Back to top

Sabbath Bible Lessons

ПАВЛОВОТО ЕВАНГЕЛИЕ ДО Коринтјаните

 <<    >> 
3. лекција Сабота, 16. јули 2022.

Победа над злите склоности (1)

„Зашто, каде што има завист и карање, таму има неслога и сè е лошо“ (Јаков 3:16).

„Без оглед дали го признаваме тоа, ние сме управители кои Бог ги снабдува со способности и средства и ги поставува во светот да ја извршуваат работата што Тој им ја одредил“. – Воспитување, 137.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   5 Сведоштво, 242-248. 

Недела 10. јули

1. ЗАВИСТ И СЛИЧНИ ГРЕВОВИ

а. Објаснете го потеклото на гордоста, зависта и амбицијата за позиција — и нивните горчливи последици. Исаија 14:12-15.

„Токму гордоста и самољубието го поттикнале Луцифера да се жали против Божјото владеење и се обидел да го урне поредокот што владеел на небото. Уште од својот пад, сатаната постојано се труди да го влее кај луѓето својот дух на завист и незадоволство, и стремеж за положби и почести“. – Патријарси и пророци, 403.

б. Опишете го телесниот ум — кандидат за втората смрт. 1 Коринтјаните 3:3; Римјаните 8:6,7; Јаков 3:14,15.

„Ако го отвориш своето срце на зависта, злобата и сомнежот, Светиот Дух нема да може да престојува во тебе“. – 8 Сведоштво, 191.

в. Како зависта влијае на вашата личност и благосостојба? Јов 5:2; Изреки 14:30; 27:4.

„Завидливиот човек истура отров каде и да оди, отуѓувајќи ги пријателите и поттикнувајќи омраза и бунт против Бога луѓето. Тој се стреми да биде сметан за најдобар и најголем, но не така што со јуначки и пожртвувани напори ќе ја достигне целта на совршенството, туку останувајќи таму каде што е потценувајќи ги заслугите на другите“. – 5 Сведоштво, 56.


Понеделник 11. јули

2. АЛЧНОСТ ВО СРЦЕТО

а. Во која смисла алчноста ги прекршува Божјите заповеди? Излез 20:17. Што можеме да научиме за овој грев од искуството на Ахан? Исус Навин 7:20-26.

„Смртниот грев што го одвел Ахана во пропаст имал свој корен во алчноста - еден од вообичаените гревови преку кој се преминува лекомислено. Додека другите гревови се истражуваат и се казнуваат, на алчноста ретко ѝ се забележува иако таа всушност е престап на десеттата заповед. Колку тој грев е голем и колку неговите последици се страшни, се гледа од случајот на Ахана.

Лакомството е зло што се развива постепено. Ахановата дрчност и незаситна желба за богатење се претвориле во навика која цврсто се вкоренила, така што речиси било неможно да се искорени. Иако уживал во тоа зло, сепак се вчудовидел при помислата дека со тоа ќе му нанесе несреќа на цел Израел; но гревот ја умртвил неговата совест и кога наишло искушението, тој паднал како лесен плен.

Зар не се греши и денеска наспроти исто толку свечените и јасни опомени? И нам исто така јасно и одредено ни е забрането да му попуштаме на лакомството како и на Ахана што му било забрането да присвои што било од пленот затечен во Ерихон. Бог во својата Реч лакомството го поистоветува со идолопоклонството. И нам ни е упатена опомена: ‘Не можете да им служите на Бога и на Мамон’ (Матеј 6:24). ‘Внимавајте! Чувајте се од алчноста’ (Лука 12:15). ‘Користољубивоста воопшто да не се спомнува меѓу вас’ (Ефесјаните 5:3). Пред нас е страшната судбина на Ахана, на Јуда, на Ананија и Сафира; а пред сите овие судбината на Луцифера, на ‘ѕвездата Деница’, на оној кој во својата алчност за власт се стремел кон повисока положба и со тоа засекогаш ги проиграл сјајот и небесното блаженство. Сепак, наспроти сите тие опомени, насекаде и на сите страни преовладува лакомство.

Валканите траги на таа лоша склоност секаде се покажуваат. Во семејствата поради тоа настануваат неслоги и разделби; таа кај сиромасите предизвикува завист и омраза кон побогатите; таа води кон свирепо угнетување на сиромасите од страна на имотните. А тоа зло постои не само во светот, туку и во црквата“. – Патријарси и пророци, 496,497.

б. Како треба да биде нашиот однос кон оние кои се подложни на духот на алчноста? Ефесјаните 5:5; 1 Коринтјаните 5:11.

в. Кои грешници, покрај алчните луѓе, нема да влезат во царството Божјо? 1 Коринтјаните 6:10.


Вторник 12. јули

3. ЗЛОТО НА АЛЧНОСТА

а. Што се случува кога зависта и алчноста ќе се вкоренат во срцето? Јов 5:2-5.

„Писмото ја опишува состојбата во светот непосредно пред второто Христово доаѓање. Апостол Јаков дава верна слика на лакомството и насилството што ќе преовладуваат во тоа време. Тој вели: ‘Ајде сега вие, богати... Сте насобрале богатство за последните дни. Ете, платата што сте ја задржале од работниците, кои работеле на вашите ниви, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ Саваот. Се веселевте на земјата и се насладувавте, ги згоивте срцата ваши како за ден на клање. Го осудивте, Го убивте праведникот; и тој не се спротивставуваше’ (Јаков 5:1-6). Ова е вистинската слика на она што постои денес. Со разновидни насилства и изнуди, луѓето собрале големи богатства, додека извиците на поголемиот дел од човештвото кое умира од глад се издигаат до Бога“. – Христовите поуки, 170.

б. Што се случува кога алчните луѓе себично го задржуваат своето богатство за себе? Проповедник 5:13.

„Природниот, алчен, богат човек, го стекнал ова богатство со тоа што ги искористувал своите вработени и ги искористувал поединците каде што можел, и тука го акумулирал своето богатство, кое ќе му го проголта телото како оган“. – Spiritual Gifts, vol. 2, p. 247.

в. Како злите луѓе откриваат што се наоѓа во нивните срца и умови? Псалм 10:3.

„Во своето слепило, луѓето се фалат со чудесен напредок и просветеност. Но на окото на Семоќниот му се откриени сите тајни гревови и расипаност. Небесните стражари гледаат дека земјата е полна со насилство и злосторство. Богатство се стекнува со секаков вид на закинување; закинување не само на луѓето, туку и на Бога. Луѓето ги користат Неговите средства за да ја задоволат својата себичност. Сè до што можат да се дограбат, тие го претвораат во средство за задоволување на својата алчност. Насекаде преовладуваат лакомост и сладострастие. Луѓето ги негуваат особините на првиот измамник. Тие го прифатиле како Бог и биле проткаени со неговиот дух“. – 6 Сведоштво, 14,15.


Среда 13. јули

4. ГОРДОСТ

а. Концептот на гордост е високо ценет во овој свет. Како Библијата ја опишува гордоста? Изреки 16:5.

б. Што ќе им направи Господ на гордите? Изреки 15:25; 16:18,19. Лука 18:14. Опишете што и било покажано на слугинката Господова во врска со исходот на гордите — и како тоа може да се избегне.

„Покажано ми е дека Бог ја мрази гордоста, и сите горди и безбожни ќе бидат како слама што ќе ја изгори денот што доаѓа. Видов дека пораката на третиот ангел мора да делува како квасец во срцата на многу кои тврдат дека веруваат во неа, чистејќи ги од гордоста, себичноста, лакомството и љубовта кон светот“. – 1 Сведоштво, 132,133.

в. Наместо гордост, што се забележува во животот на христијанскиот управител? Јаков 4:6.

„Сите кои го проучуваат Христовиот живот и го практикуваат Неговото учење ќе станат како Христос. Нивното влијание ќе биде слично на Неговото. Тие ќе откријат здрав карактер. Тие се утврдени во верата и нема да бидат совладани од ѓаволот поради суетата и гордоста. Тие се трудат да одат по понизниот пат на послушноста, и да ја вршат Божјата волја. Нивниот карактер врши влијание што зборува во корист на Божјото дело и вистинската чистота на Христовата работа...

Во овие целосно преобратени души, светот има сведоштво за посветувачката моќ на вистината врз човечкиот карактер. Преку нив Христос му го објавува Својот карактер и волја на светот. Во животот на Божјите деца се открива радоста во служењето на Господа, додека спротивното се гледа кај оние кои не ги држат Неговите заповеди. Линијата на поделба е јасна. Сите што ги држат Божјите заповеди се сочувани со Неговата моќна сила, среде расипувачкото влијание на оние што го престапуваат Неговиот закон. Божјата сила преку верата во спасението, одржува сѐ, од најниските до оние на највисоките на одговорни позиции“. – Evangelism, pp. 315, 316.


Четврток 14. јули

5. ЉУБОВТА КОН ПАРИТЕ

а. Што ќе ви донесе љубовта кон парите? 1 Тимотеј 6:10; Проповедник 5:10.

„Библијата не го осудува човекот, бидејќи е богат, доколку чесно го стекнал своето богатство. Корен на секое зло не се парите, туку љубовта кон нив. Бог е Тој што им дава сила на луѓето да придобијат богатство и во рацете на оној, којшто постапува како Божји управител, употребувајќи ги своите средства на несебичен начин, богатството е благослов, како за оној што го поседува, така и за светот. Но многумина обземени од интерес за богатствата на овој свет, стануваат нечувствителни за Божјите барања и за потребите на своите ближни. За нив, нивното богатство е средство преку кое ќе се прослават себеси, па затоа ги зголемуваат своите имоти, додаваат нови куќи кон постоечките и ги полнат со раскошни нешта, додека насекаде околу нив постојат човечки битија што се наоѓаат во мизерија, порок, болест и смрт. Оние што живеат само за да си служат на себеси и своите задоволства, развиваат карактеристики што не се својствени на Бога, туку на кнезот на злото“. – Здравје и среќа, 212,213.

б. Кој е главниот приоритет во животот на секој верен управител? 1 Коринтјаните 2:2; Матеј 6:33; Лука 9:25.

„Кога грешникот ќе дојде до крстот и ќе погледне во Оној што умрел за да го спаси, тој може да се радува со полна радост, затоа што гревовите му се простени. Клечејќи кај крстот, тој стигнал до највисокото место што може да се достигне“. – The Review and Herald, April 29, 1902.


Петок 15. јули

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како зависта влијае на вашето управување?

2. Какви односи треба да одржувате со луѓе кои не ги следат начелата на христијанското управување?

3. Каков е резултатот од живеењето алчен живот?

4. На што треба да се засноваат вашите финансиски одлуки?

5. Објаснете ги опасностите да бидете преокупирани со материјални добра.

 <<    >>