Недела
31. мај
1. ПРЕМИНОТ ПРЕКУ ЕДОМ ОДБИЕН
а. Која порака му ја испратил Мојсеј на царот на Едом, и каков одговор добил? Броеви 20:14-18.
„Едомците биле потомци на Аврам и Исак и за љубов на тие свои слуги, Бог им укажал милост на децата на Исав. Им ја дал гората Сир, и никој не смеел да ги вознемирува сѐ додека тие сами поради своите гревови не останат надвор од досегот на Неговата милост.“ – Патријарси и пророци, 423.
б. Како водачите на Израел ја повториле својата молба до царот на Едом и каков бил неговиот одговор? Броеви 20:19,20. Кој пропуст од страна на Израелците му овозможил на сатаната значајна предност во ова негативно искуство?
„Но Израелците не постапиле веднаш според Божјото упатство и додека се жалеле и протестирале, поминала златната прилика.“ – Патријарси и пророци, 423.
Понеделник
1. јуни
2. СМРТТА НА АРОН
а. Наместо да поминат низ земјата Едом, по кој пат тргнале Израелците? Броеви 20:21,22; 21:4.
б. Кога Израелците дошле до гората Ор, што им рекол Бог на Мојсеј и Арон? Броеви 20:23-26.
„Многу години Мојсеј и Арон стоеле рамо до рамо во своите напори и грижи. Заедно се изложувале на безброј опасности и заедно ги уживале видните Божји благослови; а сега настапил миг да се разделат. Оделе мошне полека, зашто секој миг од преостанатиот заеднички живот бил драгоцен. Искачувањето по стрмната гора напредувало мачно, и бидејќи често морале да застануваат за да се одморат, зборувале за минатото и за иднината... Во срцата на тие луѓе немало ниту трага од чувство на незадоволство; нивната уста не покажувала никакво негодување. Но на лицето сепак им се забележувала сериозна тага кога би си спомнале за тоа што ги исклучило од наследството на нивните татковци.“ – Патријарси и пророци, 425.
в. Која свеченост го пратила пренесувањето на првосвештеничките одговорности од Арон на Елеазар, и колку долго тагувал Израел за Арон? Броеви 20:27-29.
„Со длабока болка Мојсеј ја соблекол од Арона светата облека и му ја облекол на Елеазар кој, со божествено именување, станал негов наследник. Поради својот грев во Кадис, Арон бил лишен од предимството во Ханан да ја продолжи својата првосвештеничка служба во ветената земја да ја принесе првата жртва и со тоа да го посвети наследството на Израел. Мојсеј како водач на народот требало да продолжи да го носи товарот сѐ до границата на Ханан. Ќе му биде дозволено само од далеку да ја види ветената земја , но не и да стапи во неа. Колку поинаква би била иднината на Божјите слуги кога, стоејќи пред карпата во Кадис, без мрморење би го поднеле искушението што наишло на нив! Лошото дело никогаш не може наполно да се исправи. Се случува цел живот да не може да се надомести она што е загубено во еден единствен миг на искушение или непромисленост.“ – Патријарси и пророци, 426.
Вторник
2. јуни
3. ПОРАЗ НА ЦАРОТ АРАД
а. Кој го нападнал Израел веднаш по смртта на Арон, и каков бил исходот? Броеви 21:1-3.
„Набргу по напуштањето на гората Ор, Израелците претрпеле пораз во битката со еден од хананските цареви по име Арад. Но кога сериозно го побарале Бога, Тој им укажал помош, па ги победиле своите непријатели. Таа победа, наместо да ги исполни со благодарност и да ги наведе да почувствуваат колку многу зависат од Бога, кај нив разбудила чувства на гордост и самоувереност.“ – Патријарси и пророци, 427,428.
б. Наместо да му бидат благодарни на Господ, на која навика Израелците повторно се вратиле? Броеви 21:4 (последен дел), 5.
„Не поминало многу време и тие, според својот стар обичај, пак почнале да се бунат. Им било криво што израелската војска пред четириесет години, по бунтот поради лошите извидници, не влегла веднаш во Ханан. На својот долг престој во пустината гледале како на непотребно одложување, сметајќи дека и во тоа време можеле исто толку лесно да ги победат сите непријатели како и сега.
Патувајќи натаму кон југ, наишле на жешка и песочна долина во која не можеле да најдат никакво растение ниту сенка. Патот им се чинел долг и тежок, а ги мачел умор и жед. И пак не успеале да му одолеат на искушението пред кое биле исправени верата и трпението. Сѐ повеќе се одделувале од Бога затоа што постојано гледале само на мрачната страна на своите искуства. Го загубиле од вид фактот дека би биле поштедени од обиколувањето околу Едом кога кај Кадис, каде што водата престанала да им тече од камен, не би се бунеле. Срцата требало да им бидат исполнети со благодарност кон Оној кој толку благо ги казнувал. Наместо тоа, вообразувале дека веќе би биле во ветената земја кога Бог и Мојсеј не би се вмешале. Иако самите си создале тешкотии и својата судбина ја отежнале повеќе отколку што Бог замислувал, го обвинувале Бога за сета своја несреќа. Главите до таа мера им биле полни со горчливи мисли во врска со Божјото постапување со нив, што најпосле станале незадоволни со сѐ и сешто. Им се чинело дека Египет е подобар и поугоден од слободата и од земјата во која ги водел Бог.“ – Патријарси и пророци, 428.
Среда
3. јуни
4. НАПАДНАТИ ОД ЗМИИ
а. Поради неоправданото мрморење на народот, што дозволил Господ да влезе во израелскиот логор? Броеви 21:6.
„Бидејќи живееле под закрила на Божјата сила, тие и не ги забележувале безбројните опасности што постојано ги опкружувале. Во својата неблагодарност и неверство постојано ја споменувале смртта, и сега Господ дозволил смртта да дојде. Змиите отровници, што претставувале вистинска напаст за пустината, се нарекувани огнени змии поради страшното дејствување на нивниот отров кој веднаш предизвикувал воспаление и брза смрт. Бидејќи врз Израелците не почивала веќе Божјата заштитничка рака, мнозина од народот биле нападнати од овие отровни созданија.
Во целиот логор завладеал страв и метеж. Речиси во секој шатор се нашол по некој мртовец или болен на претсмртна постела. Никој не се чувствувал сигурен. Често ноќната тишина ја нарушувал продорен крик, најавувајќи нови жртви. Сите се труделе да се најдат околу болниот или да си ги заштитат оние кои уште не биле погодени. Сега од нивната уста не се слушнала никаква поплака. Во споредба со моментните страдања, поранешните тешкотии и искушенија не биле ниту вредни да се споменат.“ – Патријарси и пророци, 429.
б. Што направил народот кога сфатил дека Господ го казнува поради нивното бунтовно однесување, и каков лек бил обезбеден? Броеви 21:7-9.
„Бог му наредил на Мојсеј да направи змија од бронза која ќе личи на жива змија и да ја подигне на мотка високо среде народот. Секого што би го каснала змија, требало само да погледне во оваа змија од бронза и веднаш да оздрави...
Народот добро знаел дека силата што може да предизвика таква промена не се наоѓа во змијата од бронза. Моќта на исцелување можела да дојде само од Бога. Тој во својата мудрост одбрал токму таков начин за да ја покаже својата сила. Благодарение на тоа едноставно средство, народот бил наведен да сфати дека токму со својот сопствен грев упаднал во тоа зло. Истовремено добиле ветување дека нема причина да се плашат сѐ додека му се послушни на Бога зашто Тој ќе ги сочува.“ – Патријарси и пророци, 430.
Четврток
4. јуни
5. ЛЕК ЗА ГРЕВОТ
а. Кого го претставувала бакарната змија? Јован 3:14,15; Амос 5:4.
„Израелците го спасувале својот живот со тоа што би погледнале во подигнатата змија. Меѓутоа, тој поглед во себе содржел и вера. Останувале живи затоа што верувале во Божјиот збор и во средството предвидено за нивно исцелување. Така и грешникот може да гледа во Христа и да живее. Со вера во жртвата на помирување тој добива проштавање. За разлика од безживотниот симбол, Христос има во себе и сила и моќ да му помогне на грешникот кој се кае.“ – Патријарси и пророци, 431.
б. Од кого и како единствено можеме да бидеме излечени? Псалм 103:2,3; 1. Петрово 2:21,24.
„Ако ја увидуваме беспомошноста на нашата положба без Христа, не смееме да паднеме во малодушност, туку мораме да се потпреме врз заслугите на распнатиот и воскреснат Спасител. Погледни и живеј! Исус ни дал свој збор; Тој ќе ги спаси сите оние што доаѓаат кај него. Иако милиони на кои им е потребно исцелување ќе ја отфрлат неговата понудена милост, ниеден што ќе ги прифати неговите заслуги нема да пропадне.“ – Патријарси и пророци, 432.
„Иако грешникот не може да се спаси со своја сила, тој сепак мора нешто да преземе за да си обезбеди спасение. Христос вели: ‘Оној што доаѓа при мене нема да го истерам надвор’ (Јован 6:37). Значи, ние мораме да дојдеме кај него; и ако се каеме за нашите гревови, мораме да веруваме дека Тој ќе не прими и ќе ни прости. Верата е дар од Бога, но од нас зависи дали ќе ја оживотвориме.“ – Патријарси и пророци, 431.
Петок
5. јуни
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Зошто Едомците не биле уништени во тоа време?
2. Што можеме да научиме од искуството на Мојсеј и Арон за далекусежните последици од само едно дело?
3. Кој образец на размислување доведува до мрморење?
4. Кој единствен лек бил обезбеден против каснувањето од змија? Каде се наоѓала моќта на исцелувањето во бакарната змија?
5. Каде треба да гледаме за да се спасиме од гревот? Што уште е вклучено во гледањето?