Back to top

Sabbath Bible Lessons

Воспитување на последната генерација

 <<    >> 
9. лекција Сабота, 31. август 2019

Црквата и нејзината младина

„Добро е за човекот да го носи јаремот свој во младоста своја.“ – Плачот на Еремија 3:27.

„Бог ги повикува младите да стапат во Негова служба. Младите се пристапни, свежи, енергични, полни надеж. Кога еднаш ќе го вкусат духот на пожртвуваноста, нема да бидат задоволни ако постојано не учат од Големиот Учител.“ – Our High Calling, p. 306.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Порака до младите христијани, 118-120. 

Недела 25. август

1. НАШАТА ПРВА ДОЛЖНОСТ

а. Кого го пофалил Исус како пример за понизна вера? Матеј 18:1-6.

б. Што побарал Исус од еден од своите најревносни ученици? Јован 21:15-17.

„Прва работа што Христос му ја доверил на Петар била да ги пасе јагнињата. Тоа била работа за која Петар имал малку искуство. Таа должност бара многу грижа и нежност, многу трпение и истрајност. Бил повикан да им служи на оние кои се млади во верата, да ги поучува неупатените, да ги отвора пред нив Светите Списи и да ги подготвува за корисни работници во служба за Христа. До тој период Петар.“ – Копнежот на вековите, 812.

„Иако Петар се откажал од својот Учител, љубовта со која Исус се однесувал кон него никогаш не се поколебала. Таква, токму таква љубов треба да чувствува секој потпастир кон овците и јагнињата доверени на негова грижа. Сеќавајќи се на своите слабости и пропусти, Петар требало да постапува нежно со своето стадо, исто толку нежно, како што Христос постапувал кон него.“ – Копнежот на вековите, 815.

в. Со кое силно прашање ќе се соочат родителите, учителите и црковните водачи во денешно време? Еремија 13:20.


Понеделник 26. август

2. НАЈВОЗВИШЕНО ДЕЛО

а. Кое е најголемото мисионерско дело кое може да биде направено? Марко 10:13,14,16.

„Големото дело на вистината изгубило многу и сѐ уште губи поради тоа што не им се обрнува доволно внимание на духовните потреби на младите. Проповедниците на евангелието треба да формираат пријатни средби со младите на нивните состаноци...

„Зошто да не го сметаме залагањето за младите во нашите редови како мисионерство од најголем ранг? Таквата работа бара голема тактичност, највнимателна постапка и најискрена молитва за небесна мудрост. Младите се мета на посебни напади на сатаната, но наклонетоста, учтивоста – карактеристиките кои доаѓаат од срце кое е преполно со Христовата љубов – ќе ја стекнат нивната доверба и ќе ги сочуваат од многу земни непријатели.“ – Слуги на евангелието, 188.

„Членовите на црквата се должни на прво место да им обрнат внимание и да пројават интерес за нашите деца и младина, бидејќи нив им е потребно љубезно, нежно и внимателно поучување: ‘заповед по заповед’, ‘правило по правило’. О, каде се татковците и мајките Израелеви? Треба да има многу повеќе од оние кои, како претставници на Христовата милост и благодат, кои постојано би покажувале интерес за младите, а не само повремено и површно. Неопходни се луѓе кои се трогнати од жалната ситуација во која се наоѓа нашата младина, луѓе кои сфаќаат дека сатаната со сите можни лукавства настојува да ги намами и да ги вовлече во својата мрежа.“ – Совети за родителите, учителите и студентите, 31,32.

„За нас нема ништо поголемо и позначајно од воспитувањето и образованието на нашите деца и младината. Заедницата треба да се пробуди и најсериозно да се заинтересира за ова, бидејќи сатаната и неговите војски се поодлучни од било кога и се залагаат да ги вбројат младите под своето црно знаме, знаме кое води во пропаст и смрт.“ – Совети за родителите, учителите и студентите, 135.

б. На кој начин Исус ја покажал вредноста на децата? Матеј 18:2-4.

„ Повикувајќи кај Себе едно дете, Исус го ставил меѓу нив, а потоа, земајќи го детето нежно во Својата прегратка, рекол:„Ако не се обратите и не станете како малечки деца, нема да влезете во царството небесно.“ Едноставноста, несебичноста и детската љубов исполнета со доверба тоа се особини кои Небото ги цени. Тоа се карактеристиките на вистинската големина.“ – Копнежот на вековите, 424.


Вторник 27. август

3. КАКО ГИ ХРАНИТЕ ЈАГНИЊАТА

а. На што треба да се поучат децата? Псалм 34:11. Како треба да се направи тоа?

„Образованието на најмладите треба да се довери на особено надарени луѓе. Многумина можат да ги подигнат јаслите и да им дадат храна на овците, но многу потешко е да се спуштат јаслите ниско и да се хранат јагнињата.“ – 6. Сведоштво, 205.

„Дозволете ми да кажам дека оние што немаат свои деца обично не се најсоодветни мудро да управуваат со различните умови на децата и младите. Тие се наклонети да управуваат со непроменлив закон, и не прават никаков исклучок. Учителите секогаш мора да имаат на ум дека некогаш и самите биле деца. Тие мораат да ги прилагодат своите поуки на духот на децата и да ги придобијат нивните симпатии.“ – 5. Сведоштво, 653.

б. Какво духовно искуство треба да имаат учителите, и како треба да ги воспитуваат децата? Повторени закони 11:18-21.

„Обраќајќи му се на апостолот, Исус им зборува на сите негови слуги: ‘Пасете ги моите јагниња!’ Кога Исус им се обратил на своите ученици да не ги презираат малите деца, им се обратил на сите свои ученици во сите векови. Неговата љубов и грижа кон децата претставуваат драгоцен пример за Неговите следбеници. Кога учителите во саботната школа би ја почувствувале љубовта која би требало да ја чувствуваат кон јагнињата во стадото, многумина од нив би биле покренати да влезат во Христовиот табор. Во секоја соодветна ситуација, повторувајте им ја на децата приказната за Христовата љубов. Во секоја проповед мал дел нека им се посвети за нивно добро. Христовиот слуга може да стекне трајни пријателства помеѓу овие мали деца, а неговите зборови можат да им бидат како златни јаболка во сребрени садови.“ – Counsels on Sabbath School Work, p. 76.

„Управувањето и поучувањето на децата е најблагородно мисионерско дело кое мажите и жените можат да го вршат. Со правилно користење на предмети, поуките можат да се направат толку јасни, така што детскиот дух од природата ќе се издигне кон Богот на природата. Ние во нашите училишта мораме да имаме такви кои поседуваат способности и вештина да ја остварат оваа задача, сеејќи го на тој начин семето на вистината.“ – 6. Сведоштво, 205.

в. Какви ќе бидат резултатите од верноста во воспитувањето? Изреки 22:6; Јоил 1:3.


Среда 28. август

4. ХРИСТИЈАНСКОТО ВОСПИТУВАЊЕ Е ПРИОРИТЕТ

а. Кое било Исусовото дело? На кој начин тоа е дело и на Црквата? Исаија 40:11.

„На младите им е потребно нешто повеќе од неколку збора на охрабрување. За нив треба да се залагаме искрено, внимателно и со многу молитва. До срцата на оние момци и девојки кои изгледаат рамнодушно и безгрижно можат да допрат само оние чии срца се исполнети со љубов и сочувство. Не може на сите да им се помогне на ист начин. Бог со секој поединец постапува соодветно со неговиот темперамент и карактер, и ние мораме во тој поглед да соработуваме со Него. Судејќи според надворешниот изглед, ние често проаѓаме рамнодушно покрај душите кои во себе носат најдобри способности да бидат Христови гласници и да се оддолжат за сите напори направени за нив. Мора внимателно да се проучи начинот на однесување кон младите. Затоа е потребно искрено да се молиме на Бога за да ни даде мудрост.“ – Слуги на евангелието, 188, 189.

б. Од што треба да се раководиме во нашите школи за воспитување на младите? Изреки 9:10.

„Крајно време е оние кои ја празнуваат саботата да ги одвојат своите деца од друштвото на овој свет, за да ги доверат на најдобрите учители на кои Библијата им е темел за сета настава.“ – 6. Сведоштво, 109.

„Учители треба да бидат оние кои се вистински христијани, кои како посветени мисионери, ќе ги воспитуваат децата на тој начин што ќе ги наведат да станат мисионери.“ – Совети за родителите, учителите и студентите, 143.

„Многу семејства, кои поради школување на своите деца се преселуваат во места во кои се основани нашите големи училишта, подобро би служеле на Господа кога би останале таму каде што се. Тие треба да ја поттикнат црквата чии членови се, да основаат едно црковно училиште за децата од околината, кое би им пружило едно сестрано, практично христијанско образование. За нивните деца, за нив самите и за Божјото дело би било многу подобро да останат во помалите цркви на кои им е потребна нивната помош, отколку да доаѓаат во поголемите цркви, каде не се потребни и поради што им се заканува опасност да паднат во духовно мртвило.“ – 6. Сведоштво, 198.

„Господ сака школите во Црквата да им бидат од помош на родителите при воспитувањето на децата за она тешко време кое е пред нас. Затоа Заедницата нека ја сфати сериозно работата на овие школи, и нека ги направи она што Бог сака тие да бидат.“ – Совети за родителите, учителите и студентите, 136.


Четврток 29. август

5. МЛАДИТЕ ВО СЛУЖБА

а. Каква цел треба да имаат нашите школи за секоја млада душа? Исаија 54:13; 3. Јован 3:4.

„Бог ги поставил нашите црковни училишта да ги подготвуваат децата за оваа голема задача. Децата во нив треба да се поучат на посебните вистини за ова време и на практичната мисионерска работа. Тие треба да стапат во војската на работници кои им помагаат на болните и настраданите. Децата можат да учествуваат во здравствено мисионерската работа и со својата мала помош, можат да придонесат за напредокот на Божјото дело. Нивните прилози можат да бидат мали, но секој мал износ е од помош и преку нивните напори многу души ќе бидат придобиени за вистината. Преку нив сите народи ќе ја запознаат Божјата вест и Неговата исцелувачка сила. Затоа црквата треба да го понесе товарот на одговорност за јагнињата на Христовото стадо. Децата треба да се образуваат и обучат да вршат служба за Бога, зашто тие се Негово наследство.“ – 6. Сведоштво, 203.

б. Зошто треба младите рано да бидат вклучени во служба за Бога? Проповедник 12:1; Плачот на Еремија 3:27.

„Потребни ни се млади мажи и жени кои, имајќи високо умно образование, се способни да го вршат најдоброто дело за Господа. Ние сме направиле нешто за да дојдеме до оваа цел, но уште сме далеку од она што Господ сака да го постигнеме. Како црква, и како поединци, ако сакаме да стоиме чисти на судот мораме да вложуваме повеќе великодушни напори за обучување на нашите млади, за да можат тие да се оспособат за разни гранки на големото дело кое ни е доверено...

„Некои би се задоволиле со темелно образување на само неколку млади луѓе кои најмногу ветуваат; но на сите ним им е потребно образование кое би ги направило корисни во животот и би ги оспособило да примат одговорности во приватниот и во јавниот живот. “ – 6. Сведоштво, 206,207.


Петок 30. август

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што значи да ги храниме јагнињата во стадото?

2. Зошто најважното мисионерско дело често е занемарено?

3. На кој начин можеме да станеме подобри во грижата за нашите деца и младината?

4. Каква улога имаат школите во нашата Црква во воспитното дело на црквата?

5. Во кои ситуации јас можам да помогнам во воспитувањето на младите во мојата локална црква?

 <<    >>