Back to top

Sabbath Bible Lessons

Лутање низ пустината (II)

 <<    >> 
12. лекција Сабота, 20. јуни 2020

Отпадништво на Јордан

„Затоа, кој мисли дека стои, нека гледа да не падне“ (1. Коринтјаните 10:12).

„Сатаната во овие последни денови особено работи на тоа да го запоседне умот на младите, да ги расипе мислите и да ги разгори страстите; бидејќи тој знае дека на тој начин може да ги наведе и на нечисти дела, и на тој начин сите благородни способности на умот ќе станат изопачени.“ – The Signs of the Times, January 26, 1882.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 453-461. 

Недела 14. јуни

1. БОЖЈАТА БЛАГОНАКЛОНЕТОСТ НАША ЗАШТИТА

а. Што се обидел да направи Валак, царот на Моав? Броеви 22:2,3, 5-7.

б. Зошто Валам не можел да го проколне Израел? Броеви 22:38; 23:8.

в. Кој факт за духовната состојба на Израел беше уште една причина зошто тие не можеле да бидат проколнати? Броеви 23:21. На кој начин ова е толку охрабрувачко за нас?

„Сѐ додека биле под Божја заштита, не можела да ги совлада ниту една нација, ниту еден народ, без оглед на тоа колку сатаната им помагал во тоа. Цел свет мора да му се восхитува на чудесното дело што го извел Бог за својот народ еден човек, кој решил да појде по грешен пат, во толкава мера бил обземен со Божја сила, што со возвишен и со силен поетски јазик, наместо планираното проклетство, изрекол најдрагоцени и најбогати благослови. А Божјата милост, откриена на Израелците во тоа време, требало да биде залог дека Тој во секое време ќе ги заштити своите послушни и верни деца. Кога сатаната ќе ги инспирира лошите луѓе да го осудуваат да го мачат и да го уништуваат Божјиот народ, тие ќе си спомнат токму за овој случај и со тоа ќе ја засилат својата храброст и доверба во Бога.“ – Патријарси и пророци, 449.


Понеделник 15. јуни

2. БЛАГОСЛОВИ И ПРОРОЧКИ ВЕТУВАЊА

а. Со кои благослови Бог го инспирирал Валам да ги изговори за Израел? Прв благослов: Броеви 23:7-10. Втор благослов: Броеви 23:18-24. Трет благослов: Броеви 24:5-9.

б. Какво пророштво изговорил Валам за Израел и за Месијата кој доаѓа? Броеви 24:15-17.

„Божјата светлина секогаш свети среде темнината на незнабоштвото. Додека ги проучувале ѕвездените пространства и упорно се обидувале да ја откријат тајната скриена во нивните блескави патишта, тие мудреци ја набљудувале славата на Творецот. Барајќи поголемо знаење, ги проучувале светите еврејски списи. Во нивната земја се чувале пророчки списи што го претскажувале доаѓањето на божествениот Учител. Валам припаѓал на врачарите, иако едно време бил Божји пророк; преку Светиот Дух тој претскажал благосостојба во Израел и доаѓањето на Месијата, а неговите пророштва се пренесувале во преданија од столетие во столетие. Меѓутоа во Стариот завет доаѓањето на Спасителот било претскажано многу појасно.“ – Копнежот на вековите, 59,60.

в. Што пророкувал Валам за судбината на народите што тогаш живееле во ветената земја? Броеви 24:17-23.

„Бог на секој народ му дава одредено време на милост и проба. Тој на сите им испраќа светлина и докази кои, доколку бидат примени, ќе ги спасат од пропаст, но ако бидат одбиени како што тоа го направиле Евреите, неизбежно ќе ги погоди Неговиот оправдан гнев и казна. Ако луѓето го одбијат понуденото милосрдие и изберат темнина наместо светлина, тие ќе ги пожнеат последиците од својот избор.“ – Коментари на библиските текстови, 321.

„Семожниот сѐ уште води непогрешлива сметка за животот на секој народ. Таа сметка останува отворена сѐ додека Неговата милост се нуди повикувајќи на покајание; но кога ќе се достигне мерата што Бог ја утврдил, ќе почне излевањето на гневот. Сметката е затворена. Божјото трпение престанува. Повеќе милоста не се застапува во нивна корист.

Гледајќи низ вековите, пророкот (Езекиел) го видел ова време. Народите на овој век примиле поголема милост од сите поранешни. Ним им се дадени најголемите небесни благодети, но тие станаа уште погорди, полакоми, уште поголеми идолопоклоници, неблагодарни и уште повеќе го презираат Господа. Тие брзо ја затвораат својата сметка кај Бога.“ – 5. Сведоштво, 208.


Вторник 16. јуни

3. НЕЗАСЛУЖЕНА КЛЕТВА НЕМА ДА ДОЈДЕ

а. Со кои измами сатаната се обидел да ги зароби Израелците додека тие биле на прагот за влез во ветената земја? Броеви 25:1.

б. Што направиле Моавците за да ги одвлечат Израелците уште подалеку од Бога? Броеви 25:2,3.

„Според советот на Валама, моавскиот цар приредил голема свеченост во чест на своите богови и потајно средил Валам да ги наговори Израелците и тие да земат учество во тоа. Бидејќи овие го сметале за Божји пророк, нему не му било тешко да ја постигне својата цел. Голем дел од народот пошол по него да присуствува на свеченостите. Се осмелиле да стапат на забранета почва и се сплеткале во мрежите на сатаната. Восхитени од музиката и играта и намамени од убавината на незнабожечките калуѓерки, ја запоставиле својата верност кон Бога. Се придружиле кон веселбата и славјето, виното им го поматило разумот и ги урнало сите огради на самосовладувањето. Сетилноста потполно загосподарила и бидејќи својата совест ја извалкале со разврат дозволиле да бидат наговорени да се поклонат пред идолите. Принесувале жртви на незнабожечките олтари и учествувале во понижувачките обреди.

Не поминало многу време и овој отров како смртоносна зараза се раширил низ целиот израелски логор. Победниците над непријателите во вооружената борба подлегнале пред лукавоста на незнабожечките жени. Се чинело како сиот народ да е маѓепсан. Старешините и водечките луѓе меѓу првите згрешиле, а и мнозина од народот, така што отпадот станал општ. ‘И му се поклони Израел на Ваал-Фегор’ (Броеви 25:3).“ – Патријарси и пророци, 454.

в. Која брза казна ја испратил Бог врз непослушните? Зошто? Броеви 24:4,5,9.

„Во логорот се појавила страшна зараза во која подлегнале десетици илјади луѓе. Бог им наредил на судиите да ги казнат со смрт водачите во овој отпад. Наредбата веднаш е извршена. Престапниците веднаш биле погубени, а нивните тела биле обесени пред очите на цел Израел, со цел народот, гледајќи како Господ строго постапува со нивните водачи длабоко да почувствува колку на Бога му е гнасен нивниот грев и стравотијата на неговиот гнев против нив.“ – Патријарси и пророци, 455.


Среда 17. јуни

4. ЗАМКАТА НА СЕНЗУАЛНОСТА

а. Кои гревови се наоѓаат меѓу делата на грешната човечка природа? Галатјаните 5:19. Колку е распространет гревот на блуд и разврат во нашево време?

„Развратот е особен грев на овој век. Никогаш гревот толку дрско не ја подигал својата изопачена глава како денес. Луѓето изгледа како да се отапени и оние кои ги љубат позитивните особини особено се обесхрабрени од дрскоста, силата и превласта на гревот. Расипаноста не е ограничена само на неверниците и на исмевачите. Би сакала да е тоа така, но не е. Грешат многу мажи и жени коишто ја исповедаат Христовата вера... Секој христијанин мора да научи да ги воздржува своите страсти и да се раководи според начелата. А ако не прави така, не е достоен да се нарече христијанин.“ – 2. Сведоштво, 346,347.

б. Додека стоиме денес на границата на небесниот Ханан, каква лекција можеме да научиме од отпадот на Израел на Јордан? 1. Коринтјаните 10:8,12.

„Во сите столетија на сите страни се забележувале такви карактерни црти како остатоци на брод парчосан на карпата на грешните страсти. Денеска, кога се приближуваме кон крајот на времето и кога Божјиот народ стои на границата на небесниот Ханан, сатаната, како и во минатото двојно ќе ги зголеми своите напори за да ги спречи да влезат во ветената земја. Тој поставува свои стапици пред секоја душа. Оттаму сите мора да бидат претпазливи, а не само неуките и необразованите. Тој ќе смисли искушенија дури и за оние што се наоѓаат на највисоки положби и на најсвети должности; ако му појде од рака да ја извалка нивната душа, тогаш ќе може да уништи и многу други. И денеска тој се служи со исти средства како и пред три илјади години. Со помош на пријателство со светот, со помош на шармот на убавината, со желбата за задоволства, со веселбата, со различни свечености и со чаша вино, тој наведува на престап на седмата заповед.“ – Патријарси и пророци, 457.

„Сетилните задоволства го слабеат умот и ја понижуваат душата. Животинските страсти ги отапуваат моралните и интелектуалните сили; робовите на страстите никогаш не можат да ја сфатат светата обврска да го држат Божјиот закон да ја ценат службата на помирување или да имаат вистински поим за вредноста на душата. Добротата, чистотата и вистината, Божјиот страв и љубовта кон светите нешта сите овие свети чувства и благородни стремежи што го врзуваат човекот со небесниот свет стануваат уништени во огнот на желбите.“ – Патријарси и пророци, 458.


Четврток 18. јуни

5. ИЗБЕГНУВАЊЕ НА ГРЕВОВИТЕ НА ОВА ВРЕМЕ

а. Кои предупредувања имаат за цел да нѐ сочуваат од отпадот, особено денес во нашата подготовка за небото? 2. Коринтјаните 6:17, Јаков 4:4.

„Со тоа што се дружеле со идолопоклониците и што учествувале во нивните свечености, Евреите биле наведени на престап на Божјиот закон и така навлекле казна врз својот народ. И денеска сатаната има најмногу успех во мамењето на Христовите следбеници на грев кога ќе ги наведе да се дружат со грешниците и да уживаат во нивните задоволства. ‘Затоа излезете од нивната средина и одделете се вели Господ! Не допирајте се до ништо нечисто, и јас ќе ве примам’ (2. Коринтјаните 6:17). Бог и денеска бара од својот народ јасно да се разликува од другиот свет во своите навики, во моралот и во начелата, како што го барал тоа во старо време од Израел. Доколку верно се придржува кон неговата наука, таа разлика ќе постои не може поинаку. Опомените упатени во тоа време до Евреите да не се мешаат со незнабошците, не се помалку непосредни и јасни од опомените кои на христијаните им забрануваат да се прилагодуваат кон духот и обичаите на неверниците.“ – Патријарси и пророци, 458.

б. Што можеме да сториме за да го избегнеме развратот? 1. Петрово 1:13; Филипјаните 4:8.

„Оние кои не сакаат да паднат во сатанските измами, мораат добро да ги чуваат приодите на својата душа и да се трудат да не читаат, гледаат или слушаат она што наведува на нечисти мисли. Не смее да им се дозволи на мислите да се запираат на секое прашање што би можел да го дошепне непријателот на душите.“ – Делата на апостолите, 518.

„Секоја погрешна склоност може да биде потисната со Христова благодат, не на слаб, неодлучен начин, туку со цврста намера и одлучност да го направиме Христа за свој пример. Насочете ја својата љубов кон оние нешта кои Исус ги сакал, и одбегнувајте ги оние работи кои не ги зајакнуваат вашите благородни намери.“ – That I May Know Him, p. 135.


Петок 19. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што треба да ни даде надеж и храброст додека непријателите подготвуваат заговор против нас?

2. Како Валам бил искористен да ги просветли народите во врска со Христа?

3. Зошто Израелците биле лишени од Божја заштита на границите на Ханан?

4. Зошто е мошне важно да не се препуштаме на гревот на сензуалноста?

5. Како можеме своите мисли да ги одржиме чисти?

 <<    >>