Back to top

Sabbath Bible Lessons

Лутање низ пустината (II)

 <<    >> 
13. лекција Сабота, 27. јуни 2020

Смртта на Мојсеј

„И Мојсеј Му беше верен како слуга на целиот Негов дом, за да го посведочи она што требаше да се соопшти. Христос, како Син, е верен во Божјиот дом. Негов дом, пак, сме ние, само ако слободата и надежта, со кои се фалиме, ги запазиме до крај“ (Евреите 3:5,6).

„Како пастир на овците, Мојсеј научил да се грижи за слабите, да ги негува болните, трпеливо да ги бара заскитаните, грижливо и со љубов да ги задоволува желбите на младите јагниња како и потребите на постарите и изнемоштените.“ – Fundamentals of Chris-tian Education, p. 343.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 469-480. 

Недела 21. јуни

1. МОЈСЕЈ ГО ОХРАБРУВА НАРОДОТ

а. Додека се приближувал крајот на Мојсеј, со какви охрабрувачки зборови тој најпрвин се обратил на народот, а потоа и на Исус Навин? Второзаконие 31:1-8.

„Посматрајќи го остарениот човек, кој набргу ќе исчезне од нивната средина, народот повторно си спомнал со длабока благодарност за неговата татковска нежност, за неговите мудри совети и неуморен труд. Колкупати нивните гревови предизвикувале оправдани Божји казни, па сепак, Мојсеевите искрени молитви сториле Бог да ги поштеди. Нивната болка уште повеќе ја засилувала грижа на совеста. Горко каејќи се, си спомнувале дека токму нивната изопаченост го навела Мојсеја на грев поради кој сега морал да умре.

Исчезнувањето на нивниот омилен водач ќе претставува за Израелците многу поголем прекор од која и да е друга казна во случај Мојсеј да останал жив и да продолжил да ја исполнува својата задача. Бог сакал тие да почувствуваат дека не смеат да му го загорчуваат животот на својот иден водач, како што го правеле тоа со Мојсеј. Бог му зборувал на својот народ во вид на благослови со кои ги опсипувал, а ако тие не се ценат, тогаш во вид на скусување на истите за да ги поттикне да ги увидат своите гревови и да му се вратат со сето срце.“ – Патријарси и пророци, 470.


Понеделник 22. јуни

2. ЧИТАЊЕ НА КНИГАТА НА ЗАКОНОТ

а. Колку често од народот е барано да го слушаат читањето на законот, и од која група на луѓе тоа е барано? Второзаконие 31:9-13.

„Бог бара од родителите да ги обучуваат своите деца и со неуморна ревност да ги упатуваат во барањата на Неговиот закон, поучувајќи ги совесно и во Божји страв. Извршувањето на овие должности, кои Бог со толку сериозно нагласување им ги доверил на Израелците, исто така сериозно се бара и од денешните христијански родители.“ – 3. Сведоштво, 294.

б. Кој бил планот на Бога за Израел? Кои биле условите под кои требало да се исполни ова ветување? Второзаконие 28:12-14.

„Овие ветувања кои му се дадени на Израел наменети се и на денешниот Божји народ.“ – 6. Сведоштво, 351.

в. Што им било дадено на Израелците како постојан потсетник на нивниот повик дека се посебен Божји народ? Броеви 15:38,39. На што треба да нѐ потсети секој дел од облеката што ја носиме денес?

„На синовите на Израел, откако беа изведени од Египет, им беше наредено на работ од својата облека да стават едноставна лента со сина боја, за да се разликуваат од околните народи, и да означи дека тие се Божји посебен народ. Денес од Божјиот народ не се бара да носи посебен знак на својата облека. Но, во Новиот завет честопати ние сме упатени на примерот на старозаветниот Израел. Кога Бог во старо време на својот народ му дал така одредени упатства во поглед на нивната облека, зарем Тој нема да обрати внимание на облекувањето на својот народ и денес? Зарем не треба во своето облекување да се разликуваат од овој свет? Не треба ли Божјиот народ, кој е Негово особено богатство, да биде пример во поглед на облекувањето, и со својот едноставен стил да претставува укор за гордоста, суетата и екстравагантното претерување на таканаречените христијани кои го љубат овој свет? Бог го бара тоа од својот народ. Гордоста се укорува во Неговата Реч.“ – The Review and Herald, January 23, 1900.


Вторник 23. јуни

3. ПИШУВАЊЕ НА НОВА ПЕСНА

а. Кои особини на Божјиот карактер се изнесени во песната што ја напишал Мојсеј за доброто на народот? Второзаконие 32:3,4,6.

б. Како во оваа песна е прикажана Божјата грижа за Неговиот народ? Второзаконие 32:9-12.

„Бог на Израелот му ги дал сите можности, му ги дал сите предимства за да може да му биде на чест на Божјото име и на благослов на соседните народи. Тој им ветил дека ќе ги ‘возвиши со чест, со име и со слава над сите народи’ ако одат по патот на послушноста (Второзаконие 26:19).“ – Воспитување, 40.

„(Бог) ги ослободил од ропство за да ги одведе во добра земја, земја која во своето провидение ја подготвил за нив како скривалиште од нивните непријатели. Тој сакаше да ги доведе кај Себе и да ги прегрне со Своите вечни раце; а како возврат за Неговата добрина и милост требало да го величаат Неговото име и да Го направат славно на земјата.“ – Пророци и цареви, 16.

в. Во која смисла целта на оваа песна била да му помогне на народот? Второзаконие 31:19-22. Што можеме да научиме од ова?

„За да ги всади овие вистини што подлабоко во срцата на присутните, големиот водач ги изразил со свети стихови. Таа песна била не само историска туку и пророчка. Изнесувајќи го чудесното Божјо постапување со својот народ во минатото, истовремено ги осветлил и значајните настани на иднината и конечната победа на верните кога Христос повторно ќе дојде во сила и слава. На народот му било наложено добро да ја запамети таа пророчка песна и да им ја пренесе на своите деца и на децата на своите деца. Таа песна морала да се пее кога народот ќе се собере на богослужение и да се повторува при поаѓањето на секојдневните должности. Должност на родителите била тие зборови да ги всадат во чувствителната душа на децата така за тие никогаш да не ги заборават.“ – Патријарси и пророци, 467.


Среда 24. јуни

4. ПРОРЕКУВАЊЕ НА ХРИСТОВОТО ДОАЃАЊЕ

а. Што рекол Мојсеј за првото Христово доаѓање? Второзаконие 18:15,18.

б. Кој укор им го упатил Исус на Евреите во врска со ова пророштво? Јован 5:45-47.

„Има такви кои тврдат дека веруваат и дека ги проповедаат вистините на Стариот завет, отфрлајќи ги едновремено вистините на Новиот. Но, одбивајќи да ги прифатат Христовите учења, покажуваат дека не веруваат во она што го кажале патријарсите и пророците. Христос рекол: ‘Зашто, ако му бевте верувале на Мојсеј, и Мене ќе Ми поверувавте, зашто тој пишуваше за Мене’ (Јован 5:46). Оттаму во нивното учење нема вистинска сила дури тоа да е земено и од Стариот завет.

Мнозина кои тврдат дека веруваат во евангелието и кои го проповедаат, прават слична грешка. Тие ги отфрлаат старозаветните списи, за кои Христос рекол: ‘Ги истражувате Писмата, зашто вие мислите дека во нив имате живот вечен; а токму тие сведочат за Мене’ (Јован 5:39). Отфрлајќи го Стариот, всушност го отфрлаат Новиот, зашто двата дела сочинуваат нераскинлива целост. Никој не може правилно да го претстави Божјиот закон без евангелието или евангелието без законот. Законот е воплотено евангелие, а евангелието е објаснување на законот. Законот е корен, а евангелието мирисен цвет и плод што го донел коренот.“ – Христовите очигледни поуки, 128.

в. Во која смисла Мојсеј бил претслика на Христос? Евреите 3:5,6.

„Мојсеј бил Христова претслика. Самиот тој им рекол на Израелците: ‘Господ, твојот Бог, ќе ти дигне пророк од браќата твои, како мене, – Него слушајте Го’ (Второзаконие 18:15). Бог видел дека е потребно Мојсеј да помине низ школа на страдања и лишувања за да се оспособи да ги поведе израелските чети во земниот Ханан. А Божјиот Израел на својот пат кон небесниот Ханан има Војсководител на кого не му е потребна никаква земна подготовка за да се оспособи за Божји водач; а сепак, и Тој бил усовршен низ страдања, ‘зашто во она, што Сам претрпе, откако беше искушан, во тоа ќе може и на искушуваните да им помогне’ (Евреите 2:18). Кај нашиот Спасител немало човечки слабости ниту несовршености, а сепак умрел за нам да ни овозможи пристап во ветената земја.“ – Патријарси и пророци, 480.


Четврток 25. јуни

5. МОЈСЕЕВАТА СМРТ И ВОСКРЕСЕНИЕ

а. Каква заповед и ветување добил Мојсеј од Господа кога го завршил своето дело? Второзаконие? 32:49,50,52.

„Во таа самотија Мојсеј се осврнал на својот живот во кој имало толку многу маки и неволји од оној ден кога им го свртел грбот на дворските почести и на предимството да седне па египетскиот престол со цел својата судбина да ја поврзе со судбината на избраниот народ...

Меѓутоа, тој не се жалел поради тоа што носел товар. Знаел дека сам Бог ги одредил неговите задачи и неговото дело.“ – Патријарси и пророци, 471,472.

б. Како Бог го вратил Мојсеј во живот, и која група на свети ги претставувале Мојсеј и Илија на гората на преобразувањето? Јуда 9; Матеј 17:1-5.

„На Гората на преобразувањето Мојсеј бил сведок на Христовата победа над гревот и смртта. Тој ги претставувал оние, кои при воскреснувањето на праведните ќе бидат подигнати од гробот. Илија, кој бил вознесен на небото, не вкусувајќи смрт, ги претставувал оние, кои ќе живеат на Земјата при второто Христово доаѓање и кои ‘ќе се преобразат наеднаш, за миг, на гласот на последната труба’ кога ‘ова смртното ќе се облече во бесмртно’ и ‘ова распадливо ќе се облече во нераспадливост’ (1. Коринтјаните 15:51-53).“ – Копнежот на вековите, 421,422.


Петок 26. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како народот гледал на Мојсеј, сега кога тој се подготвувал да умре? Зошто?

2. Како нашиот повик како деца на Царот над царевите, треба да влијае врз начинот на нашето облекување и начинот на кој ги облекуваме нашите деца?

3. Кој е еден од начините на кои родителите можат длабоко да ги втиснат вистините во умот на своите деца? Како сатаната злобно се обидува да го искористи истото средство во спротивна насока

4. На кој начин ние го отфрламе Христа ако го отфрламе Стариот завет?

5. Зошто Мојсеј не покажал никакво жалење додека го споредувал богатството и славата од кои се одрекол во замена за живот на страдање и тешкотии?

 <<    >>