Back to top

Sabbath Bible Lessons

Лутање низ пустината (II)

 <<    >> 
3. лекција Сабота, 18. април 2020

Заветот обновен

„А му рече уште Господ на Мојсеј: „Запиши си ги овие зборови, зашто со тие зборови склучувам завет со тебе и со Израел“ (Излез 34:27).

„По Божјо упатство, Мојсеј приготвил две камени плочи и ги понел со себе на гората, и повторно ‘Господ ги напиша на плочите зборовите на заветот десетте заповеди.’“ – Патријарси и пророци, 329.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 319-330. 

Недела 12. април

1. МОЈСЕЈ ГИ РАЗБИВА ПЛОЧИТЕ ОД КАМЕН

а. Што Мојсеј донел со себе кога слегол од гората, и како тој и Исус Навин ја толкувале вревата што ја слушнале во логорот? Излез 32:17,18.

б. Опишете ја реакцијата на Мојсеј на идолопоклонството во логорот и залудниот обид на Арон за самооправдување? Излез 32:19-24.

„Кога Мојсеј се вратил во логорот и ги повикал бунтовниците на одговорност, народот неговите остри прекори и неговото негодување покажано во разбивањето на светите плочи со законот ги споредувал со пријатните зборови и со достоинственото држење на неговиот брат, и нивните симпатии биле на страна на Арона. За да се оправда себеси, Арон се обидувал вината за својата слабост што попуштил пред ваквото барање ја префрлил врз народот; но и покрај тоа, нивните срца биле полни со восхитување кон неговата благост и стрпливост. Но Бог не гледа онака како што гледаат луѓето. Ароновиот попустлив дух и неговата желба да го задоволи народот ги заслепиле неговите очи така што не видел колку грд бил гревот што го одобрил. Неговото однесување во поддржувањето на гревот во Израел со своето влијание одвел во смрт илјадници луѓе.“ – Патријарси и пророци, 323.


Понеделник 13. април

2. КАЗНА ЗА ПРЕСТАПНИЦИТЕ

а. Колку бил навредлив ставот на Арон во Божјите очи? Второзаконие 9:20.

„Кога Арон би имал храброст да се заложи за правдата, без оглед на последиците, можел да го спречи овој отпад.“ – Патријарси и пророци, 323.

б. Каков повик упатил Мојсеј откако го прекорил својот брат, и каков бил резултатот? Излез 32:26-29.

„Овој грев морал да биде казнет со цел истото тоа за околните народи да претставува сведоштво за Божјото негодување против идолопоклонството. Извршувајќи ги барањата на правдата над престапниците, Мојсеј, како орудие во Божјите раце, морал на историјата да и остави свечен и јавен протест против нивното злосторство. Бидејќи Израелците требало да го осудуваат идолопоклонството на соседните народи, нивните непријатели подоцна би можеле да им префрлат дека и самиот народ кој тврди дека Јехова е негов Бог, направил златно тело под гората Хорив и му се клањал. А вака, Иако принудени да ја признаат срамната вистина, Израелците, страшната судбина на престапниците можеле да ја изнесат како доказ дека нивниот грев не бил ниту дозволен ниту простен.

И љубовта, ништо помалечка отколку правдата, бара тој грев да се осуди. Бог не е само врховен господар, туку и заштитник и чувар на својот народ. Тој ги истребува оние што решително остануваат во бунт за да не ги водат и другите во пропаст.“ – Патријарси и пророци, 325.

в. Што им рекол Мојсеј на оние кои жалеле поради својот грев, и како тој подоцна разговарал со Бога во нивно име? Излез 32:30-35.

„Мојсеј сфатил колку страшна би била судбината на грешниците; па сепак, ако израелскиот народ треба да биде отфрлен од Бога, тогаш барал и неговото име да биде избришано заедно со нивните; тој не би можел да гледа како Божјата казна ги погаѓа оние кои толку милосливо биле ослободени од ропството. Мојсеевото заземање за Израелците го покажува Христовото посредување за грешните луѓе. Меѓутоа, на Мојсеја Господ не му дозволил да ја прими на себе кривицата на престапниците, што му било дозволено само на Христа. ‘Оној што ми згрешил, него ќе го избришам од мојата книга’, вели Тој.“ – Патријарси и пророци, 326,327.


Вторник 14. април

3. БОГ ГО ПРИФАЌА ПОКАЈНИКОТ

а. Како реагирале луѓето кога слушнале дека Господ нема да ги одведе во Ханан поради нивниот грев? Излез 33:1-6.

б. Каде Мојсеј го поставил шаторот после ова страшно искуство? Кој симбол ја открил надежта за оние што го барале Господа? Излез 33:7-10.

„Шаторот бил подигнат надвор од логорот, а Мојсеј го нарекол ‘шатор за состанок’. Сите кои навистина се покајале и кои сакале да се вратат кај Господа, биле повикани да се упатат таму да ги признаат гревовите и да бараат милост. Кога се вратиле во своите шатори, Мојсеј влегол во шаторот за состанок. Народот со најголем страв и внимателно очекувал да види каков било знак со кој би се потврдило дека Мојсеевото заземање за нив е прифатено. Ако Господ се спушти да се сретне со Мојсеја, тогаш можеле да се надеваат дека нема да бидат наполно уништени. Кога столбот од облак се спуштил и се запрел пред влезот на шаторот, народот заплакал од радост секој се клањаше пред вратата на својот шатор.“ – Патријарси и пророци, 327.

в. Какво уверување добил Мојсеј од Господа? Излез 33:11-17. Како и ние можеме да го добиеме истото уверување?

„Тоа искуство, а над сѐ ветувањето дека божественото присуство постојано ќе го придружува, за Мојсеја биле сигурен доказ дека ќе успее во задачата што стоела пред него; тоа за него имало неспоредливо поголема вредност отколку сите египетски науки и сите негови достигања како државник и војсководител. Никаква земна сила, вештина или образование не можат да го заменат постојаното Божјо присуство.“ – Патријарси и пророци, 328.

„Оди кај Бога и кажи му како што правеше Мојсеј: ‘Ако Ти Самиот не појдеш со нас, тогаш не изведувај нè одовде’. Тогаш барај уште повеќе, моли се со Мојсеј: ‘Покажи ми ја Својата слава’. Каква е таа слава?- Божјиот карактер. Тоа е она што Бог му објавил на Мојсеј. Нека душата, во жива вера, се прилепи за Бога. Нека јазикот му оддава благодарност само Нему. Кога ќе се соберете заедно, нека умот искрено се сврти кон размислување за вечните реалности. Така ќе си помагате едни на други во духовно напредување. Кога вашата волја е во склад со божествената волја, вие ќе бидете во склад едни со други; ќе го имате Христа покрај вас како советник.“ – Testimonies to Ministers, p. 499.


Среда 15. април

4. ОТКРИВАЊЕ НА БОЖЈИОТ КАРАКТЕР

а. Кое дополнително барање упатил Мојсеј, и што му одговорил Господ? Излез 33:18,19. Како Господ го објавил своето име на Мојсеј? Излез 34:5-7.

„Ние имаме предимство да посегаме сè повисоко и повисоко кон појасни откровенија за Бога. Кога Мојсеј се молел: ‘Покажи ми ја Твојата слава’ - Господ не го одбил, туку му ја услишил молитвата. Бог му објавил на Својот слуга: ‘Ќе одам пред тебе со Мојата слава, и ќе те повикам во Моето Име’” (Излез 33:18,19).

Гревот е тој што ги замрачува нашите умови и ја замаглува нашата свест. Кога гревот ќе биде исчистен од нашето срце, светлината на познавањето на Божјата слава во ликот на Исуса Христа, ја осветлува Неговата Реч и одблеснува од лицето на природата и сè повеќе и повеќе Го објавува Оној, Кој е ‘штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински’” (Излез 34:6). – Здравје и среќа, 464,465.

б. Откако Бог му ја открил својата слава на Мојсеј, за што се молел Мојсеј, и како Бог одговорил? Излез 34:8-17,27.

„Мојсеј бил полн со доверба во Бога, бидејќи имал цврста вера. Нему му била потребна помош, и тој се молел за неа, барал со вера и во своето искуство го вткал верувањето дека Бог се грижи за него. Тој верувал дека Бог управува со неговиот живот. Го видел и го признал Бога во секој детаљ од својот живот и чувствувал дека живее во присутноста на Оној Кој гледа сѐ и кој ги мери побудите и го испитува срцето. Му се обраќал на Бога и очекувал од Него да му подари сила за да излезе чист од сите искушенија... Божјото присуство било доволно да му пружи безбедност во најголемите неволи со кои може да се судри еден човек...

Мојсеј не само што мислел на Бога; тој и Го видел. Бог постојано му бил пред очите; тој никогаш не го изгубил од вид Неговото лице. Го видел Исуса како свој Откупител и верувал дека заслугите на Спасителот ќе му бидат препишани нему. Оваа вера за Мојсеја не била само некоја претпоставка, туку вистинска реалност. Ваквата вера и нам ни е потребна, - вера која ќе истрае низ сите неволи.“ – 5. Сведоштво, 651,652.


Четврток 16. април

5. ВЛЕГУВАЊЕ ВО ЗАВЕТОТ НА МИЛОСТА

а. Како сега децата на Израел можат да ги ценат благословите понудени под Аврамовиот завет во спротивност со нивниот прв завет со Бога? Псалм 103:8; Евреите 7:19; Еремија 31:33,34.

„(Синовите на Израел) присуствувале при објавувањето на законот во величественост што бара најдлабока страхопочит и стоеле под гората тресејќи се од страв, а сепак само по неколку седмици го раскинале својот завет со Бога и се клањале пред делкан кип. Не можеле веќе да се надеваат на Божја милост врз основа на заветот што го раскинале. И сега, откако ја увиделе својата грешност и потреба од проштавање, биле доведени во состојба лично да почувствуваат колку им е потребен и Спасителот кој бил откриен во заветот на Аврама и навестуван со принесувањето на жртвите. И сега со вера и со љубов се врзале за Бога како свој Ослободител од робувањето на гревот. Дури сега биле подготвени да ги ценат благословите на неговиот завет.“ – Патријарси и пророци, 371.

б. Што донел Мојсеј од гората по четириесет дена, и како народот се чувствувал кога го видел? Излез 34:28-30,33.

„Светлината што зрачела од Мојсеевото лице ги претставува благословите што ги примаат оние кои, благодарение на Христовото посредување, ги држат Божјите заповеди. Таа исто така претставува доказ дека, во колку нашата врска со Бога е поинтимна и нашето сфаќање за неговите барања појасни, се поцелосно ќе се сообразиме со божествениот лик и ќе бидеме поподготвени да станеме учесници во божествената природа.“ – Патријарси и пророци, 330.


Петок 17. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто често го презираме оној кој го прекорува гревот, а им се восхитуваме на нежните и попустливите?

2. Зошто бил толку голем гревот на обожавање на златното теле?

3. Што на Мојсеј му било повредно од неговата вештина како државник или воен водач?

4. Додека Исус го чисти срцето од гревот, што ќе ни светли од Неговата Реч и природата?

5. Кои две работи ќе ме натераат да станам што посличен на Божјиот лик? Како?

 <<    >>