи и во поглед на иднината на младите меѓу нас? 1. Самоилова 16:7; Јован 7:24.

„Можеме да научиме и за тоа колку е неспособна човечката мудрост без посебно небесно просветување да ги разбере тајните на срцето и да ги сфати Божјите совети. Божјите мисли и Божјите патишта во врска со неговите созданија се недосегливи за нашето земно сфаќање; но можеме да бидеме сигурни дека неговите деца ќе бидат поставени токму на оние места за кои се способни и дека ќе можат да ги исполнат задачите што им се доверени само ако својата волја и ја потчинат на Божјата волја, со цел неговите совршени планови да не бидат попречувани со човечката изопаченост“. – Патријарси и пророци, 638.

„Зар нема темелното образование на неколкумина да ги задоволи сите битни барања?

Јас најодлучно одговарам: не, никако не. Каков избор би можеле да вршиме меѓу нашата младина? Како можеме да кажеме кој најмногу ветува, кој најдобро ќе му служи на Бога? Врз основа на нашето човечко расудување би можеле да направиме како што направил Самоил кој, кога бил пратен да го бара Господовиот помазаник, гледал на надворешниот изглед… Кој може да одреди кој во едно семејство ќе се покаже способен за Божјото дело? На своите деца треба да им овозможиме да ги уживаат благословите и предностите од образованието во нашите училишта, за да бидат вдахновени да станат Божји соработници“. – 6 Сведоштво, 197.


Среда 30. декември

4. ИЗНЕНАДУВАЧКИ ИЗБОР

а. Опишете го Божјиот избор и мудроста на Неговиот план. 1. Самоилова 16:8-12.

„Кога Бог го повикал Давида од бачилото на неговиот татко да го помаже за цар над Израел, Тој видел во него некој кому може да му го даде својот Дух”. – Christ Triumphant, p. 146.

„Давид не бил со висок раст, но изразот на неговото лице било убаво, изразувал понизност, искреност и вистинска храброст. Божјиот ангел му укажал на Самоил дека Давид е тој што треба да го помаже, зашто Бог го избрал. Од тој момент, Господ му дал на Давид мудро и разумно срце”. – Spiritual Gifts, vol. 4A, p. 78.

б. Што треба да разберат родителите и учителите, кои се стремат да ги насочуваат младите за кои се грижат? Изреки 15:33; Проповедник 7:8.

„Постарите браќа, помеѓу кои Самоил сакал да избира, ги немале особините за кои Бог сметал дека мора да ги има владетелот на Неговиот народ. Гордите, себичните, полни со самодоверба, биле отфрлени заради еден кого тие го потценувале, еден кој ги сочувал едноставноста и искреноста на својата младост, и кого, иако самиот се сметал за безвреден, Бог можел да го воспита да ги понесе царските одговорности. Така и денес, во многу деца кои родителите ги запоставуваат, Бог гледа способности многу поголеми од способностите на другите деца, за кои се мисли дека повеќе ветуваат.

Со оглед на можностите во животот, кој е способен да оцени што е големо, а што мало? Колку луѓе на ниски положби во животот, поттикнувајќи дејности од благослов за светот, постигнале резултати на кои и цареви би можеле да им завидуваат”. – Воспитување, 266,267.

„’Не за да Му служат, туку за да служи’ е големата поука што треба да ја научиме и да ја пренесуваме на другите.

Во младите треба да биде втисната мислата дека не се свои. Тие Му припаѓаат на Христа. Тие се измиени во Христовата крв, залог на Неговата љубов. Тие живеат, затоа што Тој, со Својата моќ ги одржува во живот. Нивното време, нивната сила, нивните способности се Негови и треба да бидат развиени, обучени и употребени за Него”. – Здравје и среќа, 396.


Четврток 31. декември

5. СКРОМЕН И ПОНИЗЕН КАКО И ПОРАНО

а. Што се одразувало во ставот на младиот Давид? Псалм 23:1-6; 71:5.

„Колку се убаво опишани неговите (на Давид) момчешки пастирски искуства со зборовите: (цитиран Псалм 23:1-4)”. – Воспитување, 164.

б. Објаснете ја целта и резултатот од тајната мисија на Самоил. 1. Самоилова 16:13.

„Самоил не му ја најавил својата мисија дури ни на семејството на Есеја, па церемонијата на Давидовото помазание била изведена во тајност. За младиот Давид тоа било најавување на високиот позив што го очекувал; и тоа сознание гребало во сите различни настани и опасности во претстојните години да го вдахне со верност со својот живот да ја исполни Божјата цел.

Давид не се возгордеал поради високата чест што му била доделена. Без оглед на високата положба што требало да ја заземе, тој мирно ја продолжил својата пастирска работа и, полн со задоволство, очекувал Божјите планови да се остварат во одредено време и на од Бога одреден начин. Кроток и скромен како и пред своето помазание, пастирот се вратил на своите ритчиња, пасејки ги своите стада нежно како и секогаш”. – Патријараси и пророци, 641.

„Во убавината и силата на своите млади години Давид се приготвувал да ја преземе положбата меѓу најблагородните на земјата. Своите таленти како драгоцен Божји дар ги користел да ја издигне славата на божествениот Дарител... Кога во настаните од својот живот ја согледувал Божјата љубов, срцето поогнено му чукало во молитва и благодарност, гласот му одекнувал со побогати мелодии, а неговата харфа звучела многу порадосно; така младиот пастир се здобивал со сѐ поголеми сили и сознанија зашто Божјиот Дух почивал врз него”. – Патријарси и пророци, 642.


Петок 1. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Објаснете ги духовните придобивки од поминувањето време меѓу Божјите созданија во природата.

2. Кои лични придобивки можам да ги извлечам од псалмите на Давид?

3. Што треба сите ние да научиме од поуката што му е дадена на Самоил?

4. Наведете некои важни моменти од искуството во домот на Јесеј.

5. Како можеме да бидеме вдахновени од одговорот на Давид на неговото помазување во тајност?

 <<    >>