Back to top

Sabbath Bible Lessons

ПАВЛОВОТО ЕВАНГЕЛИЕ ДО Коринтјаните

 <<    >> 
10. лекција Сабота, 3. септември 2022.

Само исправни побуди!

„(Љубовта) не е непристојна, не бара свое, не се срди, не памти зло“ (1 Коринтјаните 13:5).

„Патот кој води до рајот не води преку самовозвишување, туку преку покајание, исповедање, понизност, вера и послушност“. – The Review and Herald, December 23, 1890.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   2 Сведоштво, 50-60. 

Недела 28. август

1. ДА ВНИМАВАМЕ НА ОДНЕСУВАЊЕТО

а. Наведете една од карактеристиките на љубовта кога станува збор за општото однесување. 1 Коринтјаните 13:5 (прв дел).

б. Наведете неколку примери на непристојно однесување што треба да го препознаеме како предупредување. Галатјаните 2:11-13; Јаков 2:1-4,8,9.

в. Како христијанскиот управител е предупреден против друг вообичаен тип на непристојно однесување? Изреки 14:29; 18:23 (последен дел).

„Се појави една група чии припадници немаат самоконтрола; тие не ја ограничиле својата природа или својот јазик, а некои од нив сепак тврдат дека се Христови следбеници, но не се. Исус не им дал таков пример. Кога ќе ја поседуваат Спасителовата кротост и понизност, тие нема да постапуваат според нагоните на нивното природно срце, бидејќи тоа доаѓа од сатаната. Некои од нив се нервозни и ако почнат да губат самоконтрола во говорот или духот кога се испровоцирани, тие стануваат исто толку опиени со гнев како што пијаните се опиваат со алкохол. Тогаш се неразборити, и не можете лесно да ги наговорите или убедите. Тие се неразумни; сатаната привремено презема целосна контрола токму над нив. Секоја од овие манифестации на гнев го ослабува нервниот систем и моралната сила и го отежнува контролирањето на гневот при друга провокација. Има само еден лек за оваа група луѓе - позитивна самоконтрола во сите околности“. – The Youth’s Instructor, November 10, 1886.


Понеделник 29. август

2. НЕСЕБИЧНО ДОБРОЧИНСТВО

а. Како сме охрабрени да развиеме однесување слично на Христос, особено кон оние кои неправедно нè провоцираат? Јаков 1:19-21; Изреки 15:1; 19:11.

„(Христос) бил неправедно обвинет, но Тој не ја отворил устата за да се оправда. Колкумина денес, кога се обвинети за нешто за што не се виновни, мислат дека има моменти кога трпението престанува да биде доблест и, кога ќе ги изгубат нервите изговараат зборови кои го жалостат Светиот Дух?“ – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 4, p. 1148.

„Поголемиот дел на тешкотии за пет минути би биле отстранети доколку не би имало гордост и себичност. Предизвикано е Божјо незадоволство и ангелите се нажалени со тоа што цели часови тие поминуваат во оправдување на себеси“. – Рани списи, 119.

б. Наведете примери за тоа како христијанскиот управител може да покаже несебично доброчинство. Дела 9:36-39.

„Во Јопа, место недалеку од Лида, живеела жена по име Тавита, која поради своите добри дела била мошне омилена. Таа била достојна ученичка на Исуса, а животот ѝ бил исполнет со доброчинства. Знаела кому му била потребна удобна облека, а кому љубов и сочувство и радо им служела на сиромасите и несреќните. Нејзините вешти прсти биле многу поактивни од нејзиниот јазик“. – Делата на апостолите, 131.

„Проповедањето е само мал дел од работата кој мора да се изврши во процесот на спасување на души. Божјиот Дух ги осведочува грешниците во вистината и ги доведува во прегратките на црквата. Проповедниците треба да го направат својот дел, но тие никогаш не можат да ја извршат онаа задача која ѝ е доверена на црквата. Бог бара од членовите на Својата црква да ги негуваат младите во вера и искуство, да ги посетуваат, не да озборуваат со нив, туку да се молат и да им упатуваат зборови кои се како ‘златно јаболко во сребрена кошничка’ (Изреки 25:11)...

Како Божји деца должни сме да бидеме Негови мисионери, да се запознаеме со оние на кои им е потребна нашата помош. Ако некој се колеба и потклекнува под притисок на искушенијата, треба да му се пристапи многу внимателно и мудро да се постапи со него, бидејќи во прашање се неговите вечни интереси; и зборовите и постапките на оние кои се залагаат за него можат да бидат животен мирис за живот, или смртен мирис за смрт“. – 4 Сведоштво, 69.


Вторник 30. август

3. НЕСЕБИЧНА ЉУБОВ - ЛЕК ЗА НАШЕТО „ЈАС“

а. Кога вистинската љубов кон другите слабее - и како да се надмине овој проблем? Матеј 24:12; Откровение 2:2-4; Евреите 12:2-4.

„Љубовта кон Бога во црквата слабее, и како резултат на тоа, љубовта кон себе расте со нова сила. Со губењето на љубовта кон Бога дојде и губењете на љубовта кон браќата“. – The Review and Herald, March 20, 1894.

„Нека овој живот, толку полн со конфликти и грижи, се поврзе со Христа, и тогаш нашето ‘јас’ нема да се бори за превласт“. The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 3, p. 1161.

„Гордоста и самообожувањето не можат да процветаат во душата што ги одржува свежи во сеќавањето сцените на Голгота“. – Копнежот на вековите, 661.

б. Која е големата причина што го прави христијанскиот управител да блесне во овој свет? 1 Коринтјаните 10:24.

„Несебичноста, која е принцип на Божјото царство, е принципот кој сатаната го мрази; тој го одрекува и самото негово постоење. Од почетокот на големата борба сатаната настојува да докаже дека принципите по кои Бог постапува се себични и на ист начин се однесува и кон сите кои Му служат на Бога. Христово дело и дело на сите оние кои го носат Неговото име е да се побие тврдењето на сатаната.

Исус дошол во човечки облик за да покаже со Својот живот што е тоа несебичност. И сите кои го прифаќаат овој принцип треба да бидат Негови соработници во прикажувањето на несебичноста во практичниот живот. Да се одбере доброто затоа што е добро; да се застане на страната на вистинита без оглед на страдањата и жртвите – ‘Тоа е наследство на Господовите слуги, и нивната праведност е од мене, вели Господ’ (Исаија 54:17)“. – Воспитување, 154,155.

„На небото никој нема да мисли на себе ниту да копнее по свое задоволство, туку во чиста вистинска љубов, ќе ја бара среќата на небесните битија што ќе нè опкружуваат. Ако сакаме да бидеме во друштво на небесните суштества на обновената земја, мораме уште овде да се управуваме според небесните начела“. – 2 Сведоштво, 132,133.


Среда 31. август

4. ДАВАЊЕ ПРИОРИТЕТ НА НАЈВАЖНОТО

а. Што треба да има во предвид еден христијански управител кога избира приоритети? 1 Јованово 2:15-17.

„Кога сите пари кои претерано се трошат за непотребни работи, се стават во Божјата ризница, ќе видиме мажи, жени и млади луѓе како му се предаваат на Исус и прават сѐ што е до нив во соработката со Христос и ангелите. Најбогатите Божји благослови би се излеале во нашите цркви и многу души би се свртеле кон вистината“. – The Review and Herald, December 23, 1890.

„Кога случаите на сите живи ќе бидат разгледувани пред Бога, нема да се постави прашањето што исповедале, туку што правеле? Дали само ја слушале Божјата реч или правеле доброчинства во делата на милосрдие и љубов, ценејќи ги другите повеќе од себе и откажувајќи се од себе за да послужат на благослов на другите?... Со својата изразена себичност, со љубовта кон себе и вашата рамнодушност кон страдањата и потребите на другите, вие го жалостите и ранувате Христа“. – 3 Сведоштво, 525.

„Кога сите што тврдат дека се Христови следбеници навистина би биле посветени, тогаш нивните средства, наместо да бидат потрошени на некорисни и штетни задоволства, би влегле во Господовата ризница, и христијаните би биле пример на умереност, самоодрекување и самопожртвуваност. Тогаш тие би биле светлина на светот“. – Големата борба, 475.

б. Како управители во последните денови, какви ставови треба да избегнуваме – или, од друга страна, да усвоиме? Исаија 58:2-4,10-12; Изреки 21:3.

„Во нашата работа ќе откриеме дека високото ниво на побожност и многу надворешна точност се поврзани со големо внатрешно зло. Луѓето претставени во Исаија 58 се жалат дека Господ не обрнува внимание на нивните служби. Таквото жалење доаѓа од срца кои не се потчинети од благодатта, кои се бунтуваат против вистината“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 4, pp. 1148, 1149.

„Многумина добиваат аплауз за доблести што не ги поседуваат. Оној што ги испитува срцата ги мери мотивите, и честопати делата што предизвикуваат одобрување на луѓето се евидентирани од Него дека се предизвикани од себичност и лицемерие. Секој чин во нашиот живот, без разлика дали е одличен и достоен за пофалба или заслужува укор, Оној што ги испитува срцата го оценува според мотивите што го поттикнале да го направи тоа“. – Gospel Workers, p. 275.


Четврток 1. септември

5. СЛЕДЕТЕ ГО ХРИСТА ВО САМООДРЕКУВАЊЕТО

а. Кое е основното начело за вистинската христијанска служба? Дела 20:35.

„Постои дело кое мора да го извршиме во нашите градови и на секое место. Господ ќе подигне луѓе од плугот, од трлото, од лозјето и ќе ги стави на местото на оние кои мислат дека треба да имаат најголема плата. Оние кои бараат високи плати, во парите што ги добиваат ќе ја најдат единствената награда што некогаш ќе ја добијат. Од таквите луѓе не може да се очекува да го почувствуваат товарот за спасувањето на изгубените души. Господ не може да користи такви луѓе во Своето дело. Сè додека не ја избркаат себичноста од нивните срца, нивните напори се безвредни“. – The Review and Herald, December 15, 1904.

„Небесните суштества можат да соработуваат со оној што копнее да ги спаси душите, а не да се издигнува себеси“. – Копнежот на вековите, 436.

б. Што треба да го инспирира христијанскиот управител со чиста, нова мотивација за служба? 2 Коринтјаните 8:8,9.

„Исус го напуштил Својот славен дом, ја облекол Својата божественост со човечка природа и дошол во свет извалкан и загаден од проклетството на гревот. Тој можел да остане во Својот небесен дом и да го прими обожавањето на ангелите; но Тој дошол на земјата да ги бара и спаси изгубените, луѓе кои пропаѓаат. ‘Тој, иако богат, осиромаши заради вас, да се збогатите и вие преку Неговата сиромаштија’ (2 Коринтјаните 8:9). Тој, Небесното Величество, кој бил едно со Отецот, се одрекол од Себеси, жртвувал сè што имал, за човекот да не загине, туку да има вечен живот. Христос не живеел за да си угодува на самиот себеси. Ако Тој си угодувал, каде ќе бевме ние денес?“ – The Review and Herald, December 23, 1890.


Петок 2. септември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како јас можам да бидам виновен за недолично однесување?

2. Што можеме да научиме за љубовта од Христос и Неговите следбеници?

3. Како треба да се открие во нас живата љубов кон Христа?

4. Зошто секогаш мораме да ги испитаме сопствените приоритети и мотиви?

5. Што треба да правиме за да го унапредиме Божјото дело уште поревносно?

 <<    >>