Back to top

Sabbath Bible Lessons

ПАВЛОВОТО ЕВАНГЕЛИЕ ДО Коринтјаните

 <<    >> 
5. лекција Сабота, 30. јули 2022.

Работата како благослов

„И го зеде Господ Бог човекот (кого го создаде), го насели во Едемската градина, за да ја обработува и да ја чува“ (Создавање 2:15).

„Вистинска слава и радост во животот наоѓаат само работните мажи и жени. Работата дава своја награда, а колку е сладок одморот по напорот на правилно поминатиот ден“. ¬– Christian Temperance and Bible Hygiene, p. 98.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Messages to Young People, pp. 177–180. 

Недела 24. јули

1. РАБОТА

а. Што милостиво му било дадено на човештвото при создавањето? Создавање 2:15.

„Работата Бог ја определил за човекот, и таа за него претставува вистинска благодат: го занимава, му ги проникнува мислите, го засилува телото и ги развива способностите. Во духовната и во телесната работа Адам наоѓал едно од најголемите задоволства на својот свет живот. И кога, поради непослушноста, бил истеран од својот прекрасен дом и кога бил присилен макотрпно да бори со ќудливото земјиште за својот насушен леб, токму таа работа, иако во голема мера поинаква од пријатното занимање во Едем, му била заштита од искушението и извор на среќа. Во голема заблуда се оние кои работата ја сметаат за проклетство, па макар таа да е заморна и тешка. Богатите често со презир ја гледаат работничката класа. Меѓутоа, таквото однесување е наполно спротивно на намерата што ја имал Бог кога го создал човекот. Што се имотите на најголемите богаташи во споредба со наследството дадено на возвишениот Адам? Па сепак, Адам не го поминувал животот во безделничење. Премудриот Творец, кој најдобро знае што ја зголемува среќата на човекот, му определил на Адама што треба да прави. Само работливите мажи и жени наоѓаат вистинска животна радост“. ¬– Патријарси и пророци, 50.

б. Кој дел од плодовите на работата што ќе ги оствари мудриот човек му припаѓа нему/неа? Проповедник 3:13.


Понеделник 25. јули

2. ЗАПОВЕД ДА СЕ РАБОТИ

а. Наведете еден важен аспект од четвртата заповед. Излез 20:9.

„Верата која ја исповедаш ти наложува да го искористиш времето во текот на шесте работни денови како и да присуствуваш во црквата во сабота. Не си вреден во работата. Дозволуваш да поминуваат часови, денови, дури и седмици, а ништо да не направиш. Најдобрата проповед што можеш да му ја одржиш на светот е да покажеш решителна преобразба во својот живот и да се погрижиш за своето семејство. Апостолот вели: ‘Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од безверник’ (1 Тимотеј 5:8)“. ¬– 5 Сведоштво, 179.

„Мрзеливоста и леноста не се плодови кои растат на христијанското дрво“. ¬– Совети за детето, 124.

б. Како христијанските управители ја вршат својата работа? Колосјаните 3:23.

„Патот на напорната работа наменет за жителите на земјата можеби е напорен и заморен, но тој е украсен со стапките на Искупителот, а оној што оди по овој свет пат е безбеден. Со поука и пример, Христос ја ценел корисната работа. Уште од најраните години живеел живот на напорна и тешка работа. Поголемиот дел од Својот земен живот го поминал трпеливо работејќи во столарската работилница во Назарет. Во облеката на обичен работник, Господарот на животот одел по улиците на градот во кој живеел, одејќи и враќајќи се од својата скромна работа; а невидливите ангели кои биле испратени да Му служат го придружувале додека одел рамо до рамо со селаните и работниците, непризнаен и непочитуван“. ¬– Counsels to Parents, Teachers, and Students, p. 276.

„Не треба да ги занемарувате обврските што се пред вас, туку треба да ги искористите малите можности што ви се појавуваат. Треба да продолжите да давате сѐ од себе во помалите животни задачи, извршувајќи ја сесрдно и верно работата што ви ја доделила Божјата промисла. Колку и да е мала, треба да го правите тоа со онаа темелност со која би завршиле некоја поголема работа. Вашата верност ќе биде потврдена во небесните книги“. ¬– The Signs of the Times, June 16, 1890.

в. Освен што треба да ги учиме нашите деца да работат и да бидат вредни, на кој друг аспект од управителската служба треба да ги поучуваме уште од раната младост? Изреки 3:9.


Вторник 26. јули

3. СЕМЕЈНА ФИРМА

а. Кога христијанските управители треба да ја започнат својата обука? Второзаконие 6:7.

„Воспитувањето на детето на добро или на зло започнува во неговите најрани години. Децата треба да се поучат дека тие се дел од семејната фирма. Тие треба да бидат обучени да ја играат својата улога во домот. Тие не треба постојано да се разгалуваат; туку треба да им го олеснат товарот на таткото и мајката. Како што растат постарите деца, тие треба да помогнат во грижата за помладите членови на семејството. Мајката не треба да дозволи да биде исцрпена од работата што децата можат и треба да ја прават“. ¬– Manuscript Releases, vol. 10, pp. 206, 207.

б. Како можат родителите да ги учат своите деца на принципите на работа и на животните должности? Изреки 22:6.

„Во училиштето на родителскиот дом децата треба да научат како да ги извршуваат практичните обврски од секојдневниот живот. Додека се уште млади, мајката секој ден треба да им дава некоја едноставна задача. Настојувањето да ги упати во работата ќе и одземе повеќе време отколку сама да го направи тоа, но треба да има на ум дека со тоа ги поставува темелите во изградбата на нивниот карактер, оспособувајќи ги да бидат корисни во животот. Нека има на ум дека домот претставува училиште во кое таа е главен учител. Нејзина задача е да го научи детето како брзо и вешто да ги извршува домашните задачи и домашните обврски. Децата уште од детството треба да се навикнуваат да учествуваат во носењето на секојдневните товари. Момчињата и девојчињата треба да добијат инструкции дека, како што растат и зајакнуваат, треба разумно да преземаат сè поголеми одговорности во домашните работи“. ¬– Counsels to Parents, Teachers, and Students, p. 122.

в. Кој е неизбежниот резултат од безделничењето? Изреки 19:15.

„Онаму каде што има изобилство на безделничење, сатаната работи со своите искушенија да го уништи животот и карактерот“. ¬– The Youth’s Instructor, October 18, 1894.


Среда 27. јули

4. НЕСООДВЕТЕН ОДМОР

а. Каков совет им се упатува на оние кои не го исполнуваат Божјиот налог даден во четвртата заповед, шест дена да работат – и кои наместо тоа избираат да се одмараат во шесте обични денови во седмицата? 2 Солунјаните 3:10.

„Бог на луѓето им дал шест дена определени за работа и Тој бара тие сите свои работи да ги извршуваат во текот на тие шест работни денови“. ¬– Патријарси и пророци, 307.

„Божјата реч изјавува дека „кој не сака да работи, тој нека и не јаде (2. Солунјаните 3:10). Господ не бара од човекот кој напорно работи да ги поддржува другите во безделничење. Мнозина губат време, не вложуваат сериозни напори, и затоа запаѓаат во сиромаштво и скудност. Доколку овие грешки не бидат поправени од оние што ги имаат овие мани, сè што можеме ние да сториме за нив би личело како на ставање богатство во вреќа со дупки“. ¬– Христовите поуки, 247.

„На оние што настојуваат да се реформираат, треба да им се обезбеди вработување. Ниту еден, кој е способен да работи, не треба да биде поучуван да очекува дека храната, облеката и станот ќе му бидат дадени бесплатно. За нивно, но и за доброто на другите, треба да бидат пронајдени начини на кои еднакво би вратиле за она што го примаат. Охрабрете ги во напорите да се издржуваат самите себеси. Тоа ќе придонесе за нивната самопочит и благородната независност. Освен тоа, вработеноста на телото и умот претставува успешна ограда против искушението“. ¬– Здравје и среќа, 177.

„Навиката световните работи да се извршуваат немарно и невнимателно лесно се пренесува и во духовниот живот и истата го онеспособува човекот успешно да му служи на Бога. Мнозина, кои како вредни работници можеа да бидат на благослов на светот, се упропастиле со својата немарност. Кога некој нема работа ниту цврста цел пред себе, им отвора врата на илјадници искушенија. Расипаното друштво и лошите навики го изопачуваат умот и душата, а резултатот е пропаст за овој живот и идниот живот.

Без оглед со која дејност се занимаваме, Божјата реч нè учи да бидеме ‘со горлив дух; служете Му на Господ’. ‘Сè, што може да врши раката твоја, според силите твои, врши“, „знаејќи дека како награда ќе добиете од Господ наследство, бидејќи на Господ Христос Му служите’ (Римјаните 12:11; Проповедник 9:10; Колосјаните 3:24)“. ¬– Христовите поуки, 345,346.


Четврток 28. јули

5. „НЕГОВАТА ПОЧИНКА“ (ЕВРЕИТЕ 4:1)

а. Кога Господ го воспоставил својот ден за одмор за човечкиот род? Создавање 2:2. Како Господ ја утврдил својата првобитна институција? Марко 2:27,28.

„Самиот Бог ја одредил должината на првата седмица како модел за сите други седмици до крајот на времето. Како и сите други седмици, првата седмица се состоела од седум буквални денови. Шест дена биле искористени во работата на создавањето; во седмиот ден, Бог се одмарал, по што го благословил тој ден и го одредил како ден за одмор на човекот“. ¬– Christian Education, p. 190.

б. Како се подготвувате за она што Господ го нарекува „саботите Мои“ или „спокојот Мој“ (Излез 31:13; Евреите 4:5)? Марко 15:42; Лука 23:54,56.

„Во петок треба да се завршат сите подготовки за сабота. Погрижете се сите облеки да бидат подготвени, готвењето завршено, чевлите исчистени и да се искапете. Сето тоа може да се среди и да се заврши ако себеси си го поставиме за правило. Саботата не смее да се помине во крпење на облека, во готвење на храна, во барање на задоволства или во било која друга земна работа. Пред заоѓање на сонцето положете ја настрана секоја световна работа и тргнете ги од пред своите очи сите световни списанија. Родители, објаснете им ги на своите деца своите постапки во тој поглед како и нивната цел и дозволете и децата да уживаат во подготовките за сабота во согласност со законот“. ¬– 6 Сведоштво, 355,356.

„Оние кои занемаруваат да се подготват за сабота во шестиот ден и кои готват храна во сабота, ја прекршуваат четвртата заповед и го прекршуваат Божјиот закон“ ¬– Spiritual Gifts, vol. 3, pp. 253, 254.


Петок 29. јули

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Која е целта на работата?

2. Кој дел од четвртата заповед често се занемарува?

3. Кога треба да почнеме да ја цениме работата?

4. Што се случува ако не сме продуктивни во текот на седмицата?

5. Опишете како изгледа одморот за христијанинот на Божјиот свет ден.

 <<    >>