Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од книгата Делата на апостолите (1)

 <<    >> 
9. лекција Сабота, 29. мај 2021

Напред кон Самарија

„Филип побрза, и, откако чу дека тој го чита пророк Исаија, му рече: ‘Го разбираш ли тоа што го читаш?’” (Дела 8:30).

„Ова искуство на Филип и на Етиопјанинот ни покажува на какво дело Бог го повикува Својот народ. Етиопјанинот ги претставува оној голем број на луѓе на кои им се потребни мисионери слични на Филип, мисионери кои ќе го слушаат Божјиот глас и ќе одат таму каде што Тој ги праќа. Во светот има луѓе кои го читаат Светото Писмо, но не можат да го разберат неговото значење. Потребни се мажи и жени кои го познаваат Бога за на овие луѓе да им го објаснат Божјото слово”. – 8. Сведоштво, 58.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Делата на апостолите, 101-111. 

Недела 23. мај

1. ПОГРЕШНО НАСОЧЕН БЕС

а. Со какви неволји се соочила црквата по каменувањето на Стефан и кој бил главната причина за тоа? Дела 8:1-3; 26:9-11.

„За време на судењето и смртта на Стефана, Савле како да бил проникнат со избезумена ревност. Подоцна се лутел са¬миот на себе што дозволил тајно да се осведочи оти Бог го прославил Стефана токму во мигот кога луѓето му нанесувале најтежок срам. Савле продолжил да ја прогонува Божјата црква, прогонувајќи ги нејзините верници, фаќајќи ги во нивните домови и предавајќи им ги на свештениците и старешините да ги фрлат во затвор и да ги осудуваат на смрт. Неговата фанатична ревност во тоа прогонување им задавала страв и трепет на христијаните во Ерусалим. Римските власти не презеле ни¬какви посебни мерки за да му застанат на патот на тоа свирепо дело и тајно им помагале на Евреите за да ја задобијат нивната наклоност.

По смртта на Стефана, во знак на признание за уделот што го имал во тоа, Савле бил избран за член на Синедрионот. Из¬весно време бил силно оружје во рацете на сатаната, во неговата бунтовничка борба против Божјиот Син”. – Делата на апостолите, 101,102.


Понеделник 24. мај

2. КОГА СМЕ СООЧЕНИ СО ПРОГОНСТВО

а. Како одговор на жестокото прогонство, што сторила црквата, и што треба да научиме од ова денес? Дела 8:4; Матеј 10:21-23.

„’Моите саботи треба да ги пазите’, кажува Господ, ‘зашто саботата е знак меѓу Мене и вас од поколение до поколение’ (Излез 31:13). Никој не би смеел да се одрече од покорноста на Неговите заповеди за да го избегне прогонството. Но сите треба да ги имаат на ум Христовите зборови: ‘Ако ве падат од еден град, бегајте во друг’ (Матеј 10:23). Ако можете да се засолните, Немојте да дозволите да паднете во рацете на луѓе кои се обземени со Духот на антихристот. Треба да се направи сè што е во наша можност оние кои се подготвени да страдаат заради вистината да се спасат од прогонство и свирепост.

Христос е наш пример. Антихристот уште на небото се одлучил на бунт и тоа дело тој го продолжува и на земјата во синовите на непокорноста. Нивната завист и омраза кон тие што се покоруваат на четвртата заповед, ќе биде сè посилна и погорчлива. Но Божјиот народ не смее да го крие своето знаме. Тој не смее да ги заборави Божјите заповеди ниту да се поведува по мноштвото на зло, само за да живее полесно...

Но Бог ќе се одрече од секој што ќе се одрече од Него, за да го спаси својот живот. Во настојувањето да го спасат својот живот таквите ќе се одречат од вистината и со тоа ќе го изгубат вечниот живот”. – 9. Сведоштво, 230.

б. Кој вечен принцип ќе биде на сила до крајот на времето? Проповедник 11:1,2.

„Сè додека на светот мора да му се дава веста на милост, ќе биде потребно да им се помага и на другите установи на сличен начин како и на нашите училишта. Додека трае времето на милост (проба) ќе се пружаат и прилики за колпортерска работа. Кога разните вероисповеди ќе се соединат со папството поради прогонство на Божјиот народ, евангелската колпортажа ќе отвори места во кои ќе постои верска слобода. Ако во некое место прогонствата станат толку жестоки, работниците треба да постапат според Христовото упатство: ‘Ако ве бркаат од еден град, бегајте во друг’ (Матеј 10:23). Ако и тука ве прогонуваат, одете на трето место. Бог ќе го води Својот народ и ќе направи Тој да биде на благослов за многу места. Ако нема прогонства, тие не би биле толку широко распространети да ја објавуваат вистината... Сè додека на небото не бидат изговорени зборовите: ‘Се сврши’, секогаш ќе има места за работа и срца за примање на веста”. – 6. Сведоштво, 478.


Вторник 25. мај

3. НОВО СИГУРНО ЗАСОЛНИШТЕ

а. Каде отишол Филип како мисионер, и со какви резултати? Дела 8:5-8. Што ни открива ова за душите кои навидум се наоѓаат на безнадежни места?

„Спасителовата лична посета на Самарија и подоцна пофалбата на добриот Самарјанин, како и благодарната радост на лепрозниот Самарјанин, кој единствен од десетмината се вратил да му се заблагодари на Христа, имале големо значење за учениците. Таа поука длабоко се врежала во нивните срца. Укажувајќи им на нивната должност непосредно пред Своето вознесение, Исус заедно со Ерусалим и Јудеја ја споменал и Самарија, како места во кои тие најпрво треба да го проповедаат евангелието. Неговото учење ги подготвило да ја исполнат таа должност. Кога во име на својот Учител заминале во Самарија, виделе дека народот е подготвен да ги прими. Самарјаните слушнале за Христовите пофални зборови и за Неговите милосрдни дела кон припадниците на нивниот народ. Иако грубо се однесувале кон Него, се увериле дека Неговите мисли се исполнети со љубов кон нив и нивните срца биле придобиени. По вознесението на Спасителот, тие срдечно ги пречекале Неговите гласници и учениците собрале драгоцена жетва меѓу оние кои некогаш биле нивни најогорчени непријатели”. – Копнежот на вековите, 488.

„И кога неговите ученици биле протерани од Ерусалим, некои од нив во Самарија нашле сигурно прибежиште”. – Делата на апостолите, 106,107.

б. Раскажете ја историјата на едно необично крштевање таму. Дела 8:9-13.

„Луѓето опседнати од демони обично изгледаат како луѓе што многу страдаат; но има и исклучоци од ова правило. За да добијат натприродна моќ, некои доброволно се предаваат на влијанието на сатаната. Се разбира, тие немаат конфликт со демоните. Во оваа категорија спаѓале оние што имале дух на гатање - Симон гаталецот, Елима и девојката која ги следела Павле и Сила во Филипи“. – Големата борба, 516.

в. Зошто помошта на Петар и Јован била толку важна сега? Дела 8:14-17.

„(Дела 8:14) Божјиот Дух чекал да ги просветли душите и да ги обрати кон вистината“. – 8. Сведоштво, 57.


Среда 26. мај

4. МАНИПУЛАТИВНИ ЗАБЛУДИ

а. Како бил откриен маскираниот дух на Симон волшебникот, до тогаш крстен член на црквата - и како сме предупредени за ваков вид на окултен спиритизам што го злоупотребува името на Христос? Дела 8:18-24; Откровение 16:13,14.

„(Откровение 16:13,14). Со исклучок на оние што ќе ги сочува Божјата сила со вера во Неговото слово, во оваа измама ќе биде вовлечен цел свет. Народот, успиен во кобна сигурност, ќе се разбуди дури тогаш кога врз него ќе почне да се излева Божјиот гнев“. – Големата борба, 562.

„Наскоро на небото ќе се видат страшни појави со натприроден карактер, како знак на моќта на демоните кои прават чуда. Духовите ѓаволски ќе одат кај земните цареви по целиот свет да ги измамат и да ги поттикнат да се здружат со сатаната во неговата последна битка против небесното владеење. Така со помош на овие орудија, владетелите и нивните поданици ќе бидат измамени. Ќе се појават луѓе кои ќе се преправаат дека се Христос и ќе бараат чест и обожавање што му припаѓаат само на Спасителот на светот. Тие ќе извршат чудесни исцелувања и ќе тврдат дека од небото добиле откровенија кои се во спротивност со сведоштвата на Светото Писмо.

Како круна во големата драма на измама, самиот сатаната ќе се прикаже како Христос. Црквата долго тврдела дека го чека доаѓањето на Спасителот како исполнување на нејзините надежи. Сега големиот измамник ќе создаде впечаток дека Христос веќе дошол. Во различни делови на светот, сатаната ќе се појави меѓу луѓето како величествено суштество со заслепувачки сјај, слично на описот на Божјиот Син во Јовановото Откровение (Откровение 1:13-15). Славата што ќе го опкружува ќе го надмине сето она што некогаш виделе смртните очи... Со благ и чувствителен тон ќе изнесува некои прекрасни небесни вистини што ги изговорил Спасителот. Ќе лекува болести кај народот, а потоа, имитирајќи го Христовиот карактер, ќе тврди дека саботата ја променил во недела и на сите ќе им заповеда да го празнуваат денот кој Тој го благословил. Ќе каже дека оние кои упорно го празнуваат седмиот ден, го обесчестуваат неговото име, зашто одбиваат да ги слушаат неговите ангели што ги пратил кај нив со светлина и вистина. Ова ќе биде силна, речиси неодолива измама. Како и Самарјаните, кои биле измамени од Симон вражарот, народот, од најмалиот до најголемиот, ќе поверува во оваа магиска измама, велејќи: ‘Овој е голема Божја сила’ (Дела 8:10)“. – Големата борба, 624,625.


Четврток 27. мај

5. ПРИМЕР ЗА НАС

а. Зошто можеме да бидеме мотивирани од начинот на кој Светиот Дух го водел Филипа кон една искрена душа, во потребата за одговори кои тој можел да и ги даде? Дела 8:26-31,35.

„Кога Бог му укажал на Филипа на неговата задача, ученикот не рекол: ‘Господ не го мисли тоа’. Не, тој ‘стана и си замина’. Тој ја научил лекцијата за усогласеност со Божјата волја. Сфатил дека секоја душа е драгоцена во Божји очи, и дека ангелите се испратени да ги доведат оние што ја бараат светлината, во контакт со оние што можат да им помогнат...

Светиот Дух ќе ги води и насочува оние кои се подготвени да одат таму каде што Бог ќе ги повика и да ги кажат зборовите што Тој им ги дава...

Иако можеби сте слаби, заблудени и грешни, Господ ви нуди да соработувате со Него. Тој ве поканува да ги прифатите божествените упатства. Соединети со Христос можете да ги правите Божјите дела. ‘Без мене’, вели Христос, ‘не можете да направите ништо’. Преку пророкот Исаија, ни беше дадено ветување: ‘Твојата правда ќе тргне пред тебе и славата Господова ќе те придружува’.

Проучете го ова ветување, вие членови на црквата на живиот Бог, и размислете како вашиот недостаток на вера, духовност и божествена моќ го попречува доаѓањето на Божјото царство. Ако тргнете да го извршите Божјото дело, Божјите ангели ќе ви го отворат патот, подготвувајќи ги срцата да го примат евангелието. Ако секој од вас беше жив мисионер, пораката за ова време брзо ќе се објавеше во сите земји, на секој народ, нација и јазик. Ова е работата што мора да се изврши пред Христос да дојде во сила и голема слава. Ја поканувам црквата да се моли искрено, за да ги разберете своите одговорности. Дали секој од вас лично соработува со Бога? Ако не, зошто не? Кога мислите да ја извршите работата назначена од небото“. – The Review and Herald, March 2, 1911.


Петок 28. мај

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што понекогаш се случува кога некое лице ќе ја одбие светлината испратена од небото?

2. Ако се соочувам со тешкотии на одредено место, што можеби Бог се обидува да ми каже?

3. Каде има блиску до мене „Самарија“, која можеби е отворена за вистината?

4. На кои начини непријателот на душите ќе го користи спиритизмот за да ги зароби луѓето?

5. Како да барам можности, какви што Бог му дал на Филип?

 <<    >>