Back to top

Sabbath Bible Lessons

ПАВЛОВОТО ЕВАНГЕЛИЕ ДО Коринтјаните

 <<    >> 
12. лекција Сабота, 17. септември 2022.

Непроменлива доблест

„Љубовта никогаш не престанува“ (1 Коринтјаните 13:8).

„Никогаш не треба да поминеме покрај некоја душа што страда, а да не се обидеме да и пружиме утеха со која Бог не утешил и нас“. – Копнежот на вековите, 504.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   2 Сведоштво, 133-136. 

Недела 11. септември

1. СИЛНА МОТИВАЦИЈА

а. Што може да научи еден христијански управител од мотивацијата на апостол Павле? 1 Коринтјаните 9:16-19; 2 Коринтјаните 5:14,15.

б. Кои совети ни се дадени за дополнително да нѐ мотивираат? 1 Петрово 1:22,23.

„ ‘Сè што сакате да ви прават луѓето вам, правете им го и вие ним’. Благословот ќе дојде како последица од ваквиот живот. ‘Со каква мерка мерите со таква ќе ви се мери’. Овие зборови треба да нè наведат на тоа да се сакаме со сета сила на своето срце. Христос е нашиот Пример. Тој постојано правел добро. Тој живеел за да ги благослови другите. Љубовта ги красела и облагородувала сите Негови дела. Нам не ни е заповедано да правиме за себе она што би сакале да ни го прават другите, туку да го правиме на другите она што би сакале тие да ни го прават нам во истите околности. Со каква мерка ќе мериме со таква мерка ќе ни се мери. Чистата љубов е многу едноставна во своето делување и се разликува од сите останати начела на човековите постапки. Желбата да се ужива добар глас и почитување од другите често може како последица да има среќен живот и беспрекорно однесување. Почитувањето кон самиот себе може да нè доведе до таму, да го избегнуваме злото. Себичното срце може да прави и великодушни постапки, да ја признава вистината и да изразува кротост и срдечност со надворешно однесување, но побудите сепак можат да бидат лажни, нечисти; постапките кои произлегуваат од таквото срце сепак ќе бидат без животен мирис и плодови на вистинска светост, бидејќи се лишени од начелата на чистата љубов. Љубовта треба да се одгледува и негува, бидејќи нејзиното влијание е божествено“. – 2 Сведоштво, 136.


Понеделник 12. септември

2. ПЛОДОВИ НА ЉУБОВТА

а. Како несебичната љубов на Павле вродила со плод под најнеповолни околности? Филипјаните 1:12-14; 2:15-17.

„Она што го насочило вниманието на царскиот двор кон христијанството, не биле проповедите на Павле, туку токму неговите окови. Тој токму како заточеник од многу души ги искинал оковите кои ги држеле во ропство на гревот. Но тоа не било сè. ‘Повеќето од браќата во Господа’, пишува тој, ‘охрабрени од моите окови, се осмелуваат сè повеќе без страв да ја проповедаат Божјата реч’ (Филипјаните 1:14).

Трпението на Павле и неговата ведрина во текот на неговото долготрајно и неправедно заточение, неговата храброст и вера, претставувале постојана проповед. Неговиот дух, толку различен од духот на овој свет, сведочел дека во него живее сила далеку повозвишена од земните сили. И неговиот пример ги поттикнувал христијаните на јавното поле, од кое тој физички бил потиснат, сè повеќе да ревнуваат како поборници на Божјото дело. Така неговите окови имале големо влијание. И кога се чинело дека неговите сили и неговата корисност наполно се осуетени и кога сè кажувало дека не може да стори баш ништо, токму тогаш собира снопови за Христа во полето од кое навидум бил наполно исклучен“. – Делата на апостолите, 464.

б. Како можеме сите да бидеме инспирирани и зајакнати од храброста на Павле? 2 Коринтјаните 4:5-10; 11:24-28.

„Трпението придонело за неговите победи исто толку колку и храброста. Во неволјите душите можат да се придобијат за Христа со кротост исто толку колку и со смелоста и храброста во отворена борба. Христијанинот, кој е полн со трпение и со ведрина за време на неволјите и страдањата, кој дури и смртта ја пречекува во мир и спокојство на непоколеблива вера, може за евангелието да стори многу повеќе отколку верно да работел во текот на целиот свој живот. Често се случува токму тогаш, кога Божјиот слуга ќе се повлече од активна служба, таинственото провидение, на кое ние во нашата кратковидост се плачеме, може да изврши дело кое на друг начин никогаш не би се извршило.

Кога не е веќе во можност отворено и активно да работи за Бога и за Неговата вистина, Христовиот следбеник не смее да смета дека нема веќе никаква должност што би можел да ја извршува, ниту пак награда што би можел да си ја обезбеди. Вистинските Христови сведоци никогаш не се оставени на страна. Додека се здрави или болни, живи или умрени, Бог секогаш ги употребува“. – Делата на апостолите, 465.


Вторник 13. септември

3. ПОБЕДОНОСНА ЉУБОВ

а. Како може христијанскиот управител да постигне победа над лошите зборови и ставови? Јаков 3:2,10-12; Езекиел 36:25,26.

„Мрзоволието, зајадливото расудување и постојаното изразување не е можно да се прикрие ниту со најгрижливо негување на надворешната префинетост. Дух на вистинско човекољубие и добрина мора да престојува во срцето. Љубовта на оние кои ја поседуваат дава љубезност, достоинство и убаво однесување; таа го осветлува лицето, го ублажува гласот, ги издигнува и облагородува сите човечки особини. Љубовта на човекот го доведува во склад со Бога, бидејќи претставува една од најистакнатите карактеристики на небото“. – 4 Сведоштво, 559,560.

б. Преку какви искуства можеме да ја спознаеме непроменливата моќ на љубовта? 2 Коринтјаните 8:1-5; 1 Јованово 5:1-4.

„Противењето со кое се соочуваме може да ни биде од корист на многу начини. Ако добро се издржи, ќе развие доблести кои никогаш не би излегле на виделина доколку христијанинот нема што да издржи. А верата, трпението, стрпливоста, стремежот кон духовни и небесни работи, довербата во Промислата и искреното сочувство кон заблудените - тоа се резултатите од добро поднесените искушенија. Тоа се благодатите на Духот кои прво пупат, потоа цветаат, а потоа раѓаат плод среде искушенија и неволји. На христијанското дрво секогаш растат кротост, понизност и љубов. Кога Словото ќе се прими во добри и чесни срца, закоравената душа ќе биде покорена, а верата, држејќи се до ветувањата и потпирајќи се на Исуса, ќе биде победничка. ‘И ова е победата што го победи светот - верата наша’ (1 Јованово 5:4)“. – The Review and Herald, June 28, 1892.

„Ќе дојдат неочекувани разочарувања. Исус честопати тагувал поради тврдоста на срцата на луѓето, а и вие ќе имате слично искуство. Вашите молитви, вашите солзи, вашите молби можеби нема да наидат на одговор. Срцата се мртви во престапи и гревови. Онаму каде што се надевавте на сигурна победа се чини како да нема покајание, туку само рамнодушност и противење, а од некои дури и презир. Сепак, не смеете да ги намалите напорите. Ако некој одбие да ве сослуша, свртете се кон друг. Имајте верба дека Утешителот ќе го направи она што вие не можете да го направите. Верувајте во сите благословени ветувања што ви ги дал Христос. Работете со љубов и непобедлива храброст, бидејќи само така можете да очекувате успех. ‘Кога правиме добро, тоа нека не ни биде здодевно, зашто во свое време ќе пожнееме, ако не се измориме’ (Галатјаните 6:9)“. – The Signs of the Times, November 30, 1891.


Среда 14. септември

4. ИСТРАЈНА ЉУБОВ

а. Што билката на љубовта ја прави уникатна? 1 Коринтјаните 13:8 (прв дел).

„Ние треба да видиме во нашите ближни луѓе кои се откупени со Христовата крв. Ако ја имаме оваа љубов еден кон друг, ние ќе раснеме во љубов кон Бога и кон вистината. Со болка во срцето гледаме колку малку љубов се негува меѓу нас. Љубовта е билка од небесно потекло, и ако сакаме да цвета во нашите срца, мора да ја негуваме секојдневно. Благост, кротост, долготрпеливост, сè покрива, во сè верува, на сè се надева, сè поднесува - ова се плодовите што растат на скапоценото дрво на љубовта“. – The Review and Herald, June 5, 1888.

„Во светлината од Голгота, ќе се види дека законот на самооткажувачката љубов е закон на животот за Земјата и Небото, дека љубовта ‘која не го бара своето’, извира од Божјото срце и дека во Оној, Кој бил кроток и понизен се манифестирал карактерот на Оној, Кој престојува во светлината, на која ниту еден човек не може да и се приближи“. – Копнежот на вековите, 20.

б. Што треба да го охрабри христијанскиот управител да работи за душите откупени со Христовата крв? Галатјаните 5:1.

„(Во школата на идниот свет) сите кои несебично работеле, ќе ги гледаат плодовите на својата работа. Таму ќе се види исходот на секој вистински принцип и благородно дело. Нешто од тоа гледаме уште тука. Но, колку малку резултати од својот труд гледа во овој живот оној кој го извршува најблагородното дело на светот! Колкумина работат несебично и неуморно за оние кои никогаш нема да ги видат ниту да ги запознаат!... Така се даваат дарови, се носат товари, се извршува работата. Луѓето сеат семе од кое други, над нивните гробови, жнеат благословена жетва. Тие садат овошки за други да можат да јадат плодови. Тука им е доволно што знаат дека ги поттикнале силите на доброто. Во вечноста ќе се види дејството и против дејството на сите нешта.

На Небото се чува извештај за секој дар што Бог го дал за да ги поттикне луѓето на несебична работа. Да се истражуваат тие сеопфатни извештаи, да се бараат оние кои со нашите напори биле воздигнати и облагородени, да се гледа влијанието на вистинските принципи во нивниот живот - тоа ќе биде еден од предметите и наградите во небесното училиште“. – Воспитување, 305,306.


Четврток 15. септември

5. ВРСКАТА НА СОВРШЕНСТВОТО

а. Зошто ни е потребна љубовта за да можеме да го усовршиме христијанскиот карактер? Колосјаните 3:14; 1 Јованово 4:7-12.

„Во нашиот сегашен живот, иако е земски и ограничен со гревот, најголема радост и највисоко воспитување се добива со служење. И во идниот живот, неограничен со грешна човечка природа, наша најголема радост и наше највисоко воспитување ќе наоѓаме во служењето - во сведочењето, и во постојаното учење во текот на сведочењето ‘колку е богата славата на оваа тајна’ – ‘Христос во вас, надеж на славата’ (Колосјаните 1:27)“. – Воспитување, 309.

б. Која е највозвишената илустрација на неисцрпната љубов која ќе продолжи да свети низ вечноста? Захарија 13:6.

„Нашиот Откупител секогаш ќе ги носи лузните на Своето распетие. На Неговата ранета глава, на Неговите ребра, на рацете и нозете, се наоѓаат единствените траги на свирепото дело кои ги предизвикал гревот. Гледајќи го Христа во Неговата слава, пророкот кажува: ‘Болскотот Му е како сончева светлина, а од рацете Негови зрачи, и тука е скривалиштето на Неговата сила’ (Авакум 3:4). Прободената страна на Христовото тело, од која течел црвен млаз кој го помирил човекот со Бога - ја претставува славата на Спасителот, таму е ‘скривалиштето на Неговата сила’. ‘Моќен да спаси’ преку жртвата за откуп, Тој исто така ќе биде моќен и да им суди на оние кои ја презреле Божјата милост. Знаците на Неговото понижување за Него претставуваат најголема чест; низ целата вечност раните добиени на Голгота ќе ја истакнуваат Неговата слава и ќе ја објавуваат Неговата моќ“. – Големата борба, 674.


Петок 16. септември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како треба христијанскиот управител да го разбере Матеј 7:12?

2. Какви резултати може да постигне љубовта, дури и во тешки околности?

3. Како можеме да извлечеме корист од искушенијата?

4. Зошто службата на љубовта никогаш нѐ пропаѓа?

5. Каде се наоѓа најголемата радост и највисокото образование во животот?

 <<    >>