Back to top

Sabbath Bible Lessons

Лутање низ пустината (II)

 <<    >> 
1. лекција Сабота, 4. април 2020

Завет на милост

„Но овој е заветот што ќе му го дадам на домот Израелов во оние дни, вели Господ: ќе ги врежам законите Свои во мислите нивни, и во срцата нивни ќе ги напишам, и ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ“ (Евреите 8:10).

„Новиот завет е заснован на ‘подобри ветувања’ - на ветување за проштавање на гревот и за божествена милост која е во состојба да го прероди срцето и да го доведе во хармонија со начелата на Божјиот закон.“ – Патријарси и пророци, 372.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 363-373. 

Недела 29. март

1. ВЕЧНА ТАЈНА

а. Колку долго постои Божјиот завет на милоста? Римјаните 16:25.

„Заветот на милоста не е нова вистина, бидејќи во Божјиот ум постои од вечноста. Затоа се нарекува вечен завет.“ – The Faith I Live By, p. 77.

б. Кога заветот на милоста за човечкиот род бил потврден со ветување? Создавање 3:15. Кога бил целосно воспоставен? Јован 19:30; Римјаните 3:25.

„Царството на милоста било воспоставено веднаш по падот на човекот, кога бил создаден планот за откуп за грешниот човечки род. Тогаш тоа постоело само во Божјата намера и во Божјото ветување, а луѓето со вера можеле да станат негови граѓани. Тоа навистина е воспоставено дури по Христовата смрт... Но, кога Спасителот умирал и со Својот последен здив извикнал: ‘Се сврши!’, тогаш планот на спасението бил исполнет. Ветувањето за спасение што му било дадено на грешниот пар во Едем било ратификувано. Тогаш било воспоставено царството на милоста што порано постоело само во Божјото ветување.“ – Големата борба, 347,348.


Понеделник 30. март

2. ЗАВЕТНИ БЛАГОСЛОВИ ЗА СИТЕ НАРОДИ

а. Каков благослов Бог му ветил на Аврам под заветот на милоста? Создавање 12:1-3. Кој е ветеното „семе“? Галатјаните 3:16.

„Христос не бил сам во принесувањето на Неговата голема жртва. Тоа било исполнување на заветот направен меѓу Него и Неговиот Татко пред да бидат поставени темелите на светот. Со стисок на рака, дале свечено ветување дека Христос ќе стане гарант за човечкиот род, доколку тој биде совладан од измамите на сатаната.“ – The Youth’s Instructor, June 14, 1900.

б. Што прави Бог според овој завет за сите оние кои за своето спасение веруваат само во Христа? Галатјаните 3:8; Римјаните 5:1.

„Заветот направен со Аврам четиристотини и триесет години пред давањето на законот на Синај бил заветот кој Бог го потврдил во Христа, истото евангелие кое ни се проповеда и нам.“ – The Signs of the Times, August 24, 1891.

в. Какво ветување Божјиот завет со Аврам исто така вклучувал, и што ќе направи неговото примање за оној кој верува во Христа? Галатјаните 3:14; Езекиел 36:26,27.

„Истиот закон, кој бил напишан на камени плочи, Светиот Дух ги втиснал на плочите на срцето. Наместо празното настојување да ‘утврдиме’ некоја своја правда, треба да ја прифатиме Христовата правда. Неговата крв е измирување за нашите гревови. Неговата послушност ни се припишува нам. Тогаш срцето, преродено со Светиот Дух донесува ‘духовен плод’. Благодарение на Христовата милост, ќе успееме да живееме со послушност кон Божјиот закон напишан во нашето срце. А ако го имаме во себе Христовиот Дух, ќе живееме онака како што живеел Тој. Тој преку пророкот најавил за себе: ‘Со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; Твојот Закон е во срцето мое (Псалм 40:8). А кога бил меѓу луѓето, рекол: ‘Отецот не ме остави сам, оти секогаш го правам она што му е угодно’ (Јован 8:29).“¬¬ – Патријарси и пророци, 372.


Вторник 31. март

3. БЛАГОДАТ ЗА ПОСЛУШНОСТ

а. Зошто Бог со заклетва го потврдил својот вечен завет со Аврам? Создавање 22:16-18; Евреите 6:13-18.

„Истиот тој завет бил обновен со Аврама во ветувањето: ‘Во твоето семе ќе бидат благословени сите народи на земјата’ (Создавање 22:18). Тоа ветување укажувало на Христа. Аврам така и го сфатил (види Галатјаните 3:8,16), па од Христа и очекувал проштавање на гревот.“¬¬ – Патријарси и пророци, 370.

„На гората Морија Бог уште еднаш го повторил својот завет потврдувајќи го со свечена заклетва благословот на Аврама и на неговото потомство за сите идни поколенија.“¬¬ – Патријарси и пророци, 153.

„Аврам бил само човек, имал лични чувства и склоности како и секој од нас, но не се запрел на прашањето како ќе се исполни ветувањето ако Исак биде жртвуван. Не се задржал на заклучоците на своето рането срце. Знаел дека Бог е верен и праведен во своите барања и ја послушал заповедта до последна буква.“¬¬ – Патријарси и пророци, 153.

б. Што покажува дека послушноста на Божјиот закон секогаш ќе се покаже во животот на оние што се под заветот на милоста? Создавање 26:5.

„Господ му се јавил на Аврама велејќи: ‘Јас сум Бог твој, оди пред мене и биди непорочен’ (Создавање 17:1). Божјото сведоштво за неговиот верен слуга гласело: ‘Аврам го слушаше мојот глас и им се покоруваше на моите заповеди, на моите закони и на моите одредби’ (Создавање 26:5; 17:7). А нему Бог му рекол: ‘Ќе поставам свој завет меѓу мене и тебе и меѓу твоите потомци по тебе во нивните родови; ќе направам заветот да биде вечен, ќе ти бидам Бог тебе и на твоите потомци по тебе’ (Создавање 17:7).“¬¬ – Патријарси и пророци, 370.

„Апостол Павле јасно покажува во каков однос во Новиот завет се законот и верата. Тој кажува: ‘И така, бидејќи оправдани со верата, имаме мир со Бога преку нашиот Господ Исус Христос’. ‘Го укинуваме ли со верата законот? Во никој случај! Напротив, со тоа законот го утврдуваме’. ‘Навистина, она што му беше неможно на законот, зашто беше немоќен поради телото“ не можел да го оправда човекот затоа што човекот во својата грешна природа не можел да го држи законот „го оствари Бог: поради гревот, го прати својот Син во вид на грешно тело и го осуди гревот во телото за во нас, кои не живееме според телото, туку според Духот да се исполни праведното барање на законот’ (Римјаните 5:1; 3:31; 8:3,4).“¬¬ – Патријарси и пророци, 373.


Среда 1. април

4. ЗАВЕТОТ НА СИНАЈ

а. Зошто бил воспоставен уште еден завет на Синај и која била неговата цел? Второзаконие 4:35-37.

„Израелскиот народ за време на своето робување во голема мера го загубил поимот за Бога и за начелата на аврамовскиот завет. Кога ги ослободил од Египет, Бог настојувал да им ја открие својата моќ и милост за да ги одоброволи да го љубат и да имаат доверба во него. Ги довел до бреговите на Црвеното Море каде што не било можно да побегнат од Египќаните кои им биле зад петиците за да сфатат колку се беспомошни и колку им е неопходна божествената помош. А тогаш се погрижил да ги ослободи од Египќаните кои ги гонеле. Така биле исполнети со љубов и со благодарност кон Бога и се здобиле со доверба во неговата моќ која им помагала. Тој ги врзал за себе како Ослободител од поминливото (египетско) ропство.

Меѓутоа, во нивните мисли требало да се втисне уште една голема вистина. Бидејќи живееле среде идолопоклонство и расипаност, тие немале вистинска претстава за Божјата светост, за тежината на грешноста на сопственото срце, за целосната неспособност само со своја сила да му се потчинуваат на Божјиот закон. А и не чувствувале колку им бил потребен Спасителот. На сето тоа требало да се научат.“¬¬ – Патријарси и пророци, 371.

б. Зошто заветот склучен со Аврам се нарекува „нов“ завет, иако бил направен пред оној на Синај? Евреите 9:16-20.

„Иако тој завет бил склучен со Адама и обновен со Аврама, сепак не можел да биде потврден сѐ до Христовата смрт. Според Божјото ветување, заветот постоел откако било дадено првото навестување за откуп; бил прифатен со вера; сепак, откако е потврден од Христова страна, се вика нов завет. Божјиот закон бил основа на тој завет, кој всушност е само едно средство човекот пак да стапи во хармонија со Божјата волја на тој начин што е ставен во положба која му овозможува да биде послушен на Божјиот закон.

Една друга спогодба во Библијата наречена ‘стар’ завет е склучена на Синај меѓу Бога и израелскиот народ и потоа потврден со крв на заклана жртва. Заветот обновен со Аврама е потврден со Христовата крв и се вика ‘втор’ или ‘нов’ завет, зашто крвта со која е потврден е пролеана по крвта на првиот завет“ (Евреите 6:18).“¬¬ – Патријарси и пророци, 370,371.


Четврток 2. април

5. ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ДУХОТ НА РОПСТВО

а. Што не успеале да разберат Израелците кога влегле во заветот на Синај? Излез 24:7; Римјаните 10:2,3; Јован 15:5.

„Меѓутоа, тие не ја увидувале грешноста на своето сопствено срце и фактот дека без Христа не е можно да се држи Божјиот закон. Затоа биле готови веднаш и без премислување да склучат сојуз (завет) со Бога. Уверени дека можат сами ‘да ја утврдат својата правда’, изјавиле: ‘Сѐ што рекол Господ, ќе правиме и ќе бидеме послушни’ (Излез 24:7).“¬¬ – Патријарси и пророци, 371,372.

б. На кој начин ние денес можеме да дојдеме во опасност да ја направиме истата грешка која ја направиле синовите на Израел на Синај? Римјаните 8:15.

„Духот на ропство се јавува така што се трудиме да живееме во согласност со законската религија, преку настојување да ги исполниме барањата на законот со наша сопствена сила. За нас постои надеж само ако дојдеме под аврамовскиот завет, што е завет на милост преку вера во Исуса Христа.“ – The Youth’s Instructor, September 22, 1892.

„Целокупната верска служба, колку и да е привлечна и скапа, настојува да ја заслужи Божјата наклоност, сето мачење на телото, сите покори и макотрпни работи како би задобиле проштевање на гревот и божествената наклоност – сè што не спречува да бидеме целосно зависни од Христа, во Божјите очи претставува гадост. За човекот не постои надеж да престане со бунтот, со противење на Божјата волја, освен ако признае дека е грешник подготвен да пропадне и да се предаде на Божјата милост. Ние можеме да се спасиме само преку Христа.“ – The Signs of the Times, August 24, 1891.


Петок 3. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто заветот на милоста се нарекува вечен завет?

2. Како јас денес сум благословен преку заветот направен со Аврам?

3. Што ветува Бог дека ќе направи за мене под заветот на милоста?

4. Зошто заветот на милоста се нарекува „нов“ завет?

5. Како можам да бидам сигурен дека денес сум под заветот на милоста?

 <<    >>