Недела
28. јули
1. РАНИОТ ИСУСОВ ЖИВОТ
а. Како Библијата го опишува раниот Исусов живот? Лука 3:40,52.
„Оној кој дошол од небото да биде наш пример и учител, поминал триесет години како член на едно домаќинство во Назарет. Библискиот извештај за овие години е многу сиромашен. Никакви моќни чуда не го привлекувале вниманието на мноштвото. Никаква желна толпа не ги следела Неговите стапки и не ги слушала Неговите зборови. А сепак, во текот на сите тие години Тој ја исполнувал Божјата мисија. Живеел како еден од нас, споделувајќи го домашниот живот, покорувајќи се на неговите правила, извршувајќи ги домашните обврски, носејќи ги неговите товари.“ – Здравје и среќа, 349.
б. На кој начин Христовиот скромен повик како дрводелец е пример за секоја млада личност? Матеј 13:54-56.
„(Исусовиот) живот во семејството е совршен пример за сите деца и млади. Спасителот ја прифатил сиромаштијата за да ни покаже колку ние во скромни животни услови можеме да одиме блиску со Бога. Тој живеел за да Му угоди, даде почит и да Го прослави Својот Татко во секојдневниот живот. Тој го започнал Своето дело, така што се посветил на скромната работа на обичните занаетчии, кои работат за својот секојдневен леб.“ – Копнежот на вековите, 74.
Понеделник
29. јули
2. ВОСПИТУВАЊЕТО НА ИСУС И НА ЈОВАН КРСТИТЕЛ
а. На што се однесувало прашањето кое било поставено во поглед на Исусовото образование? Јован 7:15.
„Прашањето што било поставено за време на службата на Спасителот: „Како Овој ги познава Писмата, кога не ги учел?“; не укажува на тоа дека Исус не знаел да чита, туку дека не бил поучуван од рабините. (Јован 7:15) Исус стекнал знаење, онака како што можеме да стекнеме и ние; Неговото темелно познавање на Светото Писмо покажува како во своите рани години вредно ја проучувал Божјата Реч.“ – Копнежот на вековите, 70.
„Тој своето воспитување го добил на изворите одредени од Небото, од полезната работа, проучувањето на Писмото, од природата и од животното искуство – со еден збор. Божјите учебници, кои се преполни со упатства за сите кои кон нив доброволно подаваат рака, отворени очи и срце што разбира.“ – Здравје и среќа, 400.
б. Зошто ниту Исус ниту Јован Крстител не посетувале училишта кои биле актуелни во нивното време? Матеј 15:9.
„Нашиот Спасител на никого не му препорачувал да ги посетува тогашните рабински училишта, бидејќи таму умот се расипувал со постојано повторување на „тие велат“ и „кажано е“. Зошто тогаш и ние непостојаните зборови на луѓето да ги прифатиме како возвишена мудрост, кога на располагање ни стои поголема и вистинска мудрост?“ – 8. Сведоштво, 335.
„Се сметало дека верски учител не може да биде некој кој не учел во рабинските школи, а и Исус и Јован Крстителот биле прикажани како неуки, бидејќи не примиле такво образование.“ – Копнежот на вековите, 453.
в. Каков пример оставил Јован Крстител со проповедањето и со својот начин на живот? Матеј 3:1-4.
„(Јован) одлучил да се откаже од уживањето и раскошот и да ја прифати суровата дисциплина на пустината. Тука, околината била поволна за привикнување кон едноставност и самооткажување. Непопречуван од вревата на светот, тој можел да ги проучува поуките од природата, од откровенијата и Провидението.“ – Копнежот на вековите, 101.
Вторник
30. јули
3. НАЈГОЛЕМ УЧИТЕЛ
а. Какви биле резултатите од големата Исусова проповед на Гората? Матеј 7:28,29.
„Исус не се вовлекувал во разните прашања што создавале раздор меѓу Евреите. Неговото дело било насочено кон тоа да ја изнесува вистината. Неговите зборови фрлале силна светлина врз учењата на патријарсите и пророците, и Светото Писмо за луѓето изгледало како ново откровение. Никогаш дотогаш Неговите слушатели не согледале таква длабочина на значењето на Божјата Реч.“– Копнежот на вековите, 253.
„ На сите можни начини Христос се трудел да ја обелодени вистината. Тој дошол да го отстрани превезот што го навлекол гревот врз лицето на природата, да ја изнесе на виделина духовната слава што морале да ја одразуваат сите создадени дела.“– Христовите поуки, 18,19.
б. Какво влијание имале Исусовите методи на поучување врз учениците? Дела 4:13.
„Три и пол години учениците примале поуки од најголемиот Учител што светот го има познавано. Христос преку личен контакт и дружење ги спремал за оваа служба. Тие секојдневно пешачеле и разговарале заедно со Него, слушајќи ги зборовите кои ги упатувал за да ги охрабри уморните и тешко натоварените, и набљудувајќи ги доказите на Неговата моќ при лекувањето на болните и несреќните. Понекогаш ги учел, едноставно седејќи помеѓу нив на падината, а некогаш од рибарскиот чамец на морскиот брег или одејќи по пат, им ги откривал тајните на Божјото царство. Онаму каде што срцата биле отворени да ја примат божествената порака, Тој ја излагал вистината за патот на спасението. Никогаш на своите ученици не им наредувал да го прават ова или она, туку едноставно би им рекол: 'Следете ме.' Ги водел со себе на своите патувања низ селата и градовите за да видат како Тој го поучува народот... Го виделе во сите животни ситуации и околности.“ – Делата на апостолите, 11,12.
„Кога испратил дванаесетмина, а подоцна и седуммина, да го објават Божјото царство, ги задолжил да им го пренесат на другите она со кое Тој ги запознал. Во целокупното свое дело Тој ги припремил за лична работа која морала сѐ повеќе да се проширува доколку се зголемува бројот на нивните членови, така да на крајот да достигне и до најоддалечените краеви на светот.“ – Делата на апостолите, 23.
Среда
31. јули
4. ИСУСОВИТЕ МЕТОДИ НА ПОУЧУВАЊЕ
а. Каде Исус најчесто ги поучувал своите слушатели? Матеј 5:1,2. На кој начин Тој ја искористил околината и познатите работи?
„Исус барал пристап до секое срце. Служејќи се со најразлични слики, Тој не само што ја претставил вистината во нејзините различни варијанти, туку се обраќал и на различни слушатели. Нивното внимание го привлекувал со слики и примери од нивниот секојдневен живот.
„Преку делата што ги создал Бог, Тој ја издигнувал божествената мудрост и неговата бесконечна добрина. Со помош на природата и искуствата од животот луѓето ги учел за Бога.“ – Христовите поуки, 21,22.
„Исус му зборувал на народот, поуките му биле интересни, а вниманието на своите слушатели го задржувал со чести примери од природата.“ – Мисли од гората на Блаженствата, 38.
„Господ ги приготвувал Израелците за свои посебни претставници така што им дал домови на ритчиња и во долини. Во својот домашен живот и во верската служба тие постојано биле во допир со природата и со Божјата реч. Така и Христос ги учел своите ученици покрај езерото, на падините на ритчињата, во полињата и кориите, на места на кои можат да се видат природните појави со кои ги илустрирал своите учења. И додека учеле од него, тие го применувале знаењето со кое се здобиле помагајќи му во неговата работа.“ – Христовите поуки, 23.
б. Со која особена техника на поучување се служел Исус? Матеј 13:34,35.
„Христос поучувал со помош на параболи или споредби земени од обичниот живот. Тоа начело го раководело во текот на целата негова мисија на светот. За да ни помогне да се запознаеме со неговиот карактер и со неговиот живот, Тој зел наша човечка природа и живеел меѓу нас. Божественото се открило во човечкото невидливата слава во видлива човечка форма. За непознатото луѓето можеле да учат од познатото; небесните нешта се откривале преку земните; Бог се манифестирал во човечка лика. Таков бил Исусовиот начин на поучување; непознатото било насликано со познатото, божествените вистини со земни поими со кои луѓето биле добро запознаени.
„Земното е прикажувано со духовното; појавите во природата и животните искуства на неговите слушатели се поврзувани со вистините на пишаната Реч.“ – Христовите поуки, 17.
Четврток
1. август
5. ИСУС СЕ СЛУЖИ СО ПИСМОТО
а. На кој начин Исус одлучил да просветли двајца ученици на патот за Емаус? Лука 24:25-27.
„Почнувајќи од Мојсеј, самиот почеток на библиската историја Христос од целото Писмо го изложувал она што се однесувало на Него. Кога веднаш би им се открил, нивните срца би биле задоволни. Во својата голема радост тие не би гладувале за ништо повеќе. Меѓутоа, било потребно да го сфатат сведоштвото дадено за Него преку симболи и пророштва од Стариот завет. На тоа мора да се заснова нивната вера. Исус не направил никакво чудо за да ги увери, туку Негово прво дело било да им го објасни Писмото. Во Неговата смрт тие гледале уништување на сите свои надежи. Сега врз основа на пророците им покажал дека токму тоа било најголем доказ за нивната вера.“ – Копнежот на вековите, 796-799.
б. Како Исус постојано им го насочувал вниманието на слушателите кон Светото Писмо? Јован 5:39; 17:17; Лука 16:31.
„Христос како учител на вистината се однесувал наполно спротивно од рабините на своето време. Тие се занимавале со традициите, со човечки теории и шпекулации со кои често ја заменувале Речта. Наместо напишаното во Речта, тие го истакнувале она што го кажале и што го напишале луѓето за Речта. Нивното. учење немало сила да ја оживее душата. Тема на Христовото учење и проповедање била Божјата Реч. Тој на сомничавите секогаш им одговарал: „Пишано е!“ „Што кажува Писмото?“ „Како читаш?“ – Христовите поуки, 38,39.
Петок
2. август
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. На кој начин најголемиот Учител на светот ги поминал раните години од својот живот на оваа земја?
2. Дали Исус и Јован Крстител би ги пофалиле денешните школи? Објасни.
3. По што се разликувало Христовото учење од популарните учења во Негово време?
4. Опиши некои од Исусовите методи на поучување и презентирање на вистината.
5. Зошто било неопходно Исус да ја утврди верата на учениците во Божјото Слово?