Back to top

Sabbath Bible Lessons

Воспитување на последната генерација

 <<    >> 
3. лекција Сабота, 20. јули 2019

Првобитниот образец на воспитувањето

„ И го зеде Господ Бог човекот, го насели во Едемската градина, за да ја обработува и да ја чува.“ – Создавање, 2:15.

„Системот на воспитување воспоставен на почетокот на светот бил одреден да им служи како пример на сите луѓе во иднина. За да се прикажат начелата на тој систем, во Едем, домот на нашите прародители, била основана школа која требало да послужи како пример. Едемската градина била училница, природата била учебник, самиот Творец бил учител, а родителите на човечкиот род биле ученици.“ – Воспитување, 20.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Воспитување, 20-22. 
 

Недела 14. јули

1. ДОМ

а. Какво било уредувањето на првиот дом и на семејството? Создавање 2:8; 1:28.

„Едем како дом на нашите прародители требало да биде мостра за сите други домови на нивните потомци кога ќе се рашират населувајќи ја земјата. Тој дом, украсен со раката на Творецот, не бил некоја раскошна палата. Луѓето во својата гордост уживаат во величествени и скапоцени градби и се восхитуваат со делата на своите раце. Меѓутоа, првиот човек Бог го настанил во градина. Тоа бил негов дом, негов стан. Синото небо му било покрив во вид на купола, а земјата, прекриена со нежно цвеќе и со наметка од живо. зеленило, претставувала под; заштита над главата сочинувале лисните гранки на прекрасните дрвја, а ѕидовите на неговото живеалиште биле прекриени со највеличествен украс со делата на рацете на големиот Уметник. Сѐ што ја опкружувало светата брачна двојка претставувало наука за сите времиња дека вистинската среќа не лежи во задоволувањето на гордоста, во изобилството и раскошот, туку во одржувањето на заедница со Бога преку неговите совршено создадени дела. Кога луѓето помалку внимание би им обрнувале на вештачките творби, а повеќе би негувале едноставност, многу повеќе би одговарале на онаа цел што ја имал Бог кога го создал човекот.“ – Патријарси и пророци, 49.


Понеделник 15. јули

2. РАЈСКАТА ГРАДИНА

а. Со што се занимавале нашите прародители во едемската градина? Создавање 2:15. Зошто е тоа толку важно за нас денес?

„Семејствата и институциите треба да научат нешто повеќе за обработувањето на земјата и за подобрување на плодноста на земјиштето. Само кога би ја знаеле вредноста на производите кои ги раѓа земјата во одредено годишно време, тогаш луѓето би вложиле малку повеќе труд и напор во обработката на земјата. Сите би требало да се запознаат со особената вредност на свежото овошје и зеленчук од овоштарниците и градините.“ – Совети за животот и исхраната, 312.

„Подобро од било кое богатство што можете да им го оставите на своите деца ќе биде здравото тело, здравиот дух и благородниот карактер. Само оние кои разбираат во што се состои вистинскиот успех во животот , ќе станат мудри во младите години. Тие, при изборот на сопствениот дом ќе ги имаат најдобрите работи на ум...

„Одете онаму каде што, далеку од расипаноста и развратот на градскиот живот, таму каде што ќе можете да им бидете пријател на своите деца, каде што ќе ги научите да го запознаат Бога преку Неговите созданија, подготвувајќи ги за правилен и полезен живот.“ – Здравје и среќа, 366,367.

„На родителите кои живеат во градот Господ им упатува предупредување: Соберете ги своите деца во своите домови, држите ги далеку од оние кои ги занемаруваат Божјите заповеди, од оние кои учат и прават зло. Излезете надвор од градовите колку што е можно побрзо.“ – Medical Ministry, p. 310.

б. На што нѐ поучува Бог во поглед на практичната работа? 1. Солунјаните 4:11,12.

„Бог ја одредил работата како благослов за човекот, да го вработи неговиот ум, да го зајакне неговото тело и да ги развие неговите способности. Во менталната и физичката активност, Адам пронашол едно од најголемите задоволства на неговото свето постоење.“ – The Faith I Live By, p. 232.

„Практичната работа поттикнува на внимателно набљудување и самостојно размислување. Ако се извршува правилно, потпомага да се развие практичната мудрост која ја нарекуваме здрав разум. Практичната работа развива способност за планирање и извршување, ја зајакнува храброста и издржливоста и бара тактичност и вештина.“ – Воспитување, 220.


Вторник 16. јули

3. МЕСТО НА УЧЕЊЕ

а. Која била една од лекциите што ја овозможила околината на Едемската градина? Псалм 19:1,2.

„Книгата на природата која била отворена пред нашите прародители била живописна лекција, таа им овозможувала неисцрпни извори на поуки и задоволства. На секој лист во шумата, на секој камен во планината, на секоја сјајна ѕвезда, на земјата, во морето и на небото било испишано Божјото име. Жителите на Едем се среќавале како со живата така и со неживата природа – со листот, цветот и дрвото, и со секое создание, од левијатанот во водите до прашинката која лебди во сончевиот зрак – собирајќи ги од секого тајните на неговиот живот. Божјата слава на небото, безбројните светови во своето вистинско опкружување, 'рамнотежата на облаците '(Јов 37:16), тајните на светлината и звукот, денот и ноќта – сето тоа биле предмети ги проучувале учениците во првото училиште на Земјата.“ – Воспитување, 21.

„Наместо да се престојува онаму каде што можат да се видат само дела на човечките раце, каде што сликите и звуците често наметнуваат грешни мисли, каде хаосот и буката го оневозможуваат разумот, одете онаму каде што ќе можете да ги гледате Божјите дела. Најдете духовен мир во убавината, мирот и тишината на природата. Дозволете им на вашите очи да се одморат на зелените полиња, шумички и ритчиња. Гледајте кон синото небо, непопречени од градскиот прав, и смог, и вдишувајте го виталниот небесен воздух.“ – Здравје и среќа, 367.

б. Кои поуки се прикажани во растот на растенијата? Лука 12:27.

„Обработувањето на земјата спаѓа во најдобрите видови на занимања, зашто тука работат мускулите, а мозокот се одмора. Проучувањето на земјоделието треба да претставува еден од основните чекори во образованието во нашите училишта. На таа работа треба нај напред да се пристапи.“ – 6. Сведоштво, 166,167.

„Така, додека децата и младите се стекнуваат со знаења од наставниците и учебниците, нека научат да извлекуваат поуки и да ја спознаат вистината сами за себе. Запрашајте ги што научиле во своите градини грижејќи се за растенијата. Гледајќи ги прекрасните пејзажи, запрашајте ги зошто Бог ги облекол полињата и шумите со такви прекрасни и разновидни нијанси. Зошто не е се обоено мрачно со кафеава боја? ... Научете ги да ги забележуваат доказите за Божјата грижа за нас, кои се манифестирани насекаде во природата, за прекрасно прилагодените работи кон нашите потреби и за наша среќа.“ – Воспитување, 119.


Среда 17. јули

4. МЕСТО НА БОГОСЛУЖЕНИЕ

а. Што правеле секој ден жителите на Едем? Создавање 3:8 (прв дел).

„Во песните на птиците, во шумот на дрвјата, во музиката на морето сѐ уште можеме да го чуеме гласот на Оној, Кој разговарал со Адам во Едемската градина, во квечерината на денот. И како што ја набљудуваме Неговата сила во природата, наоѓаме утеха, бидејќи Зборот што создал сѐ е оној Збор што дава живот на душата. – Копнежот на вековите, 281.

„Заинтересиран за своите деца, нашиот небесен Татко лично управувал со нивното воспитување. Често ги посетувале Неговите гласници, светите ангели, кои ги советувале и поучувале. Често пати, шетајќи во градината 'кога ќе заладело', го слушале Божјиот глас и разговарале лице во лице со Вечниот.“ – Воспитување, 21.

„ Адам и Ева, во нивната неизвалкана чистота ги радувало сѐ што што можеле да видат и слушнат во Едем. Бог нив им одредил и занимање во градината, да ја обработуваат и да ја пазат. Секојдневната работа им носела здравје и ведрина, па тие потполно среќни ги поздравувале посетите на својот Творец, Кој во свежината на квечерините им се придружувал во прошетка и разговор. Господ секојдневно ги поучувал.“ – Здравје и среќа, 261.

б. Која порака ни ја овозможуваат Божјите созданија во своето обожавање? Римјаните 1:20; Псалм 104:10-24.

„Природата е полна со духовни пораки за човечкиот род. Цвеќето умира, а потоа повторно израснува, од тоа можеме да ја научиме поуката за воскресението. Сите кои го сакаат Бога повторно ќе процветаат во небескиот Едем.“ – Одбрани пораки 1,278.

„На децата треба да им се дадат такви пораки кои ќе ја поттикнат кај нив храброста за да можат да му се спротивстават на злото. Насочете преку природата кон Творецот на природата, па така ќе имаат можност да го запознаат Бога.“ – Child Guidance, 49.

„Родителите можат да излезат надвор со своите деца за да ја набљудуваат Божјата природа. Можат да им ги посочат расцутените цвеќиња и отворањето на пупките, високите дрвја и прекрасната зелена трева, и да ги поучат како сѐ тоа Бог го создал за шест дена, а седмиот ден се одморил и го осветил. На тој начин родителите можат да ги всадат овие поуки во умовите на своите деца, така што кога ќе ја набљудуваат природата тие ќе се потсетат на големиот Творец кој ги создал сите тие убавини.“ – Child Guidance, 533.


Четврток 18. јули

5. КАНАЛ НА БЛАГОДАТ

а. На кој начин семејствата можат да бидат канал на благодат за светот како што реката во Едем била благослов за градината? Создавање 1:28; 2:10; Матеј 22:39.

„Љубовта, темел на создавањето и откупувањето, исто така е темел и на правилното воспитување.

Законот на љубовта налага да ги посветиме телото, умот и душата во служба за Бога и своите ближни. Оваа служба, која ни овозможува да бидеме благослов за другите, и нам ни донесува најголем благослов. Несебичноста е темел на секој вистински развиток. Со несебична служба ја развиваме секоја способност до највисока можна мерка. Сѐ повеќе и повеќе ние стануваме соучесници во божествената природа. Подготвени сме за Небото, бидејќи го примаме Небото во своите срца.“ – Воспитување, 15,16.

б. Каква задача му е доверена на христијанскиот дом? 2. Коринтјаните 3:2.

„Мисијата на домот не е ограничена само на неговите членови. Христијанскиот дом треба да биде очигледна поука што ќе ја илустрира надмоќноста на вистинските животни принципи. Ваквата илустрација ќе има силно влијание за доброто на светот. Влијанието на домот врз човечките срца и животи е далеку поголемо од влијанието на која било проповед. Кога излегуваат од еден таков дом, во младите се вградени и поуките што ги добиле од него. Тие ќе ги пренесат благородните животни принципи и во други домови, а во заедницата ќе имаат влијание што облагородува и воздигнува.“ – Здравје и среќа, 352.

„Денес како и пред две илјади години, на светото му е потребно Христовото откровение.“ .“ – Здравје и среќа, 143.


Петок 19. јули

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Со што се одликувала Едемската градина како дом?

2. На кој начин жителите на Едемскиот дом биле вработени?

3. Кој бил системот на воспитување во Едем?

4. На кој начин Едем бил место на богослужение?

5. Какви поуки си извлекол од првиот дом, школо и црква?

 <<    >>